Македонија да упати демарш до Косово поради неиспораката на обвинетите од „Монструм“
Објавено во: Колумни 01 Февруари, 2021
Пред некој ден во центарот на Скопје се одржа протест против обвинителката Фатиме Фетаи и Основното јавно обвинителство кое побара најстрога казна за обвинетите во случајот „Монструм“. Сè поизвесно е дека Судот ќе ја повтори одлуката од јуни 2014 година, кога шест обвинети лица беа осудени на доживотна казна затвор за петкратното убиство кај Смилковско езеро. Тоа горе-долу е веќе завршена работа. Меѓутоа, останува фактот дека двајца од шестмината убијци се во бегство на Косово, со надеж дека ќе избегаат од лицето на правдата. Станува збор за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои побарале азил на Косово, но биле одбиени од тамошните институции. Македонија сега треба да стори сè што е во нејзина моќ час поскоро да ги донесе овие двајца бегалци назад во државата и да ги изнесе пред судот на правдата.
Очигледно е дека барањата за екстрадиција кои Македонија ги испраќа до Косово не вродуваат со плод. И после седум години од масакрот, приштинските власти одбиваат да ги испорачаат двајцата обвинети во земјава. Тоа значи дека Македонија треба да го зголеми притисокот врз Косово. Како да го направиме тоа? На многу едноставен начин – со помош на дипломатијата.
Прво, Македонија треба да упати вербален демарш на косовскиот амбасадор во Скопје. Да му се предочи дека нашите државни институции (МВР и Министерството за правда) веќе неколку пати испратиле барања за екстрадиција и дека од косовска страна истите биле занемарувани и игнорирани. Таквата состојба не може да продолжи. Со одбивањето да ги екстрадираат двајцата македонски државјани, Косово не само што ги прекршува меѓународните договори, туку и го загрозува владеењето на правото во Македонија и им наштетува на нашите меѓуетнички односи. Да се даде последен рок од седум дена за испорачување на Демири и Исмаиловиќ.
Во случај Косово да ги испорача двајцата, Македонија јавно да го поздрави потегот на приштинските власти и да изрази благодарност за истото. Во спортивно, Македонија да донесе одлука за намалување на нивото на дипломатски односи со Косово преку намалување на бројот на македонски дипломати во нашата амбасада во Приштина или преку отповикување на македонскиот амбасадор.
Следен чекор би бил донесување на заедничка одлука на премиерот Зоран Заев и на претседателот Стево Пендаровски за одбивање на средби со своите косовски колеги. Кога во иднина косовските политичари ќе доаѓаат на посета во Македонија, нека се состануваат со македонски политичари од понизок ранг, но не со нашиот премиер и претседател.
Ако ни тоа не даде резултат, тогаш Македонија може целосно да ги прекине дипломатските односи со Косово. Како што се воспоставуваат односи меѓу две држави, така може и да се прекинат. Па да видиме дали Косово ќе сака да ризикува прекин на односите со Македонија поради двајца криминалци. Не сум баш сигурен дека ваков развој на настани би им одговарал на Косоварите, особено сега кога Приштина се обидува да го возобнови дијалогот со Белград и да се интегрира во меѓународните организации.
Дипломатијата е алатка за остварување на државните интереси, а наш државен интерес е правдата да ги стигне сите кои се огрешиле пред Уставот и законите на Република Македонија. Уште да имавме некој да го сфати ова.
М-р Филип ИвановскиФактор не се согласува целосно и секогаш со ставовите изразени во рубриката Колумни
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.