Константинос Николау – главен извршен директор на УСЈЕ: Остануваме фокусирани на развојот на компанијата и заедницата
Објавено во: Економија, Интервјуа 03 Јули, 2024
Костантинос
Николау, неодамна назначен за главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ, ја
истакнува цврстата посветеност на компанијата да обезбеди одржливост и придонес
кон локалната заедница. Тој е магистер по машинско инженерство на Универзитетот
Аристотел во Солун и магистер по менаџмент и оперативно истражување на Бизнис
школата на Универзитетот Ворвик во Обединетото Кралство. Неговото образование е
комбинација од инженерство и менаџмент и му овозможува сеопфатно и темелно да
им пристапи на работните задачи. Од 2004 година е дел од Групацијата ТИТАН,
каде што го започна својот професионален развој како производствен менаџер во
цементарницата во Солун, а подоцна и менаџер на цементарницата. Неговото
професионално искуство вклучува и управување со цементарниците на ТИТАН во
Златна Панега, Р. Бугарија и во Флорида, САД.
Од неодамна сте главен извршен директор на УСЈЕ. Кои се приоритетните сегменти на кои ќе се фокусирате?
УСЈЕ е водечка компанија во земјата и важен фактор во националната економија, така што за мене е привилегија и предизвик да водам компанија чие име е поврзано со историјата на градот и на земјата. Моите први приоритети по доаѓањето на оваа позиција се дополнително да го зајакнеме нашето влијание врз нашите луѓе, нашите партнери, нашите засегнати страни и заедницата околу нас. Нашиот фокус останува ист - постојан раст преку одржлив развој и кога станува збор за нашите деловни активности, но и за заедницата, бидејќи себеси се сметаме за витален дел на општеството. Во Групацијата ТИТАН, чиј дел е УСЈЕ, цврсто веруваме дека одржливиот развој на нашата компанија оди рака под рака со развојот на заедницата. Нашите инвестиции главно ќе бидат насочени кон модернизација, дигитализација и намалување на нашиот јаглероден отпечаток, бидејќи ние како ТИТАН Групација се обврзавме да постигнеме нето-нула до 2050 година. Сите горенаведени области се од големо значење за нас и ги допираат сите точки од нашето работење, придонесувајќи кон иновативни решенија и производи, со цел подобро да одговориме на потребите на пазарот. Дозволете уште еднаш ми да подвлечам дека камен-темелник за оваа стратегија се луѓето, нашите вработени, нашите засегнати страни и заедниците.
Каде ќе ги насочите вашите инвестиции оваа година?
Како што веќе напоменав, нашите инвестиции продолжуваат во насока на севкупниот развој и раст на нашето работење. Инвестициите во модернизација, дигитализација и декарбонизација имаат една заедничка цел, а тоа е развој на УСЈЕ врз основа на принципите на зелена економија. Имаме исклучително компетентен тим од колеги во ИТ, како и конкретен патоказ за понатамошно градење и усовршување на вештините на вработените, така што инвестициите во дигиталната трансформација ќе продолжат оваа година. На овој начин ќе успееме да постигнеме оперативна извонредност, да ги задржиме трошоците на исто ниво и да ја зголемиме нашата конкурентност. Би сакал да напоменам дека УСЈЕ користи производствени алатки базирани на вештачка интелигенција какви што се оптимизатори во реално време креирани од нашите инженери, што дополнително го подобрува работниот процес. Дигитализацијата ќе придонесе и за постигнување на нашите групациски цели за декарбонизација, сегмент кој е поврзан со одржливиот развој на УСЈЕ и заедницата во целина. Климатските промени се највисок глобален приоритет. Нашиот придонес во нивното ублажување се одразува преку активностите за намалување на нашиот јаглероден отпечаток. УСЈЕ е една од компаниите кои во својот процес употребуваат алтернативни горивасо ко-процесирање, добивајќи енергија и суровини. Во оваа смисла, нашата компанија ќе продолжи да се шири и на нашите купувачи да им нуди нови поеколошки производи со високи перформанси, удвојувајќи ги напорите за подобрување на енергетската ефикасност, зголемување на употребата на обновливи извори на енергија и намалување на потрошувачката на електрична енергија. Така, УСЈЕ беше една од првите компании што инсталираа фотоволтаична централа со моќност од 3 MWp, која заменува околу 10% од дневната потрошувачка на електрична енергија на цементарницата со обновлива енергија.
Како го оценувате потенцијалот за раст на индустријата за градежни материјали?
Во изминатиот период нестабилноста и брзите промени беа еден од главните трендови на светските пазари, а ние докажавме дека сме агилни и прилагодливи за да се приспособиме на оваа средина. Анализите покажуваат дека побарувачката на цемент е стабилизирана. Цените на другите градежни материјали зависат од повеќе фактори кои се директно поврзани со пазарните услови, но и кај нив се забележува стабилизирачки тренд. УСЈЕ во своето портфолио има еко-цементи со помало количество клинкер, што придонесува кон намалување на отпечатокот на CO₂, како и ко-процесирање на алтернативни горива во нашиот процес и адаптација и примена на зелени практики. Во 2023 година еко-цементите беа едни од најпродаваните, што е важен факт за нас и за нашата конкурентност на пазарот, а ваквиот тренд продолжува и оваа година. Нашите производи треба да ги задоволат потребите и на купувачите и на општеството.
Како би го опишале влијанието на УСЈЕ врз градот и локалните заедници?
Целта на Групацијата ТИТАН, како и на УСЈЕ, е: „Да го направиме светот околу нас безбедно, одржливо и пријатно место за живеење“. Ние сме тука да обезбедиме иновативни градежни материјали, решенија и услуги потребни за безбедни, одржливи и пријатни домови, згради и инфраструктура. Ова не се само убави зборови, туку суштина на нашата деловна култура и сите работиме кон таа цел. Ова го правиме фокусирајќи се на обезбедување ниско-јаглеродни оперативни активности и синџири на снабдување, дигитализирање на нашата организација, ефикасност и врвни решенија за задоволување на потребите на нашите купувачи. Заедно со сите наши засегнати страни, посветени сме на изнаоѓање подобри начини за градење и подобрување на квалитетот на животот. Делуваме секој ден со интегритет, емпатија и еколошка одговорност за да обликуваме посветла иднина за сите. Како што споменав претходно, една од нашите цели е декарбонизацијата и имаме јасен патоказ како да работиме во таа насока. Што се однесува до еколошката одговорност, УСЈЕ има 24-часовен независен систем за следење на емисиите, а сите резултати од мерењето се јавно достапни на нашата веб-страница и неделно се испраќаат до медиумите. Тоа е важно, бидејќи секој може да ги погледне и да ги анализира, што говори за нашата транспарентност и така ќе продолжиме и во следниот период. Зошто го кажувам ова? Ние навистина работиме според највисоките стандарди и соработуваме со сите релевантни страни. УСЈЕ е меѓу првите компании во земјава што целосно ги имплементираше ESG стандардите кои се однесуваат на преземените амбициозни цели за животната средина, придонесот кон општеството и корпоративното управување за 2025 година и во иднина. Декарбонизацијата, дигитализацијата, позитивното локално влијание и одговорното управување со ресурсите се потпорните столбови на имплементацијата на ESG стандардите во нашето работење. Ние сме одговорен партнер на заедницата и сите наши активности се засноваат на деловна етика. Негуваме отворена и силна соработка со сите наши партнери и сакаме да дадеме позитивен придонес. Знам дека Скопје се соочува со низа предизвици во однос на квалитетот на воздухот, особено во зимскиот период, а за да се подобри состојбата, потребни се суштински промени во повеќе сегменти, како што се греењето во зима, сообраќајот и транспортот и други. Од она што можев да го видам, сите релевантни студии го потврдуваат тоа. Тука УСЈЕ треба да се смета како партнер кој ќе соработува со сите компетентни чинители со цел да биде дел од решението. Само со решавање на вистинските причини ќе постигнеме промени и кон тоа треба да се стремиме.
Во тек на вашето професионално искуство во Групацијата сте работеле на различни пазари. Кој е заедничкиот именител за сите пазари?
Производството на цемент е нераскинлив дел од мојата професионална биографија. Имав одлична можност во текот на мојата кариера да работам на различни позиции во цементарниците на ТИТАН, што ми овозможи темелно професионално усовршување и темелно познавање на технологијата за производство на цемент и имплементацијата на иновации во оваа индустрија.
Работејќи во различни земји и искуството што го имам од мултирегионални проекти и соработка со луѓе од различни култури, можам да заклучам дека одржливиот развој е единствениот сигурен пат за нашата иднина како компанија, но и како општество. Оттука, соработката, грижата за вработените и заедницата се работите кои ги обединуваат сите пазари, како основа за развој и просперитет.
Од неодамна живеете во Скопје. Како се навикнавте на животот овде?
Да, веќе неколку месеци живеам во Скопје. Имам можности да го истражувам градот и навистина одредени делови ми стануваат омилени. Најголем дел од времето го поминувам во УСЈЕ, а слободното време се трудам да го искористам за рекреација и за моето семејство. Животот е сличен на тој во Солун, па може да се каже дека веќе се прилагодив. Соработката со заедницата ми е многу важна и дел од слободното време го користам за да анализирам каде можеме да бидеме поактивни. Се концентрирам на поддршката на заедницата и иницирање активности за поголемо вклучување на засегнатите страни во области како што се образованието, младите, животната средина и сограѓаните на кои им е потребна нашата поддршка. Има многу идеи и веќе размислуваме да имплементираме некои од нив.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.