ЛУКАШЕНКО ОСВОИ НЕВЕРОЈАТНИ 87,6 ОТСТО ОД ГЛАСОВИТЕ - по седми пат избран за Претседател на Белорусија
Објавено во: Свет 26 Јануари, 2025
Актуелниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко, според излезните анкети, при изборот за шеф на републиката добил 87,6 отсто од гласовите.
Ова го соопшти претседателот на белорускиот комитет на младински организации, Павел Алексо.
„За Олег Гајдукевич гласаа 1,8 отсто, за Ана Канопатскаја 1,6 отсто, за Александар Лукашенко 87,6 отсто, Сергеј Сиранков доби 2,7 отсто од гласовите, Александар Хижњак – 1,2, 5 гласаа против сите 0, 1 отсто“, рече тој.
Одѕивот на гласачите заклучно со 18 часот е 81,5 отсто, изјави Елена Балдовскаја, секретарка на Централната изборна комисија на Белорусија.
Во Белорусија имало 5.325 избирачки места.
Право на глас имаа 6,9 милиони граѓани.
Лукашенко го освои седмиот претседателски мандат, а опозицијата изборите ги оцени како фарса.
ЕУ ќе ги задржи санкциите против режимот на Лукашенко
Европската унија „ќе продолжи да воведува рестриктивни и насочени мерки против режимот“ на претседателот Александар Лукашенко по „маскенбалот“ на претседателските избори во Белорусија, соопшти Европската служба за надворешни работи.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос оценија дека денешните претседателски избори во Белорусија се „маскенбал“ и дека не се ниту слободни ниту фер.
„Народот на Белорусија има право да одлучи кој ќе управува со нивната земја. Безмилосната и невидена репресија на човековите права, ограничувањата на политичкото учество и пристапот до независните медиуми во Белорусија, го лишија изборниот процес од секаков легитимитет“, се вели во соопштението.
Фото: Принтскрин/Твитер