ЌЕ СЕ СТОПИРА НЕКОНТРОЛИРАНОТО ПУШЕЊЕ ВО ЛОКАЛИТЕ И КАФЕАНИТЕ - Пазарниот инспекторат пак е на терен, внимавајте, казните се многу високи
Објавено во: Македонија 17 Јануари, 2023
Ќе дојде ли крај на „раскалашаното“ пушење, кое во послдениве години „цутеше“ во речиси сите угостителски објекти во земјава, со разно разни изговори, од тоа дека објектот е тераса, или некаков вид на заградена бавча, што во никој случај не беше тоа, а и со правење на своевидни проветрувања одвреме навреме.
Но, факт беше дека речиси секаде се пушеше, а кога ќе си дојдевте дома од забавите во клубовите, локалите или од посетите на кафеаните, вашите алишта без исклучок мирисаа на чад од цигари.
Многу граѓани до Пзараниот инспекторат испратиле бројни претставки токму за пушењето во затворени простории, а новиот директор на таа институција, според нашите сознанија, решил да стави крај на неконтролираното пушење во објектите. Или, со еден збор, законите да се почитуваат, а цигарите да се пушат онаму каде што им е местото, надвор од затворените простории.
Токму во последниве денови имало сериозни контроли врз основа на Законот за заштита пушење низ многу угостителски објекти во земјава.
Фактор постави прашање до Пазарниот инспекторат дали можат да ни дадат детали колку контроли се направени, што е најдено, колку казни има, колкави се казните, и кои стриктно услови треба да ги почитуваат угостителите.
За период од пет дена, направени се дури 200 инспекциски надзори. Дури 56 прекршоци се утврдени, велат од Пазарниот инспекторат, и се издадени прекршочни налози.
„Во текот на изминатата недела односно во период од 10.01 – 14.01.2023 година беа извршени над 200 инспекциски надзори на територија на Република Северна Македонија, во согласност со надлежностите на Државниот пазарен инспекторат, кои произлегуваат од Законот за заштита од пушење. За време на надзорите утврдени се неправилности односно непочитување врз основа на член 2 и член 3 од Законот за заштита од пушењето, за што се издадени 56 прекршочни платни налози“, велат за Фактор од Државниот пазарен инспекторат.
А казните, не се воопшто мали.
Според Законот, казната за угостителскиот објект, односно правното лице кое ќе биде фатено дека таму се пуши во затворени простории, е од 2.000 до 4.500 евра, а за одговорното лице од 500 до 1.000 евра.
Но, нема да куртулат ниту самите гости кои ќе бидат „уловени“ дека пушат во затворена просторија. Односно, за физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект ќе биде казнето со 100 до 300 евра, во денрска противвредност.
Го прашавме Пазарниот инспекторат и дали овие контроли ќе продолжат и дали повторно ќе биде забрането пушење во рестораните и другите објекти, или ќе има одвоени делови каде што ќе може да се пуши.
„Државниот пазарен инспекторат постапува по над 80 закони и подзаконски акти и Одлуки донесени од страна на Владата, меѓу кои и Законот за заштита од пушењето. Поради зголемениот број на пријави од страна на граѓаните за пушење во јавните простории, согласно член 2 од Законот за заштита од пушењето, напоменуваме дека согласно член 3 од истиот Закон, пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично) па согласно тоа, Државниот пазарен инспекторат како и до сега така и од сега ќе продолжи со интензивни контроли врз субјектите со цел контрола врз почитувањето на законските одредби“, објаснуваат за Фактор од Пазарниот инспекторат.
Токму фактот што казните се навистина високи, треба да ги замисли угостителте дали ќе си дозволат да бидат „фатени на дело“, и санционирани. Токму тоа и е одговорот на нашето прашање како овие казни би се одразиле врз бизнисот на угостителите.
„Напомнуваме дека казните се високи па токму затоа даваме апел и известување до правните субјекти врз кои се врши контролата, законот да се почитува, а граѓаните доколку забележат прекршување на овој Закон, да го искористат своето законско право, поднесувајќи пријава до Државниот пазарен инспекторат“, се вели во одговорот што го добивме од Државната пазарна инспекција.
Откако беше разрешена Анета Симеска Димовска, од неодамна ДПИ има нов директор, односно на местото прв човек на Инспекторатот сега е Горан Трајковски.
Н.Н.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.