КОЈ ДОБИ СПЕЦИЈАЛЕН ПОПУСТ ЗА НЕШТО ПОВЕЌЕ АКЦИИ ОД КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА - одеднаш платени 413 илјади евра, еве колку е заштедата
Објавено во: Финансии 20 Февруари, 2024
Веќе и не е вест дека инвеститорската јавност е се повеќе „возбудена“ околу акциите на Комерцијална банка, но вест е кога некој ќе добие акции по цена многу пониска од онаа по која тие редовно се тргуваат на Македонската берза, но и од цените по кои се остваруваат блок трансакции со акциите на таа банка.
Вчерашниот берзански ден го одбележа една многу интересна блок трансакција со акциите на Комерцијална банка, и тоа по две работи. Првата е дека во тој блок се истргува многу поголема количина акции од оние поситни акционерски пакети кои вообичаено поминуваат на Македонската берза, а втората е ниската цена по која акциите му беа продадени на соодветниот инвеститор, кој и да беше тој.
Па така, на една од вкупно двете блок трансакции со акциите на Комерцијална, на однапред познат купувач му беа продадени вкупно 2.000 акции, што е значајно повеќе од претходните пакети кои поминуваат на берзата.
Исто така, треба да се спомене и фактот што тој купувач ќе платеше многу повеќе пари доколу ги купеше акциите по кои тие редовно се продаваат на берзата, или околу 16.500 денари овие денови, но истиот тој купувач ги плати акциите по цена неверојатно пониска од вообичаената, а таа е 12.700 денари за акција.
Ова значи дека тој купувач, кој засега не и е познат на пошироката македонска јавност, за овие 2.000 акции платил вкупна сума од нешто над 413 илјади евра, а доколку и за него важела истата цена како и за сите други инвеститори, тој за истите овие акции ќе плател околу 537 илјади евра.
Значи, заштедил околу 124 илјади евра благодарение на пониската цена на акциите. Но, во пазарна економија секој инвеститор има право да одлучи по која цена ќе ги продаде своите акции. Тоа е можеби поради фактот што некому итно му требале средства, а и поради тоа што нашол купувач кој бил подготвен одеденаш да ја плати оваа не така мала сума од близу половина милион евра. Или можеби, се работи за некој стар договор за кој во моментов немаме доволно информации.
Она што е исто така интересно да се спомене е дека овој акционерски пакет повторно е многу минорен во однос на вкупниот број акции кои ги има издадено Комерцијална банка. Или, тој изнесува нешто помалку од 0,1 отсто од вкупниот акционерски капитал на нашата најголема банка.
На Берзата вчера помина уште еден блок со акциите на Комерцијална банка, со тоа што се продадоа многу помалку акции, односно количина од 120 акции, по цена повисока и од редовната берзанска, односно по 16.700 денари, со тоа што овој купувач, кој можеби е истиот а можеби и не е, платил вкупна сума од нешто помалку од 33 илјади евра.
Инаку, на редовниот берзански пазар, она што го одбележува тргувањето во последниве два дена е благо намалување на цената. Па така, вчера просечната цена по која се тргуваа акциите на Комерцијална банка беше 16.452 денари, откако во петокот таа беше 16.504 денари, а еден ден претходно, кога беше пикот, цената на акцијата била 16.675 денари.
Инаку вчера на редовното тргување е продадена количина од 262 акции на Комерцијална банка, помалку од претходните денови.
Според вчерашната последна состојба на ЦДХВ, и натаму најголем акционер и единствен со над пет отсто во Комерцијална е Адора на бизнисменот Ванчо Чифлиганец, со 14,99 отсто од акциите.
Инаку, во последниве денови членови на Надзорниот и на Управниот одбор на банката, се стекнаа со по 100 акции.
Горан Антевски, член на Надзорниот одбор на Комерцијална банка, се стекнал со 100 акции од банката, известија оттаму. Ова следува откако и двајца членови на Управниот одбор и директори во банката, Илија Илоски и Билјана Максимовска, купија, исто така по 100 акции од банката.
Според цената по која се купуваат акции на банката на Берзата, дали на редовното тргување, дали преку блок трансакции, излегува дека за овие пакети од по 100 акции, се платени суми меѓу 25 и 27 илјади евра.
Кога раководството на некоја компанија купува акции од неа, тоа значи дека има доверба во успешноста на бизнисот, како и во перспективите на тоа акционерско друштво.
Акцијата на Комерцијална банка, исто така, неодамна во еден исти ден доживеа со неа да бидат направени четири блок трансакции. Нивната вкупна вредност беше 225 илјади евра, што можеби не се големи пакети, но, постигнатата цена кај сите овие блокови беше 16.300 денари за акција.
Комерцијална банка минатата година беше најуспешна банка во земјава, остварувајќи профит од над 58 милиони евра.
Во јануари Комерцијална банка беше
најтргувана акција на Берзата, а со неа се сврте промет од над два милиони
евра.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.