КОЈ ОДРАБОТИ НАЈДОБРО ОД ПЕНЗИСКИТЕ ДРУШТВА: Пандемијата не ги „чепна“ парите на иднитe пенизионери
Објавено во: Економија 18 Февруари, 2021
Со над 1,4 милијарди евра располагале приватните пензиски друштва на крајот на минатата година. Трите друштва кои управуваат со пензиски фондови во задолжителниот втор пензиски столб и доброволниот, трет пензиски столб во годината која ќе биде запаметена по историската пандемија и значајната економска криза успеале да го подобрат резултатот – да ги зголемат приносите и вредноста на парите кои ги чуваат во име на осигурениците. Фактор прави анализа за тоа како им успеало и како ја завршија ланската година овие три друштва – КБ Прво пензиско друштво, Сава пензиско друштво и Триглав пензиско друштво. Сите имаат по еден пензиски фонд во задолжителниот втор столб и по едно во третиот доброволен каде Триглав пензиско друштво се уште нема членови. Најдобар резултат има КБ Пензиско друштво – а анализата е направена на споредба на големината на средствата со кои располага, вредноста на сметководствената единица односно за колку пораснала вредноста на парите кои ги чувааат и ги множат за идните пензионери и приносите кои ги оствариле и во минатата година, а и од почетокот на функционирањето на приватниот пензиски столб.
ДОБАР „СКОР“ ЗА ЧЛЕНОВИ ВО ЗАДОЛЖИТЕЛНИОТ СТОЛБ
Поголем дел од средствата со кои располагаат пензиските друштва се пари на идните пензионери кои задолжително се распределуваат кон вториот столб, а 37,2 милиони евра се пензиски шеми во третиот доброволен столб. Согласно инвестициската стратегија друштвата остварија сепак различни резултати во работењето. Податоците покажуваат дека друштвата добро одработиле во сиот изминат период, но и сега во годината која беше пандемиска и во која кризата го зеде данокот. Бројките значат дека идните пензионери имаат правода веруваат во стабилноста на фондовите, парите се сигурни и се оплодуваат .
Заклучно со 31 декември лани во трите друштва кои ги чуваат и оплодуваат парите на идните пензионери во задолжителниот столб има 529.983 членови – 265.351 или дури 52 проценти од вкупниот број се во КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, а 247.122 се во Сава пензиски фонд. Останатите се во Триглав отворен задолжителен фонд. Бројот на членовите пораснал во однос на крајот на 2019 година за над 20.000 членови – во 2019 се 507.556.
Во истиот период пораснале и нето средствата со кои располагаат друштвата – Триглав пензиско друштво е најново на пазарот, а останатите две функционираат од воведувањето на пензиската реформа – тие се впрочем и најголемите конкуренти. Согласно концептот тие имаат приходи од придонесите на вработените кои се пензиски осигурени и дополнително од надоместоците кои ги наплатуваат. Кумулативно двете друштва располагаат со најголем дел од нето средствата во вториот задолжителен столб. На крајот на 2020 година Сава пензиски фонд располага со 40,5 милијарди денари (658,5 милиони евра), а КБ Прв отворен пензиски фонд со 45,6 милијарди денари (околу 742 милиони евра).
Во годината што помина и покрај исклучително тешките предизвици со кои се соочи економијата, сепак инвестициските стратегии во друштвата и во задолжителниот и во доброволниот дефинирале портфолио засновано на принципи кои обезбедиле заштита и раст на инвестираните средства како и ниски трошоци за инвестирање за да се максимизираат интересите на членовите.
Клучен показател за растот е вредноста на сметководствената единица која на стартот од работењето на фондовите вредеше сто денари. На крајот на минатата година сметководствената единица на Сава пензиски фонд е 220,7 денари, на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд е 227,6 денари што е највисока вредност меѓу трите друштва. Тоа значи дека уплатените 1.000 денариво 2006 година во моментов во тој фонд имаат вредност од 2.276 денари или 1276 денари е дополнителното зголемување. Вредноста на сметководствената единица на Триглав отворен задолжителен фонд е 101,6 денари. Споредбата со претходната година пак, покажува дека и покрај кризата вредноста пораснала – најмногу кај КБ Прво пензиско друштво. Тоа значи дека ова друштво успеало да ја зголеми вредноста на средствата на идните пензионери со најголем успех во 2020 година, се разбира во услови на криза. Слична е ситуацијата и кога се анализира приносот кои овие друштва го остваруваат. Освен Триглав отворен задолжителен фонд кој има само минимален номинален принос, другите две друштва забележале раст.
За седум години приносот на Сава пензиско друштво се зголемил за 5,54 проценти во номинален износ или за 4,84 роценти во реален износ. КБ Пензиско друштво има има подобар „скор“ и од овој аспект односно ако се споредува тој период од 2013 до 2020 гоидна фондот на ова друштво во задолжителниот столб остварил раст од 5,76 во номинален износ.
Триглав пензиско друштво има остварен принос на годишно ниво од 0,97 проценти во номинален износ или негативен принос од 0,49 проценти во реален износ.
Друштвата ги оплодуваат парите инвестирајќи ги во хартии од вредност - во акции и во обврзници. Во структурата најголемо учество имаат вложувањата во обврзници од домашни издавачи.
РАСТ И КАЈ ДОБРОВОЛНИОТ ФОНД
На крајот на 2020 година двете друштва кои управуваат со фондови во доброволниот трет пензиски столб располагаат со над 37 милиони евра. Тоа се доброволни пензиски заштеди на 26.016 лица. Десет години по воведувањето на можноста, толку луѓе доброволно штедат за пензија. Бројот на членови во Сава пензија Плус и во КБ Прв доброволен пензиски фонд впрочем во последните пет години бележи континуиран раст – или околу 30 отсто. На крајот на годината во КБ прв доброволен пензиски фонд се 14.951 членови додека во Сава се 11.065. Нето средствата со кои располага Сава пензија плус изнесуваат 18,5 милиони евра, додека КБ прв отворен доброволен фонд има 18,8 милиони евра. За десет години тие успеале да ја зголемат вредноста на сметководствената единица во просек за 90 денари што е одличен резултат. Приносот од почетокот до сега во реален износ кај Сава Пензија плус е 4,27 проценти или 5,82 во номинален износ, а кај КБ Прв доброволен пензиски фонд е 5,89 проценти во номинален износ.
Лицата кои членуваат во доброволен фонд може да уплатуваат на своите доброволни пензиски сметки сами, да уплатуваат на некое друго физичко лице или пак, правно лица да уплатува за нив, а парите може да се користат како дополнителна пензија. Законски овие пари може да се повлечат најрано десет години пред навршувањето на возраста на пензионирање која е законски определена – односно на 54 години за мажи и на 52 години за жени.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.