Колку ги чинеше Израел и Иран 12 дневната војна? Војската на САД потроши 2 милијарди долари за бомбардирањето на Иран!

Објавено во: Анализа 30 Јуни, 2025 08:17
Иран даде 22 жртви на секој загинат Израелец во 12 дневната воздушна војна. Израел плати над 10 милијарди долари за противоздушна одбрана од иранските ракети кои сепак во повеќе наврати ја пробија повеќеслојната противвоздушна одбрана и погодија цивилни цели во Тел Авив, Хаифа и други градови. На тие 10 милијарди долари САД плати уште 2 милијарди долари за ја запре војната и да ги вразуми двете страни. Од друга страна процените покажуваат дека овој трошок на Израел и на САД, Иран го предизвикал со оружје вредно само половина милијарда долари. А воените аналитичари имаат консензус во однос на тоа дека Иран произведува неспоредливо поевтини боеви глави, ракети и дронови од САД и од Израел
Светот, речиси без ислучок, со олеснување ја прими веста дека прекина 12 дневната војна меѓу закрвавените ривали на Блискиот Исток, Иран и Израел. И само по тоа прашање светот има консенузус. Дали Иран е закана за безбедноста на регионот, дали Израел е најголем современ агресор, кој е посилен, чиј режим е пострашен и анти-демократски се дилеми за кои се дискутира жолчно и длабински се анализираат. Но за нас во „Фактор“ други аспекти се од суштинско значење за големата слика и за новиот светски баланс на силите.
„Фактор“ од симбиоза на јавно расположливи податоци ќе направи обид, финансиски да го измери материјалното трошење на воените ресурси.
При ова првин ќе потенцираме дека загубата на човечки животи на двете страни е немерлива и нема цена. А ќе напоменеме дека во целост не е утврдена ниту материјалната штета на цивилни објекти што беа погодени или разурнати во Иран и во Израел.
Според независни проценки, воениот трошокна Израел во тие 12 траорни денови надминал 17 милијарди долари,а проценетата вредност на чинењето може да достигне и до 36 милијарди долари. Уште течат проценките на материјалните штети што ги предизвикаа иранските ракети. Исто така уште се вршат и проценки на економски штети на израелската економија за изгубена добивка поради прекинато производство, откажани услуги, извоз и.т.н. Првите неофицијални проценки се дека израелската економија дневно трпела загуба од една милијарда долари дневно.
Досега официјално е соопштено дека се поднесени над 20.000 барања за надомест на материјална штета до израелскиот естаблишмент од граѓани и компании во Израел. Во оваа 12 дневна војна загинаа 29 израелски државјани, а 3.941 граѓанин бил хоспитализиран, лекуван или пријавил психички или физички повреди од иранското бомбардирање. Тоа значи дека ќе има и дополнителни трошоци за лекувања и рехабилитации.
Воениот ангажман за Израел во тие 12 дена беше и интензивен и обемен. Особено беа големи трошоците за нивната против-воздушна одбрана. Според официјалните податоци една ракета од составот „Ероу т.е. Стрела оригинален назив Arrow од американско – израелско производство н.з.) која се користи во системите за пресретнување воздушни напади чини речиси 4 милиони долари. Една ракета за одбрана од воздушни напади за системот „Давидова прачка“ во зависност од типот чини од 700.000 до 800.000 долари. Додека една ракета во системот „Железна купола“ (Iron Dome н.з.) во зависност од типот и намената чини од 50.000 до 150.000 долари. Стручњаците за одбрана велат дека при користење на овие одбранбени системи на секоја ракета што напаѓа од воздух одбраната треба да лансирана барем два проектили за да ја зголеми веројатноста за уништување на ракетата која напаѓа. Во тие 12 дена имало случаи кога израелската одбрана лансирала и по повеќе од 2 ракети на секој проектил што ја поминувал повеќеслојната противвоздушна одбрана на Израел.
Освен тоа Израел изгуби најмалку еден борбен авион ловец од типот Ф-16 И и неколку големи дронови Хермес 900, а и неколку десетици помали дронови, за што има потврда и од израелската армија. Процените на независни стручњаци велат дека со овој интензитет на војување израелската економија може да издржи до три месеци, а потоа е потребно опсежна помош од САД и другите воени партнери. Во тие 12 дена ирански напади со стотици ракети сведоци бевме на официјални изјави дека иранските ракети ги соборуваше и американската армија, но и војската на Јордан. Исто така Израел во тие 12 дена побара итна воздушна поддршка од САД, ја доби, но побара и ракети за противвоздушна одбрана.
Тука претседателот на САД одобри подигање на неколку ескадрили воени авиони ловци кои ги придружуваа стратешките бомбардери со кои во еден ден беа бомбардирани три нуклеарни локации во Иран за што известија сите светски медиуми. Утредента Трамп најави примирје, а двете завојувани страни ден по неговата изјава потврдија дека завршуваат со нападите.
Што се однесува до трошокот на САД воените аналитичари проценија дека маневарот на војската на САД буџетот на оваа супер сила го чинел околу 2 милијарди долари. Прво како најмали, но најбројни се трошоците за логистика на носачите на авиони, бродовите разорувачи. Цела флота американски стратешки бомбардери, ловци и авиони-танкери специјализирани за дополнување гориво во лет беа пренесени од Европа на Блискиот исток. Самиот напад на САД врз Иран за еден ден чинел половина милијарда долари. Дополнително САД, според аналитичарите, за одбрана на Израел од иранските хиперсонични боеви глави потрошил над 800 милиони долари во неполни две недели. Аналитичарите проценуваат дека САД во овој период потрошил меѓу 15 и 20 отсто од својот потенцијал на проектили Terminal High Altitude Area Defense (THAAD), најсовремен систем за воздушна одбрана на светот. Според тие проценки САД лансирале од 60 до 80 проектили, а цената на една од тие паметни ракети изнесува од 12,5 до 15 милиони долари. Досега никој не ги демантираше овие податоци.
САД, според официјални податоци, располага со седум вакви суперсофистицирани системи инсталирани на седум различни локации ширум светот, а три од нив се поставени на територија на САД. Дополнително на овој трошок треба да се надодаде и употребата на американски ракети SM-3 и SM-6 кои се оружје за пресретнување проектили што се лансира од американски воени бродови во Медитеранот и во морињата на Блискиот Исток.
Најмалку расположливи и проверливи податоци има за материјалните трошоци во Иран. Воените аналитичари имаат консензус дека главна предност на Иран е тоа што неговото воено производство е неколкукратно поевтино од тоа на САД и на Израел. А тоа се однесува на производство на ракети и на дронови. Има процени дека боевите глави и дроновите на Иран чинеле околу половина милијарда долари, а за нивно уништување Израел и САД потрошиле воени средства вредни околу 10 милијарди долари.
Ако е така не треба да чуди брзото директно вмешување на САД во воените дејствија и објавата на Трамп дека војната завршува по нивното бомбардирање на нуклеарните постројки во Иран.
Од хуман аспект Иран е големиот губитник во оваа кратка војна. Официјално во таа војна загинаа 627 цивили, а има речиси 5.000 ранети и повредени лица.
Р.Ф.
Можеби ќе ве интересира
За нив ќе нема коктел на плажа - Кои општини влегоа во жешко политичко лето

Системот на ЦУК за испраќање пораки не крши закон: Еве како функционира

Најбогатиот Турчин демантира: не ја купил штипска „Брегалница“

Кој знае и може да произведе и продаде зеленчук за 6 милиони евра во шест месеци? И да направи профит од 2,5 милиони евра!!!

ПОПИС ВО 2026 ГОДИНА: Реална потреба или политика?

Бришењето на „македонски“ во Брисел „кец на десетка“ за уставните измени
