05 Декември, 2025
0.0330

КОЛКУ ДЕНА ДА ПРЕСТОЈУВААТ ВО ОХРИД, А КОЛКУ ВО СКОПЈЕ: Oва се дилемите на странците, водич ги советува како да испланираат

Објавено во: Македонија 29 Ноември, 2025 07:22

Добивај вести на Viber

Многу странски туристи во групите на социјалните мрежи бараат совет од македонските граѓани, колку дена им се потребни за разгледување на Охрид, колку за Скопје или за некој друг град.

Дел од нив пишуваат дека кратко планираат да останат во Охрид, а повеќе време да одвојат за главниот град, за што македонските граѓани ги разубедуваат и ги советуваат повеќе да се задржат на Охридското Езеро. За градови како Тетово, Крушево, обично планираат еден ден за посета. Туристичкиот водич Лиде Стојановска на странците им советува во Скопје да си резервираат две ноќевања и да посветат три дена за разгледување на градот.

„Првата препорака е пешачка тура низ централното градско подрачје: Скопско Кале, Старата Чаршија, црквите Св. Спас и Св. Димитриј, Камениот мост, Плоштад Македонија, Порта Македонија, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Феудалната кула, Црквата Св. Константин и Елена и Старата железничка станица. Во текот на првиот ден може да се посетат и повеќе музеи: Музеј на современа уметност, Музеј на Македонија, Археолошкиот музеј, Музејот на холокаустот, Музејот на македонската борба, Чифте амам, Даут-пашин амам и Музејот на Скопје. Вториот ден е резервиран за Кањонот Матка, манастирот Св. Пантелејмон во Нерези и комплексот Македонско село, како и Водно со Милениумскиот крст. Третиот ден се препорачува за Езерото Козјак“, вели Стојановска.

Таа на странците им порачува да не го одминат Кратово. Додава дека во ова гратче посетителите можат да останат 4 дена, односно да резервираат три ноќевања.

„Првиот ден опфаќа прошетка низ Кратово со дегустација на кратовско вино и пастрмајка, посета на Камените кукли и манастирот Св. Јоаким Осоговски. Вториот ден вклучува посета на црквите Св. Петка и Св. Јован во Туралево, праисториската опсерваторија ,,Цоцев Камен” и археолошкиот локалитет Големо Градиште (Транупара). Третиот ден е наменет за Музејот на ретки минерали во Пробиштип и прошетка низ Лесновскиот кратер со пештерите и манастирот Св. Гаврил Лесновски. Четвртиот ден завршува со посета на Старо Нагоричане и црквата Св. Ѓорѓи, како и мегалитската опсерваторија Кокино“, објаснува Стојановска.

На странците им советува за Битола да си планираат 2 ноќевања, односно 3 дена, со можност да ги посетат Прилеп и Крушево во тој период.

„Прв ден — Битола. Битола се открива со прошетка по Широк Сокак и уживање во кафе културата, проследено со посета на Старата битолска чаршија и Зелениот пазар. Потоа следи Хераклеа Линкестис — антички град со монументални мозаици и амфитеатар. Втор ден — Прилеп. Препорачливо е да се започне со Паркот на револуцијата, а потоа да се продолжи кон Марковите Кули, од каде се отвораат прекрасни панорами. Попладнето може да се посвети на манастирот Трескавец. Трет ден — Крушево. Највисокиот град во Македонија нуди впечатливи локалитети: Мечкин Камен и Македониумот. Посетителите може да прошетаат низ старата архитектура, уметничките ателиња и крушевските улички. Во програмата се вклучува и Меморијалниот центар на Тоше Проески, Крушевското Езеро“, рече водичот.

Според неа, за Охрид туристите треба да испланираат престој од 4 дена. 

„Посетата започнува со пешачка тура низ Стариот град: Археолошкиот музеј, Самоиловата тврдина и најзначајните цркви — Св. Богородица Перивлепта, Св. Јован Канео, Св. Климент и Пантелејмон на Плаошник и Св. Софија. Вториот ден се посветува на Музејот на вода (Заливот на коските), Трпејца, манастирот Св. Наум и изворите на Црн Дрим. Третиот ден нуди природно искуство со искачување до Магаро или пешачка тура од Галичица до Елшани. Четвртиот ден може да се искористи за посета на Струга и Вевчани“, додава Стојановска.

Вели дека други локации што туристите треба да ги посетат во Македонија се: Дуфски водопад, манастирите Рајчица и Бигорски, Маврово и Галичник, Шарена џамија и Арабати Баба Теќе, Демир Капија, Стоби, Виничко кале, Берово и Беровско езеро, Струмица, регионот Тиквеш… Според тоа, вели  дека странец во Македонија  може да си направи тура од еден месец.  Сепак за тие со поограничено време може да се организира кружна тура за 7-8 дена која ќе ги опфати Скопје- Кратово- Берово- Струмица- Тиквеш- Битола- Охрид- Тетово. Иако мнозинството туристи кратко време престојуваат во Македонија, сепак имало и случаи кога странци одвојувале и по две – три седмици за обиколка на Македонија. 

Сања Атанасовска

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

УТРЕ ДА ГИ ВНЕСЕМЕ БУГАРИТЕ ВО УСТАВ, ПРАШАЊЕ Е ДАЛИ ЗА 3,6 ИЛИ 9 МЕСЕЦИ ЌЕ ИМАМЕ НОВ УСЛОВ: Мицкоски за уставните измени

УТРЕ ДА ГИ ВНЕСЕМЕ БУГАРИТЕ ВО УСТАВ, ПРАШАЊЕ Е ДАЛИ ЗА 3,6 ИЛИ 9 МЕСЕЦИ ЌЕ ИМАМЕ НОВ УСЛОВ: Мицкоски за уставните измени

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Одбраната на поранешните градоначалници Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Одбраната на поранешните градоначалници Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“

CNN ЗА МАКЕДОНИЈА: Постои една прекрасна јужноевропска земја со вкусна храна и одлично вино

CNN ЗА МАКЕДОНИЈА: Постои една прекрасна јужноевропска земја со вкусна храна и одлично вино

(ВИДЕО) Пожар изби во Старата скопска чаршија

(ВИДЕО) Пожар изби во Старата скопска чаршија

Телото на Миле Тодоров било пронајдено пред половина месец

Телото на Миле Тодоров било пронајдено пред половина месец

УХМР за утре сподели „жолт хидроаларм“ - каде се можни излевања?

УХМР за утре сподели „жолт хидроаларм“ - каде се можни излевања?

ТАЖЕН КРАЈ: Исчезнатот Миле Тодоров од Неготино е најден починат

ТАЖЕН КРАЈ: Исчезнатот Миле Тодоров од Неготино е најден починат

Костадинов ги отфрла наводите во кривичната пријава: „Стојам на располагање на надлежните“

Костадинов ги отфрла наводите во кривичната пријава: „Стојам на располагање на надлежните“

Град Скопје со препораки: Затоплувајте се само со суво и чисто дрво

Град Скопје со препораки: Затоплувајте се само со суво и чисто дрво