КОЈ ИЗВИСИ ЗА РЕГРЕСОТ ЗА ГОДИШЕН ОДМОР ЗА МИНАТАТА ГОДИНА - до Трудовиот инспекторат стигнале претставки за 110 фирми, трудовите инспектори на терен
Објавено во: Економија 31 Јануари, 2023 07:55
Иако е законска обврска, не сите работници во земјава го добиле регресот за годишен одмор, или популарно наречениот К15. Дел од нив лани останале без своите минимум 12.500 денари, колку што требаше да легнат на нивните конта до крајот на минатата година.
Заради тоа што извисиле, вработените поднеле претставки до Државниот инспекторат за труд, по што сега трудовите инспектори ќе мора да излезат на терен и да ги испитаат причините зошто не бил исплатен регресот, и првично да ги опеменат несовесните работодавци да ги извршат исплатите, а потоа и да им изречат соодветни глоби за сторените прекршоци.
Според неофицијалните информации до кои дојде Фактор, во врска со К15 до Државниот инспекторат за труд биле испратени над 140 претставки од работници, но со оглед што имало преклопување на неколку случаи, всушност точната бројка е дека се испратени претставки за 110 компании.
Засега нема информации за какви точно претставки станува збор, во смисла дали не бил исплатен воопшто регрес за годишен одмор, или, пак, дали била исплатена само делумна сума од минимално законски предвидената, или, пак, К15 им бил исплатен на работниците, а потоа работодавачите ги терале работниците „под маса“ да го вратат добиениот износ.
Нема податоци во кој сектор се фирмите каде што не е исплатен регресот за годишен одмор.
За разлика од овие работници, поголем дел од вработените лани во земјава го добиле регресот, што е логично со оглед што не се испратени претставки до Државниот трудов инспекторат.
Износот на К-15 е различен секоја година и зависи од движењето на просечната нето и бруто плата во државата. Тој изнесува 40 проценти од висината на просечната плата на ниво на државата на денот кога е донесена одлуката за исплата на регресот за годишен одмор. За минатата година регресот изнесуваше околу 12.500 денари.
А, за лани со К15 се „омрсија“ и околу 12 илјади административци. Односно, согласно со гранскиот Колективен договор за вработените во јавниот сектор, К15 за лани им следувашеи на вработените во органите на државната управа, судството и општините.Но, за нив беше утврден фиксен износ на регрес за годишен одмор, односно 9.000 денари, кој го зедоа 12 илјади вработени, а не целата државна администрација.
Вработените, пак, што не ги добија заслужените пари, имаа право веќе на првиот работен ден од годинава, да поднесат претставка до Трудовиот инспекторат, и тоа или преку формите на веб страницата на ДИТ, со тоа што е овозможена анонимна пријава од познат подносител, преку кол центарот на ДИТ, или лично да се поднесе пријава во некоја од најблиските подрачни единици на Инспекторатот.
Од ДИТ на крајот на минатата година ни изјавија дека претставките по основ на неисплатен регрес за годишен одмор во јануари годинава ќе имаат приоритет за Инспекторатот и таа институција ќе постапува по нив многу доследно и одговорно.
За оние работодавачи кои не исплатиле К15, како прва инспекциска мерка, е да им се издаде решение со опомена и наредба да го исплатат регресот, а ако тие и тогаш не постапат и не ја извршат исплатата, им се изрекува прекршочен платен налог. Значи тие во овој случај одговараат прекршочно и им се изрекува глоба за сторениот прекршок, чија висина зависи од големината на фирмата.
Доколку, пак, работодавачот им ја исплати К15 на работниците и потоа ги тера да му ги враќаат парите, и ако се утврди дека тој тоа навистина го сторил, тој газда кривично ќе одговоара, за што настапува МВР, се разбира во асистенција со ДИТ. Ако потоа низ постапка се утврди дека тој го сторил кривичното дело, работодавачот може да биде казнет и со казна затвор. Но, како што велат од ДИТ, тоа е веќе работа на Обвинителството, а не на нивната институција.
Според искуствата на Трудовата инспекција, кога ќе им издадат наредба на работодавачите да исплатат К15, тие најчесто постапуваат и го вршат плаќањето, но има и случаи кога некои работодавачи не реагираат на опомените, па мора да одговараат прекршочно.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Добро платени работни места за луѓе кои мразат состаноци
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност




