КОЈ ДИРЕКТОР ЗАРАБОТУВА 79.000 ЕВРА БРУТО ГОДИШНА ПЛАТА?
Објавено во: Економија 12 Април, 2024 08:40
Добивката на Македонската берза за хартии од вредност лани е 6 пати помала во споредба со 2022 година. Добивката на берзата е двапати пониска од годишната бруто плата на нејзиниот извршен директор. Оваа уникатна фирма со 13 вработени за бруто плати лани издвоила над 305.000 евра и тоа е најголема ставка во структурата на трошоци. При тоа бруто платата на извршниот директор е над 6.500 евра месечно, а просечната бруто плата за другите вработени е помалку од 1.580 евра месечно.
Македонската берза за хартии од вредност лани изгубила 27 отсто од приходите од провизии за тргување во однос на 2022 година, покажуваат нејзините официјални податоци објавени на следниот линк
Во тие услови добивката на Македонската берза за хартии од вредност лани е шест пати пониска во споредба со 2022 година. Профитот на оваа уникатна компанија, единствен во Македонија оператор на пазарот за капитал, лани изнесува само 35.000 евра. Приходите од продажба во 2023 година биле 532.000 евра и тоа е за речиси 200.000 евра помалку од 2022 година.
Но финансискиот резултат на Берзата не е пречка нејзиниот извршен директор на земе годишна бруто плата (со вклучени надоместоци) во износ од 79.000 евра за цела 2023 година.
Само за споредба, годишната бруто плата на извршниот директор Иван Штериев лани е 2,2 пати поголема од добивката што под негово водство ја остварила компанијата што тој ја предводел.
Кога се анализираат расходните ставки на Македонската берза се гледа дека најголем трошок се вработените. За нивните бруто годишни плати и надоместоци компанијата издвоила 305.700 евра. За сите останати оперативни трошоци се платени 181.000 евра, а за надомест за работењето Берзата на регулаторот на финансискиот пазар КХВ му ислатила 106.000 евра.
Берзата лани имала 13 вработени. А кога се анализираат трошоците за вработените очигледно е следново: просечна плата по вработен со исклучок на директорот е 1.574 евра по вработен. Просечната месечна бруто плата на Штериев била 6.566 евра. Разликата е повеќе од евидентна, а бруто исплатениот износ за Штериев во вкупниот износ за плати учествува со 26 отсто.
Но едно на Штериев треба јавно да му се признае. Тој е еден од ретките, а веќе можеби и единствен директор на акционерско друштво кој го почитува Законот за трговски друштва и не ја крие, туку јавно ја објавува својата плата во годишниот ревидиран финансиски извештај. И по овој критериум Македонската берза е за пример.
Само за потсетување, најголем акционер во Македонската берза е Загребската берза која поседува 30 отсто од акциите. Најголем домашен акционер е „Шпаркассе банка“ со 19,5 отсто од сите акции со право на глас. „Комерцијална банка“ поседува 10 отсто, Стопанска банка Скопје има 9,9 отсто, а НЛБ Банка има 6,1 отсто, а друштвото што управува со отворени инвестициски фондови има 5,5 отсто. ЦКБ Банка и УНИ Банка имаат по 5,3 отсто од акциите.
Р.Ф.Можеби ќе ве интересира
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета




