16 Декември, 2025
0.0663

ЌЕ СИ ОСТАНЕ СКОПЈЕ БЕЗ СВОЈА ГРАДСКА БОЛНИЦА: Имаат големи амбиции за ГОБ „8 Септември“, но не и за болниците во другите градови

Објавено во: Македонија 10 Февруари, 2025 07:42

Добивај вести на Viber

ГОБ „8 Септември“ со години е важен дел од здравствениот систем на Скопје, болница на која се потпираат илјадници граѓани. Сега, најавата дека токму таа ќе се трансформира во регионален центар за Скопје, Куманово и Велес предизвика лавина реакции кај граѓаните и вработените.

Иако многумина ја сметаат за најдостапна алтернатива на Клиничкиот центар, ГОБ „8 Септември“ и самата се соочува со долги листи на чекање, особено за одредени специјалистички прегледи и хируршки интервенции. Токму затоа, најавата дека болницата можеби ќе покрива и пациенти од Велес и од Куманово отвори прашања, дали ова ќе значи уште поголем притисок. И покрај тоа што властите уверуваат дека ова ќе донесе подобрување во здравствената заштита, многумина се прашуваат дали „8 Септември“ има капацитет да одговори на зголемениот број пациенти. Соочена со хроничен недостаток на кадар, ресурси и простор, болницата веќе долго време работи на граница на своите можности. Дали сега ќе стане преоптоварена?

Граѓаните стравуваат дека со оваа промена, Скопје ќе остане без вистинска градска болница. Велес и Куманово имаат свои медицински установи, па зошто пациентите од тие градови би се пренасочувале кон „8 Септември“? Дали ова ќе значи подолги листи за чекање за жителите на главниот град?, ова се само дел од прашањата на скопјани.

Идејата ќе создаде хаос и подолги листи на чекање
„Скопје веќе е пренаселен град, секојдневно се соочуваме со огромни сообраќајни метежи, недостаток на паркинг места и преполни амбуланти. Наместо дополнително да се оптовари здравствениот систем овде, Владата треба да инвестира во болниците во Велес и Куманово, за пациентите да добијат квалитетна здравствена заштита во своите градови. Оваа идеја не само што нема да го реши проблемот, туку дополнително ќе создаде хаос и подолги листи за чекање,“ вели 42-годишниот Марко П. од Каропош.

„Не можам да сфатам како Владата смета дека ова е добро решение. ГОБ ‘8 Септември’ веќе работи со преполни капацитети, а ако станe регионален центар, тоа само ќе значи дека скопјани ќе останат без својата градска болница. Овој град заслужува модерен Клинички центар, со најсовремени услови, а не импровизации со постоечките болници, посочува 35-годишната Јана Д. од Црниче.

„Секојдневно гледаме како луѓето од Скопје чекаат со месеци за прегледи и интервенции. Ако сега тука почнат да доаѓаат и пациенти од други градови, ситуацијата ќе стане уште полоша. Подобро е парите да се вложат во Велес и Куманово, да им се набави опрема и да се вработат лекари таму, за да не мора луѓето да патуваат, а не да се зголемува хаосот во Скопје. На овој град му треба нов Клинички центар, а не пренамена на болници, вели 57-годишниот Драган С. од Капиштец.

Од друга страна, вработените во болницата се загрижени за условите во кои ќе работат. Дали постоечките капацитети се доволни за зголемен обем на работа? Што ќе се случи со ургентните случаи? Има ли план за дополнителен кадар и инвестиции во инфраструктурата?

Секојдневно во ГОБ „8 Септември“ доаѓаат пациенти од сите градови на Македонија, не само од Велес и Куманово

„Работам тука веќе десет години и секогаш сме се соочувале со недостаток на персонал. За време на пандемијата, ГОБ „8 Септември“ беше столбот на здравствениот систем – имавме и по 1.000 пациенти, работевме во исклучително тешки услови, но издржавме. И сега, секојдневно примаме пациенти од цела Македонија, не само од Скопје, Велес и Куманово. Се прашувам како ќе се справиме со уште поголем наплив на пациенти, кога веќе сега едвај постигнуваме, нагласува еден од болничарите во градската болница“

„Велат дека болницата има неискористени капацитети, не знам на што конкретно се мисли. Во болницата недостига и кадар и опрема, па ако сакаат да нè направат регионален центар, прво нека ни обезбедат нови вработувања и подобри услови за работа. Наместо да се прошируваме, треба да се фокусираме на задржување и привлекување на кадар. Трба да инвестираат во болницата и  да вработат нови лекари и друг медицински персонал, вели една од медицинските сестри во ГОБ „8 Септември“.

Инаку, директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, минатава недела, презентирајќи го буџетот за 2025 година соопшти дека засега не се планира изградбата на новиот клинички центар, напротив, се размислува постоечкиот да се растовари со тоа што се размислува ГОБ „8 Септември“ да стане регионален центрар за Скопје, Велес и Куманово.

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

СДСМ избра нови потпретседатели

СДСМ избра нови потпретседатели

Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план

Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план

МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците

МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците

Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет

Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет

ФОТО: Надградба наѕира на кровот на МНР

ФОТО: Надградба наѕира на кровот на МНР

Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето

Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето

Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?

Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?

Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски

Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски

СДСМ претстави антикорупциска платформа „МИЦКО“

СДСМ претстави антикорупциска платформа „МИЦКО“