Која е нашата економска мајка? За осум месеци ни плати 2,5 милијарди евра!
Објавено во: Економија 13 Октомври, 2023
Дури 46 отсто од вредноста на целиот македонски извоз на стоки го плати и купи Германија. Тоа се безмалку 2,5 милијарди евра. Дури имаме и вишок во трговската размена со таа најголема европска економија вреден 1,7 милијарди евра. Освен со Германија, од најголемите 10 трговски партнери за овој период, вишок во трговската размена сме успеале да направиме само уште со Косово и Унгарија! Но збирните податоци покажуваат дека и покрај тоа што вкупниот наш увоз е помал за 8 отсто од лани сепак кусокот во трговската размена е 1,8 милијарди евра за осум месеци...
Македонската извозно ориентирана економија за првите осум месеци годинава успеала во Германија да извезе и продаде стоки вредни повеќе од 2,45 милијарди евра. Германија апсорбира 46 отсто од целиот македонски извоз за овој период и убедливо е на првото место на нашите трговски партнери од аспект на извозот.
Да биде приказната со добрата наша Германија идеална следува и другата половина која го прави филмот со среќен крај. Не само што имаме огромен извоз туку имаме и најголем суфицит во размената со економски најразвиената европска земја. Конкретно за првите осум месец ние сме во плус 1,7 милијарди евра од трговската размена со Германија. За разлика од Германија со сите други најголеми трговски партнери сме во минус од трговската размена на стоки.
Овој податок не е исклучок туку е правило на македонската извозно ориентирана економија. Германија повеќе од 20 години е нај најголем трговски партнер кој вбризгува најголем износ на девизи поточно евра во нашата економија затоа што во континуитет имаме плус од трговската размена односно народски кажано повеќе извезуваме одошто што увезуваме па ни остануваат девизи. Во случајов која ќе се удри црта просечно месечно од јануари до август вишокот е 215,4 милиони евра просечно месечно.
Од друга страна ние сме извозно зависни од најсилната европска економија и поради тоа има загриженост кај нашите „десижн мејкери“ секогаш кога германската економија е пред или е влезена во рецесија. Но да бидеме искрени не сме ние први на удар на германската рецесија. Зошто? Па затоа што најголем дел од структурата на нашите производи таму се со висок или барем пристоен квалитет и со конкурентни цени во споредба со конкуренцијата.
Како стоиме во трговијата со соседите?
Во најголемите десет земји трговски партнери на Македонија, дури четири се соседни земји. И тоа е многу прирордно и нормално да биде така. Од сите пет соседи недостига само Албанија. Најголем трговски партнер традиционално е јужниот односно соседна Грција. Главна причина за нивниот примат на листата е пред се увозот на моторни горива (дизел, керозин, бензини и ТНГ). Бројките покажуваат дека од Грција апсорбираме стоки во вкупна вредност од 712 милиони евра за првите осум месеци. Тоа е безмалку 10 отсто од целиот извоз. Најголем дел од тој увоз се за задоволување на нафтените потреби на фирмите и граѓаните на нашата земја. Доказ за тоа е и падот на врендоста на увозот во однос на истиот период лани за 21,5 отсто. Причината е генерално во тоа што цените на горивата се пониски од лани. Нашиот извоз во Грција за овој период изнесувал 213,4 милиони евра и пораснал за 14 отсто во споредба со лани. Најприсутни во структурата на извозот во Грција се тутунот, пијалоците, храната и стоки за широка потрошувачка. Кусокот во трговската размена со Грција е бемалку половина милијарда евра.
Втор најголем трговски партнер е Србија. Извозот таму на македонската економија и донел 254,6 милиони евра и пораснал за 13 отсто во однос на лани. Од таму пак сме увезле стоки во вредност од 444 милиони евра и тоа е за 13 отсто помалку од истиот период лани.
Трет најголем соседен трговски партнер останува Бугарија и покрај драстично влошените политички односи. Тие влијаеле негативно и на извозот и на увозот. Нашиот извоз таму паднал за 14,5 отсто и изнесувал 247 милиони евра. Тоа во голема мера е оловно – цинков концентрат од рудниците „Саса“ , „Тораница“ и „Злетово“. Нивниот увоз во Македонија вреди 311 милиони евра и во однос на лани е понизок за 26,4 отсто. Намалувањето во значајна мерка е резултат на пониските цени на струја што а увезуваме од таму и во помала мерка на фосилни горива.
Косово е десетиот најголем трговски партнер на Македонија и четврти најголем од петте соседни земји. За првите осум месеци таму сме извезле стоки вредни 256,1 милиони евра, а од таму сме внеле стоки вредни 67 милиони евра. Извозот останал ист како лани, а извозот е намален за 10,5 отсто. Косово по Германија е нашиот трговски партнер со кој имаме редовно голем суфицит во трговската размена. Овие осум месеци добро сме поминале и во размената со Унгарија каде имаме суфицит од 60 милиони евра, а сме пласирале стоки вредни 204 милиони евра.
Со кои земји најлошо тргуваме?
Од аспект на кусокот во трговската размена најлошо стоиме во трговијата со две светски супер економски сили. Едната е Велика Британија една од најголемите европски економии. Дефицитот во трговијата со нив изнесува 858 милиони евра и во значајна мерка тоа е заради увозот на репроматеријали за потребите на „Џонсон Мети“ најголемата компанија во Македонија, британска инвестиција.
Со светската економска супер – сила Кина исто така очекувано имаме голем трговски дефицит. Од таму за осум месеци сме увезле стоки вредни 637 милиони евра, за 6 отсто повеќе од лани. А истовремено сме извезле стоки вредни помалку од 70 милиони евра. Дефицитот е огромен, но за утеха е тоа што нашиот извоз во таа голема азиска земја е зголемен двојно во споредна со лани.Р.Ф.
foto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.