КОИ СЕ ПЕТТЕ СТРАТЕШКИ ИНВЕСТИТОРИ - Заев најавува брза лента за нив, какви поволности ќе добијат
Објавено во: Економија 28 Ноември, 2019
Владата на својата последна седница утврдила предлог-закон за стратешки инвестиции за проекти од јавен интерес.
За него не беа дадени многу информации, освен дека целта му е да привлече стратешки инвестиции, а оние што ќе сакат да добијат статус на стратешки инвеститори ќе мора да вложат минимум 100 милиони евра на територија на земјава, а помали суми во општините. Од Владата наведоа и дека овој закон е во согласност со регулативата на ЕУ за вакви инвестиции.
„Целта на овој закон е поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во земјава, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит...“, се вели во соопштението.
Од Владата се досега не дадоа попрецизни информации, но затоа повеќе детали кажа премиерот Зоран Заев во гостувањето на ТВ Шења.
Тој објасни дека на владина седница поминал закон со кој се отвара патот на пет нови мега инвестиции од странски компании, а целта на законот е да се обезбеди брза лента за странските големи инвеститори.
Заев откри дека секоја од нив во земјава ќе инвестира по стотина и повеќе милиони евра, а сето тоа доаѓа благодарение на членството во НАТО која дава сигурност на гигантните инвеститори.
„Денеска на Влада го поминавме законот за стратешки инвестиции, кој дава брзи ленти на големите инвестиции, имаме пет со по 100 милиони, 140 милиони, 200 милиони, 240 и 350 милиони евра. Тоа се пет конкретни инвестиции кои се надеваме дека ќе одат по таа брза лента“.
Секако, додаде, преговараме во моментов и големи други инвеститори, кои го очекуваат НАТО статусот, а треба конечно да ги донесат одлуките. Тоа се големи придобивки, кои ќе ја кренат економијата, а стандардот ќе порасне со квантен скок.
А од Владата соопштија дека во предлог законот за стратешки инвестиции, за проекти од јавен интерес, како стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат оние со кои ќе се реализира инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на земјава, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, Градот Скопје и скопските општини, и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
„Предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина, и тоа за проекти за енергетиката со инфраструктурата, транспорт и телекомуникации, туризам, преработувачка индустрија, земјоделство, прехранбена индустрија, здравство, индустриски и технолошки паркови, управување со отпадни води и отпад, информатичко-технолошки зони, спорт, наука и образование, како и за градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои имаат во својот состав повеќе од една од наведените области“, се вели во соопштението.
Предлог законскиот текст не може да се најде на платформата ЕНЕР, каде власта вообичаено ги става првичните верзии на законите, врз основа на кои во одреден период чека забелешки, па потоа го крои финалното решение. Од Владата уште нема официјален одговор за повеќе детали за законот.
Владини извори единствено брифираат дека во игра да го добијат статусот стратешки инвеститори ќе бидат и приватни компании, и тоа и домашни и странски, но и јавно-приватни партнерства, што значи дека одредени државни органи ќе можат да влегуваат во партнерства со приватни инвеститори, за да се соберат доволно средства за тие стратешки проекти. Како стратешки инвестиции ќе се сметаат и проекти кои се предложени и финансирани од државни органи.
Владата ќе објавува јавни повици, на кои ќе се поднесуваат барања за добивање статус на стратешка инвестиција. Според сознанијата, ќе се формира специјална владина Комисија, која ќе цени колку се исполнети условите од тие што конкурирале, односно кој ќе добие статус на стратешки инвеститор. Но, конечниот збор ќе го кажат народните избраници, бидејќи на крај Собранието ќе ги усвојува владините предлог одлуки за стратешки инвестиции.
Засега нема информации како ќе се мотивираат тие стратешки инвеститори, односно дали домашните и странските компании би добле одредени поволности или екстра субвенции за да влезат во такви инвестиции.
Инаку, овој предложен законски текст произлегол од Генералниот секретаријат на Владата, што значи дека таа ќе биде предлагач на законските новини.
( Н.Н.Ф.)