Конечно завршена црквата на ул. Македонија - Хармоничен простор или повод за нови поделби
Објавено во: Анализа 26 Септември, 2025 07:50
Црквата Св. Константин и Елена на улица Македонија во строгиот центар на Скопје, по речиси 15 години е конечно изградена, по што овој простор од едно вечно градилиште ќе биде претворен во функционално место за верниците, минувачите и посетителите.
Оградата со тараби е отстранета, а се завршува и со уредување на просторот на една од најфрекфентните улици во Скопје, една од ретките пешачки зони. Сепак, и по нејзиното осветување кое треба да го изврши архиепископот г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, и натаму има отворени дилеми дали овој простор ќе означи хармонично поглавје во развојот на Скопје или нов простор за поделби и негодувања.
Како се роди идејата за црква во центарот на Скопје?
Оваа црква е еден од објектите кои беа започнати како дел од проектот „Скопје 2014“, но откако се смени власта во 2017 година не беа завршени. Заедно со неизградениот хотел на плоштадот Македонија и новата градска куќа инспирирана од поранешниот Офицерски дом, платото за мега споменикот на Мајка Тереза, така и оваа црква беше дел од сликата на Скопје со години - централно градско подрачје кое повеќе наликува на некоја воена зона во Донбас отколку модерна европска метропола.
Од самата најава за изградба на црквата Св. Константин и Елена следеа бројни контроверзии. Најпрво идејата беше да се гради црква на централниот плоштад приближно на местото каде некогаш постоела првичниот православен храм Св. Константин и Елена.
Тој почнал да се гради во 1909 година, но поради Балканските и Првата светска војна бил изграден во 1919 година, но осветен бил дури во 1926 година. Се наоѓал во близина на денешен Градски трговски центар, но со текот на годините паѓал во сенка со новите згради кои биле подигнати по Втората светска војна. Храмот претрпува оштетувања за време на скопскиот земјотрес во 1963 година, по што тогашното комунистичко раководство решава целосно да го сруши објектот, без план за негова обнова или повторна изградба на приближна локација. Архиепископот г.г. Стефан тврдеше дека државата не и „остапува“ земјиште на МПЦ туку дека и го враќа тоа што некогаш и припаѓало - место каде некогаш постоела црква но, комунистичкиот режим од политички причини ја срушил без оглед што можела да биде реконструирана.
Секуларизам, протести, шамари
Идејата за повторно градење православен храм посветен на римскиот император Константин и неговата мајка Елена, кои го прекинале прогонот на христијаните во 3 век, ја оживеа поранешниот премиер Никола Груевски.
Тој организираше и три донаторски конференции за собирање средства кои ќе и бидат доделени на МПЦ за изградба на црквата, бидејќи трпеше жестоки критики дека власта не смее да ја нарушува секуларноста.
Истовремено во тој период се одржуваа и протести во центарот на Скопје од страна на муслиманското население, кое по ист принцип бараше повторно да се изгради Бурмали џамијата која се се наоѓала на десната страна на брегот на реката Вардар во близина на Камениот мост, постоела се до 1925 година, а потоа на нејзино место е подигнат Офицерскиот дом.
Во периодот на протести од граѓански иницијативи кои се противеа на планот за изградба на сакрални објекти се создаде голема тензија и уникатен политички случај. Тогашната централна власт предводена од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ иницираа контра-протести за „одбрана на црквата“.
Така дојде и до фамозниот напад пред општина Центар предводена од Андреј Жерновски. Во контра-протестот освен минимална материјална штета, немаше напад врз градоначалникот и општинарите. Меѓутоа подоцна од „бомбите“ се слушна како Груевски нарачувал „два-три вруќи шамари за Жерновски“, а за тоа беше осуден на затвор 1.5 година за организација на насилни протести.
Зошто изградбата беше закочена цели 13 години?
Сепак, ниту црквата ниту џамијата не беа одобрени на овие локации. Се донесе одлука да се гради црквата Св. Константин и Елена во близина на Домот на АРМ, веднаш до музејот Спомен куќа на Мајка Тереза на улица Македонија.
Но, градбата на црквата не одеше по планот, особено откако компанијата Бетон падна во финансиски проблеми, а последователно и стечајна постапка. Бетон беше една од градежните фирми кои ги реализираа големите објекти од проектот „Скопје 2014“, а токму дел од нереализираните побарувања беа една од причините за згаснување на некогашниот гигант.
Ре-Медика, медицинска компанија исто така во сопственост на семејството Минчеви, реши да го откупи побарувањето на Бетон од околу 3.5 милиони евра, пари кои требаше да ги исплатат МПЦ и Фондацијата „Свети цар Константин“ наменета за изградба на црквата, а со тоа и да го ослободи друштвото од оваа „финансиска дупка“.
Осветувањето на црквата ќе биде извршено на 28 септември.
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





