Ќе има ли правда за Кочани: Од Змиско око, Т предметите на СЈО, Монструм и Диво насеље – Каков е историјатот на масовните судски случаи?
Објавено во: Анализа 19 Ноември, 2025 07:44
Денес почнува судењето за најголемата трагедија во поновата македонска историја, за згаснатите 63 животи во Кочани, во импровизираната дискотека „Пулс“, кога пожар предизвикан од пиротехнички средства на 16 март ја обви земјата во црно.
По три месеци истрага, 30 маршеви на родителите и блиските на настрадните во пожарот во Кочани, и протести на граѓаните за расветлување на случајот и одговорност на сите инволвирани, едно прашање надвиснува над предметот во кој има 34 обвинети физички лица и три правни лица, меѓу кои поранешни директори, министри, градоначалници, инспектори и државни службеници – ДАЛИ ЌЕ ИМА ПРАВДА?
Што вели досегашната историја за масовни судски предмети?
Обвинението за трагедијата во Кочани подготвено од 15 обвинители кои работеа на истрагата е напишано на речиси 200 страници, се планира да бидат сослушани речиси 300 сведоци и да се изведат речиси 1.500 докази.
Судењето ќе се одвива во новата дигитална судница во склоп на затворот Идризово во Скопје, како најмодерна и најдобро опремена судница која ќе ја користи Кривичниот суд. Таа има капацитет за спроведување на масовен број на обвинети, адвокати и обвинители како во овој предмет, но истовремено да ги прими сите претставници на јавноста кои одблиску ќе го следат спроведувањето на судската постапка.
Уште пред да биде одобрено обвинението од страна на судот, бројни правни експерти во јавните настапи укажуваа дека оваа процедура има опасност да трае со години, поучени од искуствата од минатото.
Змиско око беше меѓу првите масовни судски предмети во поновата македонска судска пракса. Обвинението за злоупотреба на патарините опфати десетици лица, а постапката траеше речиси две децении, а заврши неславно без пресуди за организиран криминал, туку само за злоупотреба на службена должност, и тоа само за дел од обвинетите.
Овој случај беше критикуван поради должината на постапката и продолжените притвори на обвинетите, од кои дел добија и пресуди од Судот за човекови права во Стразбур дека им било нарушено правото на судење во разумен рок и пуштање на слобода во текот на постапката.
Силен потрес врз темелите на правосудството се случи и со предметот „Монструм“. Тогашниот опозициски лидер Зоран Заев додека ги објавуваше „бомбите“ укажа дека постојат прислушкувани материјали за великденскиот масакр врз четирите деца од Радишани и рибарот од Црешево кај Смилковското езеро.
Тоа предизвика огромен сомнеж во јавноста дека обвинетите и осудените лица за тероризам всушност не се вистинските сторители. Процедурата беше вратена од почеток, но во повторената постапка не беа изведени нови докази кои би фрлиле ново светло врз случајот. Судот ги потврди доживотните затворски казни за директните сторители на масакрот, но тие и натаму се во бегство во Косово, од каде пак со години одбиваат да ги екстрадираат во Македонија.
Случајот „Диво насеље“ исто така од политички причини создаде раздор во јавноста и недоверба во правосудните органи. Што всушност се случи во кумановското предградие, дали имало нарачка вооружената група да влезе во градот, дали контактирале со припадници на македонските безбедносни служби и со претставници на политички партии? Сите овие прашања никогаш не добија конечен и единствен одговор, а политичарите потоа и заборавија на кумановските настани, без оглед на непоправливата штета врз македонското општество и нарушената доверба во судските инстанци.
Довербата во судството беше нарушена и со „Т“ предметите кои ги водеше СЈО. „Титаник“, „Таргет-Тврдина“, „Транспортер“, „Тортура“ и уште многу други требаше да го расветлат владеењето на како што се велеше „режимот на Никола Груевски“ и злоупотребите од челниците на ВМРО-ДПМНЕ во 11 годишното владеење. Сепак, многу од постапките кои ги водеше СЈО пред судовите се влечкаа со години, рочиштата беа одложувани до недоглед, а само дел од обвинетите завршија со правосилна судска пресуда. Повеќето од обвинетите екс-функционери завршија или со застарување на делата или со неправосилни пресуди.
Случајот „Кочани“ е оквалификуван како долгогодишно игнорирање на проблемите од страна на институциите на системот и непостапување на надлежните преку сериозно навлегување на корупцијата. Истовремено трагедијата на изгубените млади животи е преголема и претешка за еден мал град како Кочани, за една мала земја како Македонија.
Правдата во овој случај е неопходен императив, за корекција на трулиот систем и корумпираните поединци кои имаат име и презиме и конкретна одговорност за трагедијата, за повеќе вакви трагедии да не се повторат, но и сторителите да се соочат со „мечот на Јустиција“. Х.С.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





