29 Април, 2024
0.0271

Интервју со Евелин Џекел, офицер за мрежа во Wizz Air

Македонците се „жедни“ за патување, пазарот се покажа како отпорен дури и во текот на пандемијата

Објавено во: Економија, Интервјуа 12 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Идните развојни планови, можни нови рути кон земјава и Балканот, но и проширувањето на понудата кон Блискиот Исток на авиокомпанијата Wizz Air беа дел од темите на кои разговаравме со член на лидерскиот тим на Wizz Air која е надлежна да го надгледува развојот на мрежите, распоредот и развојот на аеродромите, Евелин Џекел, офицер за мрежа во Wizz Air.

Дали може да се очекуваат нови авиолиниии од и кон Македонија и кон кои дестинации?

Џекел: Ние секогаш разгледуваме можности за проширување или зголемување на бројот на летови од Македонија кон некоја нова дестинација, особено што ние сме водечка авионска компанија на пазарот. Неодамна најавивме три нови рути од земјата кон Билут, Болоња и Торино - сите тие се планираат два пати неделно. Сега веќе ја планираме следната летна програма, но се уште не е комплетирана, поради што не би сакала предвреме да ја коментираме, се додека не сме сигурни кои летови ќе бидат сигурно воспоставени. 

Верувам дека ќе има новини и од Македонија. Летовите кои ги најавивме започнуваат овој месец, веќе се воспоставени термини за патување и заинтересираните можат да купуваат карти за летовите на Wizz Air.com.

Каква е искористеноста на постоечките линии од Македонија и кон нашата земја?

Џекел: Она што можам да го кажам како факт кој сме го увиделе изминатиов период е стабилноста. Македонија се покажа како стабилна земја во поглед на патувањата дури и во текот на ковид периодот, ова е доста отпорен пазар, луѓето беа „жедни“ за патување долг период што сметаме дека придонесува кон големиот интерес за искористување на постоечките рути. Знаете ние летаме од Македонија уште од 2011 година, и верувам дека искуството исто така помага, но генерално сметам луѓето сакаат да ги посетат пријателите и роднините и ако ја погледнете нашата мрежа на летови ќе видите дека тука е нашиот фокус. Значи најмногу летаме кон Германија, Швајцарија и кон нордиските земји.

Кои рути се најискористени, односно за кои рути има најголем интерес од патниците?

Џекел: Мислам дека една од најискористените дестинации и дестинација која најчесто се реализира е кон Милуз, Швајцарија, која се реализира десет пати во неделата. Но, исто така и летовите кон Германија се многу барани и редовно пополнети. 

Дали до Балканот се планираат нови рути, кои би биле тие, односно од која до која дестинација?

Џекел: Ништо конкретно не би истакнала засега. Токму овој период ја планираме следната летна прогрма, ги дефинираме рутите за летото, но би спомнала дека се разгледуваат можности за соработка со Блискиот Исток. Значи можни се нови дестинации, нови локации на Истокот, иако се уште не можам да зборам за конкретни проекти, за конкретни локации, бидејќи се уште се дефинираат можностите за соработка. Иако нема конкретни новини во овој момент, сепак, факт е дека изминатиов период најмногу нови понуди и најголем раст имаме во Македонија, Албанија и Србија. Ова е регион кој го гледаме како наш, како домашен, и регион во кој сметаме дека има потенцијал за раст.

Се размислува ли за укинување на некои од линиите, или нивно привремено паузирање, и кои се причините, слаба искористеност, нерентабилност на летовите...?

Џекел: Засега не се размислува за прекин на некои линии, не би најавиле никакви промени или привремени паузи. Сите наши рути се солидно искористени. Задоволни сме од исполнетоста на капацитетите.

Владата на Македонија најави промени во субвенциите за нискобуџетните авионски линиии. Дали се најавени некои промени во соработката со Wizz Air?

Џекел: На оваа тема немам повеќе детали од Вас. Колку што знаете Вие, колку што е обзнането во јавноста, немаме повеќе детали. Тендерот е објавен, ние контактираме со лицата задолжени за спроведување, но немаме никакви најави, ниту детали, се следи постапката од лицата задолжени за аплицирање, но каков ќе биде искохот е неблагодарно да коментирам. Сега има отворен тендер на кој може да аплицира секоја авионска компанија, меѓу кои и Wizz Air, но за плановите мора да ја прашате Владата.

Изминатиот период поради кризите, турбуленции се чуствуваа во секоја област, вклучително и кај авиопревозот... Како Wizz Air се справува со честите турбуленции, меѓу кои и поскапувањаето на горивата, има ли притисок поради поскапувањето да се намалат трошоците на некој начин?

Џекел: Да, секако. Знаете ние не сме имуни на она што се случува во светот, и тоа влијае и на нас. Ни се зголемуваат трошоците, и ние сме изложени на шокови поради растот на трошоците, како и целата авиоиндустрија. Поради тоа се одлучивме да ги намалиме сите останати трошоци кои ги имаме на најниско ниво, да ги сведеме на минимум, бидејќи знаете не можеме да влијаеме на трошоците за гориво, но можеме да ги намалиме другите трошоци, секако за да можеме да понудиме најниски цени на пазарот.

Каква е позицијата на Wizz Air на светско ниво, се планира ли намалување или зголемување на летовите на светско ниво?

Џекел: Ако ја следевте нашата историја, нашиот развој, веројатно сте забележале дека нашиот раст е доста стабилен, па дури и во пандемијата успеавме да растеме, што е спротивно на она што се случуваше во голем дел од авионската индустрија, кога дел од компаниите дури и ги приземјија своите флоти. Ние овој период дури и го зголемивме бројот на авиони со кои располагаме. Па така, сега, наместо некогашните 121 авион пред пандемијата, денес имаме над 160 авиони во нашата флота. Во текот на овој раст ние се раширивме низ Европа и на Блискиот Исток. Исто така отворивме и сега имаме своја база и во Италија, и капацитетите се таму многу солидни, имаме стационирано 21 авион, и искористеноста на рутите од таму е навистина солидна. Се проширивме и во Албанија, иако имавме една рута, денес таму имаме девет авиони. Но, наш нов центар е и Абу Даби, каде отворивме своја база која брои четири авиони. 

Значи имаме три светски дестинации каде се шириме, но исто така остануваме присутни и во нашиот основен пазар во централна и источна Европа. Сега сме дури 40 проценти поголеми во поглед на капацитетот отколку што бевме пред пандемијата, купуваме најнови типови на авиони како што е Airbus A321 Neo со капацитет од 239 седишта.

Но, исто така скративме дел од трошоците за да им понудиме на луѓето колку што може најфер цени. Можеме да се пофалиме со 1000 рути кои ги сервисираме, а еден од најголемите потфати кои ги имавме во последниов период се рутите кон Саудиска Арабија, кон оваа земја сега имаме 23 лета, од различни дестинации. Ова е секако во корелација со визијата на тамошните власти кои тежнеат кон обезбедување поголем број линии кон земјата со цел привлекување повеќе туристи. Пред пандемијата имале 600 илјади туристи, а нивната цел е следната година да достигнат посетеност од 1 милион туристи. Ние би сакале да бидеме дел од тој план, алатка со која туристите ќе пристигнат во Саудиска Арабија. 

Значи се на се, и покрај предизвиците со кои се соочуваме, ние успеавме да растеме, да се етаблираме на повеќе пазари, и планираме тоа темпо да го оддржиме. Очекуваме оваа година да ги надминеме бројките на превезени патници кои ги имавме пред почетокот на пандемијата.

Какви се идните развојни планови на компанијата?

Џекел: Мислам дека следниот период ќе ги засилуваме нашите капацитети во Италија, а Македонија има бенефит преку рутата до Торино. Но, ќе ги засилуваме нашите понуди и на Блискиот Исток, со што смтам дека градиме на еден начин уникатна понуда, одбележување кое ќе не направи посилна авиокомпанија. 

Петранка Огнаноска 

Можеби ќе ве интересира

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ЕУ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА: Голем дел од амбалажата што сега ја знаеме, до 2023 година веќе нема да изгледа исто

ЕУ ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА: Голем дел од амбалажата што сега ја знаеме, до 2023 година веќе нема да изгледа исто

НЕ Е МАРАТОНЕЦ, НО ТРЧА СО БРЗИНА ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - Тиангонг е хуманоиден робот кој се движи како ниеден досега

НЕ Е МАРАТОНЕЦ, НО ТРЧА СО БРЗИНА ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - Тиангонг е хуманоиден робот кој се движи како ниеден досега

КОЈА ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ „НАБИЛДА“ ДОБИВКА ОД 240 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ - еве кои се причините

КОЈА ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ „НАБИЛДА“ ДОБИВКА ОД 240 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ - еве кои се причините

ЗА ЈАХТИ, ХАЦИЕНДИ И СКАПИ КОЛИ ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПОСЕБЕН ДАНОК, ЗА ПЛАТИ НАД 7.700 ЕВРА 40 ОТСТО ПЕРСОНАЛЕЦ - еве какви решенија нуди Левица

ЗА ЈАХТИ, ХАЦИЕНДИ И СКАПИ КОЛИ ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПОСЕБЕН ДАНОК, ЗА ПЛАТИ НАД 7.700 ЕВРА 40 ОТСТО ПЕРСОНАЛЕЦ - еве какви решенија нуди Левица

НАЈНОВА СТАТИСТИКА: Србите сѐ помалку бараат работа во странство, младите сѐ повеќе одлучуваат да останат во својата земја

НАЈНОВА СТАТИСТИКА: Србите сѐ помалку бараат работа во странство, младите сѐ повеќе одлучуваат да останат во својата земја

ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ТРГОВСКИ СИНЏИРИ ВО ЕВРОПА Е ПРЕД БАНКРОТ: Се затвораат 16 стоковни куќи, 1.400 работници остануваат без работа

ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ТРГОВСКИ СИНЏИРИ ВО ЕВРОПА Е ПРЕД БАНКРОТ: Се затвораат 16 стоковни куќи, 1.400 работници остануваат без работа

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

ВО ГЕРМАНИЈА СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КРИЗАТА: Пристигна загрижувачка оценка

ВО ГЕРМАНИЈА СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КРИЗАТА: Пристигна загрижувачка оценка