КУПУВААТ ТАМУ КАДЕ НЕ ДАВААТ ФИСКАЛНИ И Е ПОЕВТИНО: Граѓаните овозможуваат „ветер во грб“ на сивата економија
Објавено во: Економија 19 Август, 2024
Граѓаните во земјава, токму поради нискиот стандард купуваат производи или користат услуги таму каде не издаваат фискални сметки и каде цените се пониски.
Со тоа трпат оние кои се лојални кон државата и ги подмируваат сите давачки. Граѓаните велат дека успеваат да заштедат, иако се свесни дека поттикнуваат сива економија. Поради лошата економска состојба, некои граѓани мораат да штедат и секој денар им е важен во семејниот буџет. Онаму каде не издаваат фискални сметки, има поевтина облека, постелнина, понекогаш и обувки, средства за лична хигиена, но и во локалните кои не издаваат фискални, брзата храна и пијалоците се поевтини.
„Јас лично си пазарам каде ќе стигнам, но има и луѓе кои го ценат секој денар. Има луѓе што одат од едно на друго место само да купат поевтино, а јас сум во години и немам време тоа да го правам. Сивата економија си „цвета“. Немаме стандард, а и таму каде има стандард, сигурно има сива економија. Секој се бори да опстане“, вели Мирјана Алексовска, граѓанка.
Луѓето објаснуваат дека кога би биле поситуирани, би пазареле исклучиво во дуќани кои ги почитуваат законите.
„Купувам таму каде што е најевтино. Сива економија или не, јас со 16.000 денари живеам со сопругата. Штедам на тој начин. Државата нека си поведе сметка“, вели Миле Ј. граѓанин.
Граѓаните се сомневаат дека во иднина сивата економија ќе се намали.
„Има луѓе што штедат. Јас лично гледам на акција што се нуди и така си купувам. Сиромаштијата го прави тоа, а ние пензионерите посебно сме загрозени“, вели Драгица Т. граѓанка.
Досега секоја власт укажуваше дека имаме висока стапка на сива економија. Досегашните проценки на сивата економија во државата се разнолики и се движеа од 21.3 до 39.5 отсто од бруто домашниот производ(БДП).
„Сивата економија е еден од најголемите непријатели на економскиот раст на секоја држава. Според проценките, таа зафаќа околу 40 проценти од вкупното стопанство. Најмногу е присутна во градежништвото, туризмот и угостителството, а и преку е-трговијата и нерегистрираните онлајн продавачи кои најчесто продаваат производи преку социјални медиуми. Со купувањето на производи без фискални сметки, заради поевтини цени на производите, граѓаните дополнително ја стимулираат и се ветер во грб на сивата економија“, објаснува проф.д-р Шекеринка Ивановска.
Лани беше објавено дека само државниот буџет секоја година губи околу половина милијарда евра коишто би можеле да се инвестираат во здравството, образованието или инфраструктурата. Ова го покажува анализата на Стопанската комора. Беше соопштено дека 33,2 отсто од бруто домашниот производ годишно во државата отпаѓа на сивата економија. Процентот е на исто ниво со земјите од Западен Балкан, но е скоро двојно повисок од просекот на земјите членки на Европската Унија(ЕУ), кој изнесува 19,4 отсто од бруто домашниот производ.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/alisaa
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.