Ланската е најслаба година на Владата на Заев во изградба на патишта
Објавено во: Економија 11 Август, 2021
Владата на Зоран Заев во ланската 2020 бележи најслаба година и вртоглав пад кога станува збор за инвестициите во изградбата на националните и регионалните патишта во земјата кои се клучни за економски развој.
Тукуштообјавениот ревизорски извештај на јавното претпријатие „Државни патишта“ покажува дека за оваа цел, односно за „набавка на недвижности, постројки и опрема“ се потрошени 7,675 милијарди денари, или 125 милиони евра.
Ова е убедливо најслаб учинок на новата владина номенклатура, откако една година претходно, односно во 2019 преку јавното претпријатие, под чија надлежност се клучните магистрали, се потрошиле рекордни 206 милиони евра. Ефектот од анализата на претходните ревизорски извештаи покажува дека бил 160 милиони во 2018 и речиси исто - 152 милиони евра во 2017 година.
Претходната власт имаше само две добри години кога станува збор за ваквите инвестиции - 192 милиони во 2016 и нешто послабата 2015 кога се инвестирале 124 милиони евра.
Ваквата „офанзива“ започнува дури откако Владата на тогашниот премиер Никола Груевски и министерот за финансии Зоран Ставрески се помирија со фактот дека треба да се градат автопати во земјата и беа обезбедени кредити и грантови за делниците Кичево - Охрид, Миладиновци - Штип и Демир Капија - Смоквица.
Претходните години може да се опишат како катастрофални ако може да се види дека според истиот критериум на независниот ревизор во 2014 и 2013 не се потрошиле ниту 50 милиони евра, а во 2012 износот бил прескромни 2,1 милијарди денари, или 34 милиони евра.
Минатогодишната апстиненција на „Државни патишта“ на крајот му донесе добивка од безмалку 4,6 милијарди денари, или 75 милиони евра, што на крајот се покажа и како најголем профит на едно претпријатие воопшто во земјата за минатата година. Претходно, ЈПДП имаше добивка од 2,88 милијарди во 2019.
Акумулираната добивка достигна до 50 милијарди денари, или се зголемила за 4,5 милијарди, а нето-исплатите на долгорочните кредити изнесувале околу две милијарди или за речиси три пати помалку за една година.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.