Ќе се проширува булеварот од студентски дом „Гоце Делчев“ до „Порта Влае“
Објавено во: Македонија 20 Октомври, 2023
Градот Скопје отпочнува со проектирање на ново сообраќајно решение за прошурување на булеварот „Теодосиј Гологанов“ од крстосницата кај студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Тафталиџе, преку улица Војвода Васил Чакаларов до крстосницата со булеварот „Ѓорче Петров“ кај Порта Влае.
Станува збор за проект кој пред граѓаните бил ветуван со децении, а за истиот досега не била изготвена ниту проектна документација. Проектот за проширување на новиот урбанистички проект за линиска инфраструктура предвидува изработка на проект во сите фази, поточно сообраќаен проект, инсталации за јавно осветлување, водоводна, фекална и атмосферска канализација, со сите подземни и надземни инсталации.
„Со проширувањето и изградбата на булеварско решение со 4 коловозни ленти и изградба на нов мост на реката Вардар, сообраќајниот метеж на оваа делница значително ќе се намали, а воедно ќе се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот“, соопштува Град Скопје.
Булевар Митрополит Теодосиј Гологанов заедно со булевар Партизански одреди се главните сообраќајни артерии во овој дел од градот, како и главната влезна артерија кон централното градско подрачје од западниот влез на Скопје.