ЌЕ СЕ АКТИВИРА ЛИ ПОВТОРНО БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ ВО ПОЛИТИКАТА – тој вели, останувам настрана
Објавено во: Македонија 20 Јануари, 2021
Дали поранешниот шеф на државава и екс лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, повторно ќе се активира во политиката? Ова прашање станува деновиве повторно актуелно, откако влеговме во годината кога ќе се одржат локалните избори. Да, тврдат за Фактор неколку различни извори, кои се добро упатени во случувањата на политичката сцена во земјава.
Во изјава за Фактор, пак, Црвенковски децидно демантира дека е вклучен во какви било политички активности, и како што вели, останува на ставот да не коментира актуелни политички случувања во земјава.
Овие кругови објаснуваат дека мотив за политичкиот камбек на Црвенковски наводно било неговото незадоволство од начинот на кој сегашното раководство на СДСМ, на чело со лидерот и премиер Зоран Заев, управува и се справува со големите политички, здравствени и економски проблеми со кои се соочува државата.
Впрочем, фактот дека не му се допаѓа начинот на кој неговиот некогашен партиски соработник го менаџира прашањето за односите со Бугарија, Бранко Црвенковски неодамна и го откри на целата македонска јавност, во допис кој им беше испратен на социјалдемократите, но пораката се однесуваше на сите граѓани на земјава. Тогаш почесниот петседател на СДСМ кажа дека го замрзнува своето членство во партијата, се додека водечките партиски луѓе, но и целата партија, не се оградат од интервјуто на Заев дадено за бугарската новинска агенција Бгнес. Но, судејќи по нивните постови на фејсбук во кои се определија за храброст и за европска иднина на државата, сега врвните социјалдемократи покажаа дека ја заземаат страната на Заев.
Инаку, нашите извори уште велат дека Црвенковски би се вратил на политичката сцена веќе на локалните избори кои во земјава ќе се одржат наесен. Според овие кругови, Црвенковски би настапил со независни листи, кои би им биле вистинска конкуренција на листите за градоначалници и советници на неговите некогашни сопартијци од СДСМ.
Се зборува дека околу Црвенковски веќе се формира извесна политичка групација, која ја сочинуваат личности кои биле или се уште се дел од СДСМ, но не се задоволни од актуелните политики што ги спроведува сегашното раководство на партијата предводено од лидерот Зоран Заев. Меѓу нив, како што се шпекулира, би можел да се најде и градоначалник на една од скопските општини, кој не бил во најдобри односи со сегашното раководство.
Црвенковски, пак, како и вообичаено, не сака да дава повеќе детали во јавноста.
На инсистирање на Фактор да одговори дали сите овие гласини се точни, од Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски го дадоа следниов одговор.
„Поранешниот претседател Бранко Црвенковски останува на ставот да не биде вклучен во било какви политички активности и да не ги изразува своите ставови во јавноста за актуелните збидувања во македонското општество“, се вели во одговорот кој го добивме од Кабинетот на Бранко Црвенковски.
Таму објасни дека во изминативе седум години решил да не биде на било каков начин присутен во политичката јавност во Македонија. За тоа имало две причини, прво, додека СДСМ беше во опоззиција, не сакал на било кој начин да биде дополнителен повод за напади врз партијата, а второ, откако СДСМ формираше Влада, за да не се доведе во ситуација да се конфронтира или јавно да критикува некои политики и постапки на, како што напиша, неговата партија, иако, вели, такви ситуации имало во повеќе наврати.
„Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина, ако не се случеше скандалозното интервју на премиерот и претседател на нашата партија, Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв“, напиша Црвенковски.
Натаму, Црвенковски им напиша на неговите сопартијци дека Зоран Заев е претседател на СДСМ и нивна задача е да ја намалат штетата колку што е можно повеќе.
„Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ.До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ, го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, напиша Црвенковски во своето јавно обраќање.
Но, ова обраќање на некогашниот фронтмен на партијата како да наиде на затворена врата во партијата. Оттаму се испрати официјално соопштение како одговор, но уште вечерта по писмото на Црвенковски, функционерите од владејачката СДСМ,кои држат и водечки државни позиции, меѓу кои и заменик претседателката Радмила Шекеринска застанаа во одбрана на нивниот лидер Зоран Заев. Тие објавија свои постови преку официјалните фејсбук профили во кои му искажаа полна поддршка на лидерот Зоран Заев, каде главна идеја водилка е дека во земјава сега се најважни европските аспирации, околу кои треба да се обединиме сите во државава.
А, тогаш должен не му остана и самиот Заев, велејќи дека членството на Црвенковски во СДСМ е одамна замрзнато, но и дека секој во партијата може да свика Централен одбор. Тој ја упати можеби најострата порака која досега ја изрекол кон неговиот некогашен партиски лидер и поранешен шеф на државата Бранко Црвенковски. Порача дека посакува земјава да имала поранешен претседател како Стипе Месиќ, кој, пак, како што е познато, ги коментира важните општествени случувања во Хрватска, наспроти молкот на Црвенковски.
„Посакувам да имаме поранешни претседатели и премиери кои ќе бидат активни чинители во општеството“, рече Заев.
Прашан дали разговарал со Бранко Црвенковски, по неговото соопштение со сериозна критика, Заев рече дека не разговарал, туку дека реагирала неговата партија со соопштение кое претходно и тој го видел, го искоординирле и го пуштиле во јавност. На прашањето дали тоа го доживеа како нож во грб, Заев со одговор.
„Не. Го доживеав како демократско право. Еден дел ми беше специфичен. Бившиот премиер и бившиот претседател на државата се обрати кон социјалдемократите. Тој треба да се обрати кон граѓаните и да ги каже своите ставови.... Во интервјуто вели дека замрзнува нешто. Мислам, замрзнато е тоа одамна, не е сега замрзнато. Јас очекувам да имам претседатели живи и здрави овде во државата коишто ќе бидат како еден Стипе Месиќ, коишто ќе бидат како, не знам, Јосиповиќ, коишто ќе бидат активни чинители, ќе бидат коректив, ќе градат свои ставови, ќе кажуваат свои ставови. Јас го доживеав тоа како демократско право. Но, апсолутно, нормално потврдив, дека секој може да свика Централен одбор. Централниот одбор, кај нас, овие прашања ги има претресувано неколку пати“, рече Заев во интервјуто.
Инаку, на седница на Централниот одбор одржана на 5 јануари годинава, СДСМ донесе одлука дека оваа година ќе бира претседател на непосредни избори, со можност за гласање на секој член. Со оваа одлука, според соопштението од партијата, таа дополнително се демократизира и подобрува, за уште подобро да им служи на граѓаните.
„Оваа година, претседател на партијата ќе се избира на непосредни избори, со можност за одлучување, гласање на секој член. Во оваа насока започнува постапка за ажурирање на базата на податоци и регистрација на членовите на СДСМ.
Целиот процес ќе се води од најмалите организациони единици на СДСМ, од Месните организации, па се до најголемите единици и највисоките партиски органи, преку транспарентна постапка“, се нагласи тогаш во партиското соопштение.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.