Добивај вести на Viber
Едни на протест пред Влада против состојбите во здравството и новиот начин за пресметка на плата, други на контрапротест пред Министерството за здравство, задоволни од платата по учинок.
На 25-тиот ден од штрајкот на лекарите, од Синдикатот на клинички центар и останатите лекари од Македонија кои се против најновиот начин на исплата на нивните плати, решија одговор за проблемите да бараат од Премиерот, откако речиси цел месец остануваат невидливи за Министерот за здравство. Со марш од фонтаната во Градскиот парк во Скопје па се до Влада, тие го искажаа својот револт од дереџето до кое е доведено здравството. На нив денеска им се приклучија и граѓаните, но и претставници од повеќе други синдикати.
„Министерот одбра да го игнорира штрајкот на срцето на македонското здравство и значаен дел на интелектуалната елита на Македонија, министерот кој си дозволува да го ризикува здравјето на граѓаните, а во исто време истиот министер кој не нè гледа ни се закануваше јавно, ги злоупотреби институциите на системот, се со цел да се задуши и скрши овој апсолутно легитимен штрајк. Јавноста сама треба да суди на кого му е доверено здравјето на граѓаните и осигурениците. Нам ни е јасно кој и каков човек е во прашање и затоа од денес не бараме и не сакаме преговори со него, бараме од премиерот да го реши овој проблем истакна д-р Дејан Ставриќ, претседател на Самостојниот синдикат на Клинички центар.
Лекарите се поделија, контрапротест и пред Министерство за здравство
Истовремено со контрапротест пред вратите на Министерството за здравство, група лекари упатија апел до штрајкувачите од нивната фела да се вратат на работа за да не страдаат пациентите. Тие посочија дека проблемите треба да се решаваат институционално, а не на улица.
„Го поддржуваме проектот плаќање по учинок бидејќи тоа беше наша лична заложба со години. Не би сакал да се извлече заклучок дека ова е контрапротест. Апсолутно не се работи за тоа бидејќи мислам дека барем во однос на проектот сите сме единствени. Можеби се разликуваме околу начинот на реализација затоа што ние сметаме дека е неопходна здравствена политика и стратегија, но не и политика во здравството“, изјави Борче Георгиовски од Клиниката за хематологија.
Ј.Ј.