КОЈ, КОГА И ДО КОГА ЌЕ ГО КОРИСТИ ОДМОРОТ - познати сите детали за вработените и од јавниот и од приватниот сектор
Објавено во: Економија 08 Април, 2020
Владата конечно се изјасни околу тоа како годишните одмори ќе ги користат вработените во јавниот сектор.
На својата вчерашна седнива таа донела Уредба со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба.
Во владиното соопштение се вели дека согласно оваа Уредба, вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај годинава, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата.
За овие вработени не е наведено до кога мора да ги искористат првите две недели од новиот одмор за годинава, односно нема одредба дека тоа мора да се стори до крајот на јуни 2020 година, како што тоа беше одредено за приватниот сектор.
Додека, пак, за оние вработени во јавниот сектор кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, Уредбата утврдува дека неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година, ќе им се смета за искористен.
За разлика од овие вработени, оние што се сега најангажирани поради коронакризата, и стариот и новиот одмор од две недели ќе треба да ги искористат заклучно до крајот на годинава.
„По исклучок од оваа Уредба, за работниците во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, јавните здравствени установи, царинските службеници, единиците за противпожарна територијална заштита, во инспекциските служби, како и лицата што работат во старечките домови, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година, кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице во Министерството“, се вели во владиното соопштение.
А од Министерството за труд и социјална политика за Фактор ја разјаснија и дилемата за тоа како одморите ќе треба да ги користат вработените во приватните фирми.Имено, обврската според која преостанатите денови од годишниот одмор за минатата година треба да се искористат заклучно со крајот на мај, а две недели од одморот за 2020 година да бидат искористени до крајот на јуни, за приватниот сектор ќе важи само за компаниите и за работниците што се опфатени од времените мерки на Владата.
Тука спаѓаат работниците кои имаат мали деца до 10 години, оние што имаат хронични болести, или, пак, имаат забрана или немаат можност да ја вршат својата дејност. Овде најверојатно влегуваат туристичките работници, угостителите, вработените во хотелите, како и други што овој период не можат да ги извршуваат своите работни задачи.
„Во наведениот член на Уредбата е наведено дека истатa се однесува за вработените во приватен сектор кои се опфатени од времените мерки. Ова значи дека сите работници кои се офатени по било кој основ од мерките (на прмер нега и грижа на дете до 10 годишна возраст, хронични болести, забрана или неможност за вршење на дејноста во наведениот период и друго) треба да го користат годишниот одмор согласно Уредбата, имајќи го во предвид работниот процес и потребите на работодавачот“, објаснуваат од Министерството за труд и социјала.
При тоа, додаваат, треба да се има во предвид дека и работодавачите кои користат економски пакети, под одредени услови, можат да имаат работници кои се опфатени со мерките, поради што одредбите од Уредбата се однесува и за нив.
„Со оглед на тоа што во неа е превидено одредбата да се однесува на опфатените работници со времени мерки, а нивното отсуство од работа е оправдано, во интерес на работодавачот ќе биде на тие работници да им овозможи користење на годишниот одмор во утврдениот период“, велат од ресорот за труд и соцјала.
Сепак, оттаму нема прецизен одговор на нашето прашање дали оваа уредба, со оглед што има законска сила, ќе биде задолжителна за сите опфатени фирми, односно нивните работници да мораат така да ги користат одморите, или, пак, ќе остави на газдите сами да одлучат, па доколку сакаат да им овозможат на своите работници и подоцна во текот на годината да заминат на одмор.
Од Министерството за труд не сметаат дека со оваа владина Уредба работниците се обесправени, односно не мислат дека таа не е праведна.
„Сметаме дека работниците не се обесправени, туку им се дава можност стекнатото право на годишен одмор, согласно Законот за работните односи, да го искористат во утврдениот период, се со цел полесно да се справат со проблемите со кои се соочуваат работодавачите и работниците во периодот на превенција од ширење на Коронавирусот КОВИД-19. Решението утврдено со Уредбата е во интерес и на работниците и на работодавачите“, потенцираат од ресорот за труд и социјала.
МЕРКА ЗА КОЛКУ ШТО Е МОЖНО ПОДОЛГО ГАЗДИТЕ ДА НЕ ОТПУШТААТ
Откако беше објавена Уредбата, од Сојузот на синдикатите на Македонија за Фактор изјавија дека оваа мерка била договарана со цел газдите на приватните фирми, колку што е можно подолго да не ги отпуштаат работниците поради економската криза.
„Тоа, всушност, требаше да биде еден вид заштита, првична работа пред работниците да се пратат на платен принуден одмлор, каде што ќе земаат по 70 отсто од платата. Всушност, на тој начин требаше да се одоброволат газдите на приватните фирми да посегнуваат веднаш по отпуштање на работниците“, изјави Дарко Димовски, прво човек на ССМ за Фактор.
Според него, членот 3 треба да важи за сите вработени во приватниот сектор, без разлика дали ги користат времените мерки или одат на работа. ССМ стравува дека некои несовесни работодавачи нема да им го дадат годишниот одмор за 2019 година, повикувајќи се на членот 3 од Уредбата, каде се вели дека таа е само за работниците кои ги користат времените мерки, т.е, за нега на дете до 10 години, хронично болните и бремените жени.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.