Македонците се поделија меѓу ѓеврекот и дупката во него
Објавено во: Македонија 15 Декември, 2016
Албанските етнички гласови покажаа дека нема да трпат, сакаат да казнат и имаат демократски капацитет за тоа. Македонскиот електорат е пата-пата. Многумина покажаа свест и воља за промена, но уште се повеќе тие кои се за статус-кво, тие што гледаат прогрес во ултра скапиот ентериер на централниот штаб на македонската владеачка партија.
Вонредните парламентарни избори се позади нас. Без оглед на тоа што уште течат роковите за одлучување по приговори овие избори донесоа бројни новини кои досега не беа дел од нашата кратка демократска историја. Изборите со исклучок на неколку утврдени неправилности поминаа мирно, а беа оценети како коректни и од странските и од домашните набљудувачи.
Прво, сведоци сме на историски настан кога за прв пат имаме ситуација во која двете најголеми етнички македонски партии се толку блиску со гласовите добиени на изборите.
Второ, гласачите етнички Албанци покажаа впечатлива промена на досегашните гласачки навики кои многумина го толкуваат како зголемен демократски капацитет на таа популација затоа што дадоа значаен број гласови на македонска партија - СДСМ која пак претходно на своите листи на добитни места стави три јавни личности етнички Албанци. Тоа е без преседан и е голем чекор напред за македонската демократска политичка култура.
Трето, гласачите Албанци имаа богата политичка понуда и плуралистички ги преточија гласовите во мандати на четири од вкупно петте политички партии и групации кои се кандидираа на овие избори. Македонците и на овие избори се поделија на две групи од кои едните гласаа за промени, а другите за статус кво. А повеќе ги имаше тие што гласаат за да нема промени.
Што покажуваат резултатите?
Бројот на гласови генерално се зголемил во однос на изборите во 2014 година за речиси 71.000 гласови и достигна 1,12 милиони важечки гласови. Бројот на гласови за албанските партии се намалил за 27.000 во споредба со изборите во 2014 година. ВМРО ДПМНЕ и неговата коалиција доби најмногу гласови, но за 37.400 гласа помалку од 2014 година. СДСМ доби нови 152.000 гласови и е апсолутно најголемиот добитник на овие избори. ДПА е најголемиот губитник затоа што изгуби половина од гласовите што ги имаше во 2014 година. Во апсолутни цифри ДУИ е најголемиот губитник затоа што изгуби речиси 67.000 гласови во однос на тоа што го имаше како поддршка од албанскиот електорат пред три години.
Од овие бројки се гледа дека етничките гласачи Албанци го казнија ДУИ за неговата политика и покажаа дека не се задоволни од нивното практицирање на власта проткаено со кулоарските шпекулации за коруптивни зделки како и од аудио снимките од прислушуваните разговори.
ВМРО ДПМНЕ освои над 454.000 гласови на овие избори. Како што претходно напишавме тоа е 6 отсто помалку од гласовите што ги имаше на претходните избори. Од нивниот резултат може да се заклучи дека имаат „бетон“ гласачко тело. Гласачи на кои можат да сметаат во секое време. Луѓе кои и покрај се што слушнаа во снимките и од тоа што го видоа и прочитаа за аферите поврзани со врвот на таа партија која десет години го креира општествениот живот во Македонија. Дури и „бахатото“ однесување на младиот висок функционер непосредно пред изборите во скандалот по скопските улици со придружничката и оркестрираната одбрана со цел убедување дека е невин и дури малтретиран од полиција не беше доволно за некои луѓе да проценат што е вистината? Или фотографиите од инвентарот во централниот штаб во центарот на Скопје кои наликуваат на ентериер во еден од најголемите европски империјалистички кралски дворци? А да го види ентериерот Гоце Делчев ќе го праќа ли Ќосето?
Гласачката маршинерија на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека без таа партија никој во земјава ќе може да прави „есап“ и од тоа сигурно многу ги боли главата странските дипломати кои беа хиперактивни во последните две години.
СДСМ и неговата коалиција се најголемите победници на овие избори. Имаат 54 отсто повеќе гласови од тоа што го освоите во 2014 година. Зоран Заев направи нешто што многумина пред година и половина го оценуваа како невозможна мисија. Успеа да разбуди 70.000 гласа повеќе од 2014 година кои не веруваа дека е можна промена и не гласаа. Успеа и да придобие многу албански гласови, а за многумина беше незамисливо дека Зајас, Осломеј, Брест, Малина маала и други албански рурални заедници може да гласаат за македонска опција, или за промена на ВМРО ДПМНЕ? Или заради други мотиви? Но сепак гласаа, а тоа е факт. Грубата математика, која никако не може да се земе за прецизна и точна, покажуа дека СДСМ канализирал 70.000 нови гласачи и веројатно уште триесетина илјади кои му откажале љубов на ВМРО ДПМНЕ, како и околу 50.000 албански гласови. Ова е приближна и проста, но сепак е точна математика.
ДУИ versus БЕСА најголемата албанска политичка партија изеде јак шамар од својот електорат. Веројатно нивниот политички партнер со кој ја делат власта од 2008 година, од 2014 година до сега добро го изгриза нивниот политички кредибилитет. Но тоа е дело и „минат труд“ и на многумина партиски функционери чии имиња се споменуваа во скандали и афери. Албанските гласачи покажаа политичка зрелост. Казнија и не простија. Тоа ја создаде БЕСА. Тоа е новиот watch dog на македонската политичка сцена. Но само кај албанскиот електорат.
Малите македонски политички партии и коалиции кои учествуваа на овие избори добија лекција. Со ваков модел не можат сами на избори. Мора да влегуваат во коалиции инаку може да ги снема од политичката сцена.
Р.Ф.