КОЈ ЌЕ БИДЕ ЧАИРСКИОТ КЕНЗО ТАНГЕ: Османи и Меџити во судир на архитектите, со поглед кон централната власт
Објавено во: Анализа 27 Август, 2025 13:07
Чаир е дефинитивно една од најинтересните општини на овие избори, кои донекаде се и досадни ако резултат е веќе однапред познат, иако во политиката ништо не е готово до последното избројано гласачко ливче. Победникот во Чаир може да биде предзнак и за иднината на владината коалиција, особено ако ДУИ и нивниот Европски фронт си ја „вратат“ скопската општина под контрола, и со тоа да го зголемат притисокот врз ВЛЕН како партнер на ВМРО-ДПМНЕ од албанскиот фронт што ќе води кон одржување предвремени парламентарни избори.
Двата табора одговорија на најозборуваната тема – дивоградбите во Чаир и неконтролираната урбанизација – со свои светски познати архитекти. Изет Меџити, повеќекратен градоначалник на Чаир и сегашен вицепремиер го одбра Бајрам Вардар, истакнат турски архитект кој е роден во Скопје, а Бујар Османи, поранешниот прв дипломат, го одбра Мишел Ројкинг меѓународно признат архитект со бројни награди.
Така, политичката кампања во Чаир доби една поинаква димензија, наречена главен план за општината, нешто налик на планот на јапонскиот архитект Кензо Танге по катастрофалниот скопски земјотрес, кога градот требаше одново да се изгради. Но, сега разликата е во тоа што Чаир, општина со релативно мала територија, е веќе густо изградена и искористена е речиси секоја слободна парцела, небаре архитектите на ВЛЕН или ДУИ ќе имаат бришан простор на располагање за нова урбана целина.
„Досегашната кампања, каде акцентот беше ставен на дивоградбите и одговорноста за нив, ја покажува стратегијата на двете страни да ја преземат улогата на „чистител“ и застапник на урбанистичките права на жителите. Овој фокус го прави изборот не само политички, туку и „живеачки“ за граѓаните, бидејќи директно се однесува на нивниот секојдневен живот и животната средина“, анализира за Фактор новинарот и колумнист Дестан Јонузи.

Колку е значајна општина Чаир на претстојните избори меѓу албанската власт и опозиција, односно коалициите ВЛЕН и Европски фронт, и како ја оценуваш досегашната кампања каде фокусот беше ставен претежно на дивоградбите и за тоа кој е одговорен за нив во изминатиот период?
„Општина Чаир има огромно значење на овие избори, бидејќи е една од клучните албански општини во Скопје, со голем број жители кои традиционално го формираат гласачкото тело на албанските партии. Победата или загубата во Чаир може да ја сигнализира силата и влијанието на ВЛЕН и ДУИ и нејзината коалиција, и да биде индикатор за поширокиот политички тренд меѓу албанските гласачи“, смета Јонузи.
Османи и Меџити ангажираа странски архитекти со кои ќе ја развиваат визијата за иднината на општина Чаир. Станува збор за една од најгусто населените општини во Европа, со мала површина и над 70.000 жители, а во последните десетина години и рапидна урбанизација. Дали е можеби предоцна за таква „визија“ за Чаир, но и чив архитект има поголеми шанси за победа на овие избори?
„Ангажирањето на странски архитекти за визија за Чаир е позитивен сигнал, бидејќи ја покажува намерата на кандидатите да вложат во долгорочно планирање и урбанистички редизајн. Сепак, за таква густо населена и веќе силно урбанизирана општина, реализацијата на визијата е голем предизвик и може да се смета како доцен чекор, особено ако инфраструктурните проблеми се итни. Во однос на политичката шанса, победата нема да зависи само од архитектот или визијата, туку и од кредибилитетот на кандидатите, нивната способност да ја комуницираат визијата, како и нивната теренска присутност и база на поддршка. Архитектурата и урбанизмот можат да бидат привлечни за граѓаните, но тие сами по себе немаат моќ да донесат победа без силна организација и доверба на теренот“, вели Јонузи.
Сепак, политички би било наивно да се верува дека само архитектонските планови се доволни да се убедат гласачите. Освен за урбанизам и просторно уредување кои се главните проблеми во општина Чаир, на што најмногу ќе внимаваат гласачите во октомври, и дали самата кампања е доволна за убедување на гласачкото тело или ќе биде пресудна силата на теренот меѓу двете коалици?
„Покрај урбанизмот и дивоградбите, главните проблеми во Чаир вклучуваат инфраструктура, социјални услуги, безбедност, зеленило и управување со комунални услуги. Гласачите ќе бидат внимателни на конкретни решенија за овие прашања, како и на досегашните достигнувања или неуспеси на кандидатите. Самата кампања е важна за креирање перцепција и медиумска видливост, но во густо населена и активна општина како Чаир, пресудна е силата на теренот: личниот контакт, мобилизацијата на гласачите, активностите во локалните заедници и директното убедување на граѓаните. Кампањата може да ја отвори дебатата, но реалната способност за организација и присуство на теренот често ја одредува конечната победа“, заклучува Јонузи.
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





