КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?
Објавено во: Македонија 20 Април, 2024
Неколку пријави за крадење на лични податоци со цел подигање на брзи кредити се регистрирани оваа година. Иако бројот е намален и според пријавите делува дека овие измами се стивнати, сепак неколку граѓани се оштетени. Две од пријавите имаат епилог, односно има кривични пријави за двајца сторители.
„За случаи на злоупотреба на лични податоци при подигање на брзи кредити, согласно податоците со кои располагаме, Ве информираме дека во периодот јануари-март 2024 година регистрирани се четири кривични дела, од кои три „злоупотреба на лични податоци“ и едно „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. По преземени мерки и активности две од кривичните дела се расветлени и за истите кривично се пријавени двајца сторители“, велат од полицијата за Фактор.
Изминативе години имаше злоупотреби, односно измамници со украдени лични карти подигаа брзи кредити. Имаше серија пријави дека затвореници додека биле во затвор, прибавувајќи туѓи лични податоци земале брзи кредити онлајн.
„Кражба на лични податоци е кривично дело, со кое може да се предизвика штета, а секоја штета треба, мора и може да се надомести. Граѓаните да бидат внимателни каде ги оставаат своите лични податоци, а ако дојде до злоупотреба да тужат“, вели адвокат од Битола.
Ново е тоа што почна примената на Правилникот за утврдување кредитен ризик, кој го донесе Министерството за финансии. Повеќе нема издавање брз кредит без физичко присуство на клиентот што го бара. Ќе се одобруваат само со лично присуство и ако има можност да се отплатат. Финансиските друштва веќе нема да можат да даваат брз кредит онлајн, само со фотографии од лична карта која може да биде украдена или најдена откако некој ја изгубил. Ќе мора да има идентификација на барателот и со негово задолжително физичко присуство, ако сака парите да бидат уплатени директно во некоја продавница. Ако пак барателот ги прима парите на своја жиро сметка, тоа ќе оди со електронска проверка, со строго утврдена процедура со закон.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/andranik.h90
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.