Кога се сака, се може: Од денеска кавадарчани на скијање на Кожуф
Објавено во: Македонија 01 Јануари, 2025
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, денеска го пушти во употреба скијачкиот центар „Михајлово“ во Кавадарци кој пред се ќе биде место за рекреација за најмладите.
Станува збор за место на 1.300 метри надморска височина на планината Кожуф, каде веќе под општината има детско одмороалиште. Патеката е долга 400 метри, а има и други реквизити и содржини за најмладите, како и посебна лента за учење на почетници.
- Одржувањето е на Општина Кавадарци, а во програмата за физичко образование младите ќе имаат бесплатно скиење и бесплатно учење на скијање, рече денеска Јанчев, при тоа додавајќи дека инвестицијата е влог во здрава нација.
Местото е оддалечено околу 35 километри од Кавадарци, а според локалната самоуправа има потенцијал и за понатамошен туристички развој со ресторанско и хотелско работење и индивидуални сместувачки капацитети.
До скијачкиот центар организиран е превоз од Кавадарци, од страна на јавното претпријатие „Градски превоз“. Повратен билет ќе чини 280 денари.
Деновиве, во „Михајлово“ имаше интензивни врнежи од снег. Се очекува Центарот да биде омилена дестинација за туристи. свд/бак/