01 Декември, 2024
0.0268

Лудило за тоалетна хартија

Објавено во: Анализа 15 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Цитат од блог: Зошто Македонците се утепаа од купување тоалетна хартија деновиве ? Затоа што животот им е с...е. Ова е едно од можните објаснувања за лудилото што настана по тоалетна хартија во главниот град. Доколку постојат податоци за продажбата на ова хигиенско помагало за октомври, најверојатно ќе бидеме рекордери по глава на жител во Европа. Претпоставувам ако денес се јавите на 5 ваши пријатели, веројатноста е голема најмалку тројца да имаат купено тоалетна хартија како да се спремаат за судниот ден. Што го поттикна ваквото лудило (освен објаснувањето во почетокот на текстот) ? Во доста текстови и дискусии деновиве првото објаснување беше дека тоа е поради мизеријата и немаштијата на народот. Контра, пак, на оваа теза беше дека однесувањето како на корида (луѓето велат дека ги пуштале во групи, како кога биковите влегуваат во борбата со матадорите) се должело на тоа што луѓето се пребогати и едноставно ете, кога им се нуди нешто ново, незапирливо трошат. Сепак, двете тези се веројатно погрешни. Факт е дека во секоја земја доколку понудите некакви поголеми попусти, промоции што опфаќаат поголем број производи, настанува вистинско лудило. Па така, на пример, за 90 дена во Америка ќе се случи Black Friday, или почетокот на т.н. божиќна шопинг-треска, период кога купувачите се редат пред маркетите, шопинг-центрите итн. уште од раните утрински часови во потрага по се што им треба или многу поверојатно што не им треба. Тоа е период кога продавачите даваат големи попусти за многу производи. Колкаво е лудилото кажува фактот дека овој ден се завршува со многу апсења, а некогаш дури има и ранети и мртви како да се работи за војна. Американците ќе признаете не се многу сиромашен народ. Од друга страна таков модел да постои и во Африка или во Кина ќе се случува истото (дури можеби и се случува, но нема толку големо покривање како ова што е во САД). Тогаш што е причината? Нашето однесување и одлуки ги темелиме на база на психолошки котви. Цените на одредени  производи се токму такви котви.  Доколку тоалетната хартија чинела да речеме 100 денари, таа цена преставувала котва спрема која сме се однесувале до моментот на намалување на цената на 50 денари. Во моментот кога ја добиваме информацијата спремни сме да поминеме многу километри, да потрошиме гориво барајќи паркинг-место, да се туркаме со часови, се заради заштеда од 50 денари од еден производ (300, 400 или 500 ден. од повеќе производи). Се поради тоа што мозокот добива информација  за цена што релативно е значително различна од претходната. Секако, кога се ќе се собере, заштедата ни е речиси еднаква на нула. Но човекот е ирационално суштество и едноставно не може да се бори против тој нагон. Дозволете да ви покажам зошто е тоа така. Замислете сега дека купувате нов костум што чини 20.000 денари. Добивате информација дека се продава ист таков костум, но по цена од 19.950 денари во бутик оддалечен 5 км од вас и дека по патот до тој бутик има голем метеж и тешко се наоѓа паркинг. Што мислите колку од луѓето што отишле да купат тоалетна хартија намалена за 50 денари, би отишле да купат костум намален за 50 денари ? Веројатно еден на илјада. Човековиот мозок размислува во релативни, наместо во апсолутни вредности и тоа го прави за многу работи доста ирационален. Како што може да забележите, се работи за ист попуст гледано во апсолутни бројки – 50 денари, но тоа веројатно нема да ве натера да се туркате низ метежот и да трошите непотребно гориво. Од друга страна, кога се работи за тоалетна... е тогаш се вреди. Меморијата за одредена цена и стравот нешто да не загубиме се исто така причина за однесувањето на луѓето во вакви ситуации. Како и за се друго, имаме меморија и за одредени цени. Впрочем, на база на меморијата ја поставуваме ценовната котва. Продавачите тоа добро го знаат и знаат дека доколку ни направат промена во меморијата, ние ќе го смениме начинот на носење одлуки. Замислете да може некој да ни ја избрише меморијата за цени. Дали тогаш би се бунеле за цената на парното или на горивото? Нашиот револт за цените е поради тоа што ги паметиме нивните минати вредности или претходните ценовни котви. Доколку се разбудите утре без да ја знаете цената на горивото од минатото и доколку таа изнесува 120 ден. за литар, дали тоа ќе ви биде проблем? Не велам дека дека нема да биде, на крајот ќе сфатите колку поминувате со горивото, но револтот секако нема да биде премногу силно  изразен. Впрочем, една меморија со текот на времето ја заменуваме со друга. Цената на горивото е значително зголемена низ годините. Дали луѓето трошат помалку? Не, се троши како никогаш досега. Една меморија заменила друга, една котва менува друга, се навикнуваш и продолжуваш. Нервозата се чини е работа што поминува брзо. И за крај, зошто попустот е толку битен двигател во нашите одлуки да купиме нешто. Авторите што го изучуваат економското однесување на луѓето велат дека тоа е поради вградениот страв на луѓето да не изгубат нешто. Човекот од исконско време носи инстинкти да не губи, доживува пораз итн. Кога на клиентот ќе му понудите попуст или некаков гратис, тој смета дека нема што да изгуби или дека е заштитен од нешто. Тоа е главниот мотор за носењето на неговата одлука. Треба добро да размислиме кога носиме одлука за што било, бидејќи некогаш цената на попустот или бесплатното е многу повисока од тоа што мислиме. Милан Димитриоски    

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.