ЌЕ СЕ СПАСАТ ЛИ КОНЕЧНО ПОТРОШУВАЧИТЕ ОД „ЗАМКИТЕ“ НА ТРГОВЦИТЕ, новиот закон наскоро пред народните избраници
Објавено во: Економија 23 Јуни, 2022 07:20
Право на задоволување на основните потреби, достапност кон основните и нужни стоки и услуги, како храна, облека, обувки, домување, здравствена заштита, образование и хигиена, потоа право на безбедност, кое преставува заштита од стоките и услугите што се штетни за животот, здравјето, имотот или животната средина, како и од стоките чие поседување или употреба се забранети. Право на информираност, располагање со точни податоци и информации што се неопходни за разумен избор на понудените стоки и услуги, како и право на избор, според прифатливи цени и со соодветен квалитет.
Ова се само мал дел од одредбите во рамки на новиот предлог Закон за заштита на потрошувачите кои деновиве го најави министерот за економија, Крешник Бектеши. Законот наскоро треба да се најде во Собрание, каде што за него ќе дискутираат пратениците, а предлагачите бараат тој да биде разгледан по скратена постапка.
- Со овој закон се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите чија област на дејствување е остварувањето на целите на заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи, тела и други носители на заштитата на правата на потрошувачите, како и други прашања од значење за положбата и заштитата на правата на потрошувачите – се наведува во законското решение.
Главните цели на предлог законот се подобро информирање и едуцирање на потрошувачите за нивните права, како и обезбедување на потрошувачите со инструменти за брзо решавање на споровите, подобро остварување на правата на потрошувачите преку ефективен надзор на пазарот, како и зајакнување на независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите, на улогата на локалната и регионалната самоуправа во реализација на политиката за заштита на потрошувачите.
Законот предвидува право на правна заштита, а со посебен член е предвидено оти при примена на одредбите на овој закон мора да се земе предвид положбата на потрошувачот како економски послаба страна, а особено положбата на ранливите потрошувачи.
- Овластени тела за заштита на колективни интереси и права на потрошувачите се здруженија, фондации, установи или други организации кои се основани согласно закон, кои во рамките на својата регистрирана дејност се занимаваат со заштита на правата на потрошувачите и имаат овластување за заштита на колективни интереси и права на потрошувачите согласно овој закон, при што можат да покренат постапка за заштита на колективни интереси и права на потрошувачите против физичко или правно лице кое со вршење на одредена дејност или воопшто со постапување или пропуштање потешко ги повредува или сериозно ги загрозува колективни интереси и права на потрошувачите – се наведува во законот.
Законот предвидува посебна точка - „Потрошувачкиот приговор“, со кој е утврдено секоја претставка или поплака со која што потрошувачот пријавува повреда на правата што ги има врз основа на овој закон, на друг пропис или на договор, кој го доставува до трговецот.
Исто така со законот е предвидено трговецот на потрошувачот да му ги даде, на јасен, видлив и читлив начин, преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава, сертификат и/или на друг соодветен документ, целосни и корисни информации забелезите, квалитетот, начин на употреба и функционалноста на стоките или услугите. Исто така и за влијанието на одредени стоки или услуги врз животната средина и животот, здравјето и благосостојбата на луѓето, како и за мерките за заштита, согласно важечките прописи и стандарди и името или називот, географската адреса и другите податоци значајни за определување на идентитетот на трговецот.
- Трговецот е должен информациите на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот – се наведува во законот.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета




