24 Ноември, 2024
0.0358

Koлку пчелни семејства ви требаат за да живеете од пчеларство?

Објавено во: Агробизнис 21 Јули, 2022

Добивај вести на Viber

Има една поговорка која вели „Пчелите можат без нас, но ние не можеме без нив“. Се смета дека една третина од храната која секојдевно ја јадеме зависи од работата на пчелите. Ако се намали бројот на пчели, ќе се намали и приносот на некои растителни култури. Но, оваа гранка носи и приходи кои ги пополнуваат семејните буџети на луѓето кои се занимаваат со нивно одгледување.

Ванчо Кировски, претседател на Здружението на пчелари „Меден Исток“ кое ги вклучува пчеларите од Брегалничкиот регион, вели дека за дополнителна дејност ви требаат 50, а за да живеете само од пчеларство, ви требаат најмалку 100 здрави пчелни семејства.

Тој објаснува дека одгледувањето на пчели не трпи импровизација, туку треба сериозен пристап и знаење, за што секоја година имаат обуки. Вели на обуките доаѓаат различни возрасни групи, од млади на возраст од 18 години, па сè до 60 годишни пчелари. Кировски објаснува дека ова е за поздравување, и е задоволен од интересот кој го пројавуваат младите. Во земјава има и пчелари кои со генерации се занимаваат со оваа дејност, односно пчеларниците ги наследиле од своите родители, баби, дедовци. Кировски веќе 30 години се занимава со одгледување на пчели и производство на мед.

„За разлика од другите земјоделски гранки, за пчеларството сепак има интерес, има млади кои се заинтересирани, затоа што 80 отсто сакаат да имаат дополнителен приход, да имаат нешто свое. Но, доаѓаат полоши години поради климатските промени, сушите, и ако порано било доволно да има добра година, со добри временски услови за да има принос, сега пчеларот мора да има и знаење. Роењето се случува во мај и јуни, а некои пчелари вршат и преселување на самите кошници од парцела на парцела“, додава Кировски.

Освен теорија, имаат и практичен дел кој мораат да го поминат низ обука. Кировски објаснува дека секој регион од Македонија е добар за производство на мед, доколку имаме поволни временски услови. Но, последните години климатските промени доаѓаат до израз, и се одразуваат на приносот. Ако се јават штетници, пчеларот треба навреме да реагира и да ги заштити пчелните семејства. Бујна вегетација и свежи цветови се она што им треба на пчелите.

„Во Македонија по кошница најчесто имаме од 7 до 17 килограми мед, но може да се случи една кошница да даде и 40 килограми мед. Македонија има квалитетен мед, мислам дека е поквалитетен од оној во Бугарија и Србија токму поради богатиот биодиверзитет“,  рече Кировски.

Но, сведоци сме дека во државата имаме инфлација, и со тоа и медот ќе стане скапо задоволство за граѓаните. Неговата цена кај некои пчелари веќе е коригирана, а кај други допрва ќе се коригира. Ако ланската цена беше 500 денари за килограм мед, сега ќе биде поскап.

„Поскапе шеќерот, горивата, и многу други работи. Обично на 1. септември се дефинира цената на медот, така што медот ќе поскапе“, вели Кировски.

„Меден Исток“ има над 30 членови, одгледувачи на пчели, кои исполниле одредени критериуми за да бидат дел од здружението. Во земјава има и органско производство на мед.

Ако ги погледнеме податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2020 година во земјава имало над 99.000 пчелни семејства, при што во полошко има скоро 36.000, а на североистокот од земјата 23.408 пчелни семејства. Истокот имал 10.323, југозападниот регион бележи 14.097, југоистокот е со 4.827, пелагонискиот регион имал 2.807, скопскиот 1.902, а вардарскиот регион имал 6.207 пчелни семејства.

Овој текст е напишан како поддршка на иницијативата на UM Скопје за подигање на свеста за важноста на пчелите и пчелните производи, во рамките на UM Impact Day (https://bit.ly/3zeOwka).

foto freepik.com

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИЛА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА – се сади се помалку и помалку

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИЛА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА – се сади се помалку и помалку