КОВИД „ГИ ПОКОСИ“ УЧЕНИЦИТЕ ПО ПРВИТЕ ЧЕТИРИ ДЕНА ОД НАСТАВАТА: Родители од ООУ „Владо Тасевски“денеска ќе поднесуваат барања за онлајн учење
Објавено во: Македонија 08 Февруари, 2022 07:56
Одложувањето на
стартот на второто полугодие не придонесе за спречување на ширењето на корона вирусот
во училиштата. Напротив, на почетокот на оваа недела, голем дел од родителите
веќе пријавуваат дека нивните деца се позитивни на Ковид-19 или имаат симптоми
и чекаат тестирања. Во разговор за Фактор, родители од скопското основно
училиште „Владо Тасевски“ во Козле посочуваат дека по само првите четири дена
од наставата, во текот на првата недела од второто полугодие, вирусот со
невидена брзина се проширил меѓу учениците.
-Практично ги покоси, нагласуваат тие и додаваат дека се посебно загрижени за состојбата сега, кога доминира омикрон варијантата, зошто заразата од еден на друг се пренесува неверојатно брзо. Претходно кога доминираа другите соеви и да имаше некои позитивни родители, или деца кои беа во контакт и покрај тоа што наставата се одвиваше со физичко присуство, немаше толку брза трансмисија, впрочем немаше воопшто. Децата не се разболуваа, макар и другарчето што седи до нив да беше заразено со вирусот, велат родителите од една од одделенските паралелки во ООУ „Владо тасевски“.
Сите разболени деца кои се потврдени позитивни на Ковид-19 имаат висока температура, а во ваква состојба се и дечињата кои денеска ќе одат на тестирање за корона вирусот.
-Во моментов потврдени позитивни се 5 деца, а неколку имаат симптоми односно висока температура и чекаат резултати од тестирањата или ќе одат да се тестираат. Во четири дена практично некако вирусот го покоси одделението. Се проширил брзо, нешто што не беше случај, минатата година и во првото полугодие кога доминантни беа други соеви. Тогаш практично и да немаше пренос. Ние родителите сметаме дека е подобро да се промени моделот на настава со комбиниран или целосно онлајн, затоа што еве овој пример покажува дека вирусот набрзина затвора доста деца. Инаку мојот личен став е дека наставата со физичко присуство е незаменлива и одлучно не отстапувам, ама тврдам дека сега околностите се сменети и треба да се остави овој пик со овој сој да се смири, а наставата да биде од далечина... Апелираме Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести да ги преиспитаат одлуките, да ги видат случувањата овде, велат загрижените родители
Инаку, како што појаснуваат, денеска ќе поднесуваат барања за онлајн настава и очекуваат најверојатно веќе од утре да се дозволи цело одделение да пристапи кон учење од далечина.
-Во случајот е тешко да се изолираат некои деца затоа што многу брзо прогресираше инфекцијата и не се знае кое дете е веќе заразено, велат родителите заради што сметаат дека во овој период е подобро наставата да се одвива без физичко присуство.
Дека е евидентно зголемувањето на бројот на заразени деца токму на оваа возраст потврдуваат и педијатрите и епидемиолозите. Велат дека токму ова е популацијата каде што сега вирусот забрзано се шири, бидејќи децата не се вакцинирани.
Второто полугодие почна пред една недела со физичко присуство на децата, а во училиштата се спроведуваат протоколите кои претходно беа утврдени од страна на Комисијата за заразни болести и кои важеа и за ланската учебна година. На учениците пред да влезат во училишната зграда им се мери температура, а онаму каде има можности активирани се повеќе влезови, па секое одделение има термин за пристигнување во училиште во временско растојание од 10 минути.
И покрај напорите на голем дел од родителите маските да не бидат задолжителни, тие секако остануваат како една од антиковид мерките, а Министерството за здравство најави дека ќе почне да се прави и нов скрининг.
Анита Буховски
Можеби ќе ве интересира
Желјазков: Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија
Петре Шилегов бара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч
Собранието го изгласа пакетот закони потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“
Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери




