Кој е крал за државни тендери: 100 милиони евра за 13 години
Објавено во: Економија 10 Август, 2021
Тендерот кој го доби струмичката градежна компанија „Жикол“ е најголемиот од сите тендери за кои се склучени договори од почетокот на годината до сега. Станува збор за изградбата на крстосници во Скопје, за што Град Скопје ќе плати 18,5 милиони евра
Најголемите десет тендери, распишани од државни органи, претпријатија или единици на локалната самоуправа заедно вредат 108 милиони евра, покажуваат официјалните податоци за јавните набавки.
Меѓу најголемите тендери, очекувано според обемот на работите, четири се за ископ на јаглен во најголемата термоелектрична централа во земјава – РЕК Битола, два се за набавка на медикаменти за јавното здравје, два се на Град Скопје и еден на државното претпријатие кое стопанисува со државните патишта. Само еден од десетте тендери е распишан од мнозински поседувана приватна компанија.
Највредниот тендер во првите осум месеци годинава го распиша Градот Скопје и се однесува на патна инфраструктура во Скопје, поконкретно за изградба на крстосници за патен сообраќај, за кој Фактор веќе пишуваше.
Овој тендер е вреден 18,5 милиони евра со вклучен ДДВ, а епитетот цар за тендери за овој период го носи струмичката градежна компанија „Жикол“, сопственост на Живко Колев.
На последниот тендер на Град Скопје конкурирале две компании, од кои добитна е „Жикол“. Според евиденцијата од 2008 година до сега Жикол во повеќе наврати добил договори од државата или од локални самоуправи во вкупна вредност од безмалку 100 милиони евра.
Битолската градежна компанија Пелистер доби тендер за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола, во рудникот Брод – Гнеотино, во вредност од 12,8 милиони евра.
Набавката на инсулин за македонските дијабетичари е трета по вредност набавка за првите осум месеци годинава и изнесува 12,6 милиони евра. Овој тендер го доби фирмата Феникс фарма.
Во најголемите пет тендери од почеток на година до сега уште две битолски компании. И двете добија работа од РЕК Битола за идентични суми и за услуга – ископ на инвестициска откривка во два рудници за јаглен за потребите на термоцентралата. Вредноста на договорите е по 11,5 милиони евра , а работата ја добија Марковски компани и РУД-КОП.
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.