КОВИД СЕГА НЕ ГИ ШТЕДИ НИТУ МЛАДИТЕ ЖИВОТИ: Она што се случува во Србија за помалку од еден месец ќе дојде кај нас, инфектологот Димзова за Фактор
Објавено во: Македонија 04 Ноември, 2021
Од инфективната
клиника, во последниов месец информираа за три загубени млади животи,
тинејџерки на 15, 16 и 17 години. Сите донесени со најтешка форма на болеста,
по што за кратко време лекарите ја губат борбата за нивните животи. По
вчерашниот последен случај, за што јавноста беше информирана дека 16-годишното
девојче од тетовското село Сиричино, цели девет дена се лекувало дома, а дури
потоа побарало лекарски тремна во Клиничката болница во Тетово, каде останала
само два дена, по што во исклучително тешка состојба е пренесена во Скопје,
Фактор поразговара со д-р Марија Димзова, инфектолог во Клиниката за инфективни
болести. Таа видно вознемирана и лута вели дека крајно време е народот во
Македонија да разбере дека ковид не се лекува дома, на бајачки и со давање совети
еден на друг.
-Гледаме дека дури ни младоста не е поштедена. До кога волку непослушни ќе бидат граѓаните навистина не знам. Ние лекарите им велиме НЕ ивермектин, тие на своја рака си го пијат, им велиме НЕ антибиотици, тие упорно си го ослабнуваат имунитетот уште толку со пиење антибиотска терапија, си даваат совети еден на друг, читаат на Интернет. До кога вака, навистина не ми е јасно. Јас не знам кога нашево општество се сведе на телефонска медицина, не знам кога општеството се сврте кон малоумниците и оние што продаваат бабини лекови па болните од ковид се лекуваат дома со се и сешто. Повеќе од очигледно е дека сега, оваа силна варијанта на ковид, Делта сојот агресивно ги напаѓа и најмладите кои не се вакцинирани. На почетокот на удар беа повозрасните генерации, но стигнаа вакцините, тие се вакцинираа, па сега делта удира онаму каде што најмногу има простор, а тоа се токму тинејџерите кои не се вакцинирани, појаснува д-р Димзова.
Таа вели дека Клиниката за инфективни болести е пополнета до последниот болнички кревет, а возраста на пациентите варира, од најмлади до најстари.
-Баш вчера од моето одделение отпуштив излекувана 93 годишна жена, и во такви моменти ние лекарите сме најсреќни, но жената си беше вакцинирана. Предоминатни пациенти се невакцинираните и тоа секако се далеку помладите кои навистина се во тешка состојба. Поразителен е фактот дека за трета доза има неверојатно поголем интерес, отколку за примање на првата доза од вакцината против ковид. Значи, тие што си се вакцинираа на почетокот, сега повторно си се заштитуваат, и тие ќе имаат имунитет во наредните 6 месеци, до следното лето. Останатите ќе бидат на силен удар од вирусот, посебно што сега следува период на вирусни заболувања. Лани на пример, немавме болни од грип, но имаше навистина рестриктивни мерки, кои подразбираа седење дома и крајно почитување на сите протоколи. Сега веќе се е опуштено, кафулињата полни, рестораните полни, свадби на секој чекор, и за очекување е ваква епидемиолошка состојба. Но, може да биде уште полошо. Ова што сега го гледаме во Србија и во Грција за помалку од еден месец не очекува и нас, предупредува д-р Димзова, нагласувајќи дека во соседството болниците се преполни со тешко болни пациенти, и дека на респираторни апарати има дури и деца кои немаат коморбидитети.
Инфектологот посочува дека и по две години болеста е крајно дејструктивна, бидејќи мутира во сој кој е преагрисеивен, особено за невакцинираната популација. Загрижува и фактот, како што нагласува д-р Димзова, што има голем број пациенти со пост ковид компликации. Вели дека се докажа дека дури ни вакцините 100 проценти не штитат од заразување, но најважно е што штитат од смртен исход.
-Ми останува само упорно да апелирам, како и сиот изминат период, маските мора да продолжат да се носат во затворени простории, тие взаемно не штитат и тоа што е најважно е самодисциплината, навистина не мора секое кафуле да е преполно, зошто во овој период ќе се соочиме со трка за спасување се повеќе млади животи, вели д-р Димзова во разговорот за Фактор.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.