Кога ќе наидете на „мирни води“ знајте дека е време за промени - интервју со Владимир, Филип и Димитар
Објавено во: Македонија 26 Февруари, 2024
Дигиталната агенција Пиксел во 2023 година одбележа 10 години од своето основање. По цврстото позиционирање на пазарот како доверлив партнер за стратешки, креативни и консалтинг решенија за потребите на компаниите од најразлични индустрии, низ годините Пиксел прерасна во full-service компанија која во широкото портфолио на услуги денес вклучува и дигитален и традиционален маркетинг. Нивните креативни решенија континуирано го привлекуваат вниманието на локалната и регионалната публика, како и на маркетинг професионалците коишто се приклучуваат на нивниот тим.
Во ова интервју разговараме со ко-сопствениците на Пиксел: Филип Ристевски, партнер и Генерален менаџер, Владимир Ристевски, партнер и Креативен директор и Димитар Јовевски, партнер и Генерален директор за развој на бизнис.
Со тројцата партнери зборуваме за потеклото, мисијата и визијата на компанијата, нивната пазарна стратегија, предизвиците со кои се соочуваат за време на економските промени, креативниот идентитет и нивното гледиште за новите трендови и технологии. Преку нивните одговори откривме како се трансформира и расте една дигитална маркетинг компанија на овој пазар.
Филип, како партнер кој е задолжен за менаџирањето со компанијата, Вие играте клучна улога за нејзиното позиционирање на пазарот. Можете ли да ја споделите приказната за иницијалната каписла за раѓањето на Пиксел?
Филип: Пиксел има всушност два родендени. :) Првиот е поврзан со регистрирањето на компанијата во март 2011 година, кога имавме идеја за развој на дигитален продукт. Во период од точно 2 години испробување да се дојде до МВП решение кое може да се понуди на пазарот и работејќи паралелно повеќе работи, почнавме да добиваме барања од наши познаници за вршење услуги во дигиталната сфера.
Тогаш барањата се базираа на креирање содржина и водење на профили на социјални мрежи, креирање и одржување на веб страници, како некои основни услуги кои земаа во тоа време сѐ поголем замав.
Во таква ситуација некако природно увидовме потреба на пазарот да се појави компанија која наместо да биде продуктно ориентирана, ќе се насочи во нудење на дигитални услуги од сферата на маркетингот, дизајнот и девелопментот, со што се врзува и вториот роденден на Пиксел, а тоа е 1 април 2013 година како официјален старт со работа како услужна компанија. Ова е официјалниот „роденден“ што го прославивме минатата година.
Но, она што е најважно во приказната за „раѓањето“ на Пиксел е основниот порив - да направиме нешто свое кое ќе биде препознаено и ќе функционира на начин на којшто со моите партнери би сакале да функционира. Една здрава работна средина со фокус на луѓето пред сѐ, и понуда за клиентите како додадена вредност во сферата на дигиталните услуги.
Декадата ја одбележаа сериозни економски тектонски поместувања, меѓу кои и пандемијата, ефект кој силно се почувствува во Вашата индустрија. И покрај огромните финансиски предизвици, како компанија успеавте не само да ги стабилизирате и амортизирате ефектите, туку и да продолжите со растот и развојот. Како успеавте во ова?
Филип: Како компанија која работи со многу клиенти на домашниот пазар се соочувавме со еден друг тип на предизвици од оние кои својата дејност ја вршат на светскиот пазар. Можеби имавме и малку среќа што до тој момент бевме повеќе насочени кон дигитални услуги, кои за волја на вистината во времето на пандемијата беа тип на услуги кои компаниите мораа да ги развијат за безмалку да опстанат на пазарот, па согласно тоа имавме донекаде предност пред оние кои нудеа во поголем дел традиционални услуги, пред сѐво делот на маркетингот и дизајнот.
Благодарение на ставот дека во време на криза се инвестира, ние успеавме во овој период да пораснеме и не само да го дуплираме, туку и за три пати да го зголемиме бројот на вработени и приходи. Влеговме со понуда на повеќе традиционални активности по барање на задоволните клиенти, што нѐ позиционираше во една поинаква компанија на македонскиот пазар нудејќи широко портфолио на дигитални и традиционални услуги.
Низ годините, иако примарно функционираше како дигитална маркетинг агенција, Пиксел прерасна во full-service компанија која во целосното портфолио на услуги вклучува и дигитален и традиционален маркетинг. Дали овој спој дојде спонтано или беше предмет на развојната стратегија?
Димитар: Спонтаноста е одлика на краткорочноста, стратегијата е одлика на планирањето. Како што созревавме како компанија, низ годините развивавме бизнис единици кои сметавме дека се потребни за новото време и технолошкиот напредок на работењето на компанијата.
Денес, под еден покрив имаме 3 бизнис единици кои се тесно поврзани помеѓу себе, а се во служба на клиентите за да им помогнеме да напредуваат во нивната дигитална зрелост преку развој на софтвер,дизајн (UI&UX) и маркетинг (традиционален и дигитален).
Во делот на маркетинг нашата клучна експертиза е во делот на дигиталните технологии, но во денешно време, во маркетинг сферата многу е важен интегрираниот/повеќеканалниот пристап кон крајните потрошувачи и токму ова е зоната каде планираме да инвестираме и да се развиваме во 2024 година.
Владимир, како креативен директор и партнер, вашата визија игра клучна улога во успехот на компанијата. Можете ли да ги споделите со нас креативните стратегии кои му помогнаа на Пиксел да развие свој креативен потпис кој добива и регионални признанија?
Мојата улога во обликувањето на креативната визија на Пиксел вклучува повеќеслојна стратегија, во која клучната улога ја игра нашата желба за раст и приспособливост. Секогаш кога ќе наидеме на „мирни води“ знаеме дека е време да направиме промени. А ние како менаџери промените најчесто ги започнуваме со наше лично дообучување и усовршување, што досега се покажа како успешна формула.
Токму затоа вложуваме и во обуки на тимот со кој заеднички ги препознаваме и применуваме трајните трендови. Нашата работна мантра е едноставна: прво мора ние да веруваме во нашите идеи, потоа ги обликуваме според потребите на проектот во препознатлив Пиксел стил, за на крајот да ги презентираме пред нашите клиенти.
Во овој процес клучни водилки за нас се научените лекции од претходните проекти и кампањи. Но, не застануваме тука, отворени сме да учиме и од туѓите лекции, па така често сме присутни на најразлични настани, посетуваме успешни компании во странство и соработуваме со консултанти.
Различната култура на Пиксел се провлекува и во работата со нашите клиенти, со кои градиме силни врски преку еден поинаков, консултативен пристап. А нивната доверба ни помага да работиме активно на нивно позиционирање кон надворешната јавност, но и на подобрување на внатрешните процеси преку дигитализација и автоматизација.
Која е Вашата порака за иднината, не само за Пиксел, туку за целата индустрија, еден корисен совет кој ќе го споделите во однос на достигнување дигитална зрелост?
Филип:Мојот совет би го насочил кон компаниите кои користат услуги во доменот на девелопментот, маркетингот и дизајнот, а тоа е да бидат похрабри и поопуштени во прифаќањето на она што доаѓа како предлог од нас што сме од другата страна на процесот, односно нудиме услуги. И нашата цел е да ги видиме нашите клиенти успешни на пазарот, затоа не треба да се плашат да прифатат новитети од експерти кои се тука за нив.
Владимир: Колку побрзо почнете да учите дигитална вештина, толку побрзо ќе ја сфатите убавината и неопходноста од истата. Не треба да сте експерт за сѐ, доволно е само да знаете од каде треба да почнете, а потоа е лесно кога ги разбирате работите и кога ја имате визијата. Тогаш сѐ што треба да направите е да нѐ побарате нас. :)
Димитар: Од индивидуален аспект - никогаш не престанувајте да учите и да работите на вашиот личен развој. А од аспект на вашиот бизнис, лично сум убеден дека синергијата секогаш е поголема од индивидуализмот!
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.