Македонија има уште многу пат до вистинското тргување со електрична енергија
Објавено во: Балкан 03 Декември, 2013
Интервју со Сања Божиновска, директор на секторот за трговија со електрична енергија во Руднап.
Сања Божиновска веќе три години е директор на секторот за трговија со електрична енергија во една од најголемите компании за трговија со струја во Југоисточна Европа, Руднап. Оваа компанија моментално работи во Македонија, Грција, Бугарија, Романија, Србија, Хрватска, БиХ, Словенија, Албанија, Црна Гора, Унгарија, Австрија, Германија, Чешка и Словачка.
Божиновска во интервју за Фактор оценува дека Македонија има да изоди уште многу додека да почне со вистинско тргување со електрична енергија. “Под поимот вистински пазар се подразбира секојдневно активно тргување на електрична енергија. Само за споредба, Државното електростопанство на Србија (ЕПС) во периодите кога има вишок на електрична енергија (април, мај, јуни) продажбата на електричната енергија се врши преку телефон или по електронска пошта, што во Македонија не постои“, објаснува Божиновска.
Фактор Од 2008 година Руднап е присутен во Македонија како лиценциран трговец со електрична енергија, период кога во земјава стартуваше првата фаза на либерализација на пазарот со електрична енергија. Каде Руднап го виде предизвикот во Македонија?
Божиновска Руднап Груп е основан во далечната 1945 година, а првата лиценца за трговија со електрична енергија ја доби во Србија во 2007 година. Во 2008 година пак, ја добивме лиценцата за трговија во Македонија и бевме меѓу првите лиценцирани учесници на пазарот со електрична енергија во Македонија. За Руднап секоја нова држава значи зголемен број на партнери, нови можности за трговија и дополнителна можност за оптимизирање на нашето портфолио. Исто така, со нашето присуство во Република Македонија добивме и повеќе можности за снабдување со електрична енергија во соседна Република Грција, како и други можности за транзитирање на овој енергенс низ Македонија. Првенствено како партнери го добивме ЕЛЕМ и МЕПСО, а подоцна и Евн.
Првата фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија ни овозможи и потенцијални нови 11 партнери. Во изминатите 5 години во Македонија се зголеми бројот на учесниците на пазарот со електрична енергија, се менуваше Законот за енергетика со цел да се адаптира на европските закони за енергетика, а можам да кажам и дека работата на систем операторот МЕПСО константно се подобрува, односно се усогласи со работата на соседните систем оператори. Со најавената либерализација од април 2014 година очекуваме дека ќе имаме дополнителни можности за трговија и за поголемо учество на Руднап на пазарот со електрична енергија во Македонија.
Фактор После речиси 5-годишна работа во Македонија, но и во сите земји од регионот, како го оценувате пазарот со електрична енергија во земјава. Всушност или ли вистински пазар и конкуренција кога станува збор за трговијата со струја во Македонија?Божиновска Групацијата Руднап е присутна во 15 држави, каде што активно се занимава со трговија на електрична енергија и има диверзифицирано портфолио. Во изминатите години значително се подобрија условите за трговија со електрична енергија во Македонија, а со тоа се зголеми бројот на компании кои тргуваат со струја. Првенствено, иако Македонија граничи со четири држави, енергетски е поврзана само со Србија, Бугарија и Грција, од кои што Грција е земја која што увезува голем дел од своите енергетски потреби. Бидејќи Македонија е нето увозник, целокупниот увоз се одвива преку Србија и Бугарија, а во исто време се одвива и транзит на електрична енергија низ Македонија кон Грција. Под поимот вистински пазар се подразбира секојдневно активно тргување на електрична енергија. Поголемиот дел од количините кои и недостасуваат на Македонија се набавуваат на годишно ниво. Само за споредба, Државното електростопанство на Србија (ЕПС) во периодите кога има вишок на електрична енергија (април, мај и јуни), а тоа е речиси секојдневно и продажбата на електричната енергија се врши преку телефон или по електронска пошта, што во Македонија не постои.
Истиот флексибилен принцип на продажба важи и за Хрватска, Црна Гора, за трите државни електростопанства во Босна и Херцеговина, како и за Косово и Бугарија. Во Македонија многу ретко ЕЛЕМ продава вишоци на електрична енергија, чијашто минимална цена е регулирана од Регулаторната комисија за енергетика во Македонија. Кога се работи за снабдување на крајните потрошувачи поголем дел од нив набавуваат струја долгорочно, така што во Македонија станува збор за класично снабдување со струја на подолг временски период, а не динамично, активно тргување со електрична енергија. Кога ќе направам компарација со сите земји во соседството, за жал, во Македонија има уште многу чекори кои треба да се направат за да има вистинско тргување со електрична енергија.
Фактор Трговијата со струја е можеби еден од најспецифичните пазари. Струјата е производ кој не може да се складира – таа се произведува и веднаш мора да се продаде до крајниот потрошувач(компанија или домаќинство). Каков е патот на струјата?
Божиновска Трговијата со струја исто така се нарекува и “злато на иднината“ и започна како нова индустрија во земјите членки на ЕУ во раните 80-ти години. Во Македонија и во земјите од соседството оваа дејност е многу млада и затоа и нема многу фирми кои се занимаваат со ова. Точно, струјата е производ кој не може да се складира, туку се произведува и веднаш треба да се продаде. Целокупниот процес на трговијата со струја е комплексен и подразбира ангажирање на многу луѓе на дневно ниво.
Струјата може да се продаде долгорочно (повеќегодишен договор, годишен договор или квартален) или на месечно ниво, неделно ниво или ден пред купувањето. Кога би се обидела накусо да објаснам како изгледа еден ден кога се тргува со струја тоа би изгледало вака. Тргувањето почнува еден ден однапред, односно денеска го балансираме утрешниот ден. Трговците со струја денот го започнуваат во 08:00 наутро, се собираат сите информации од сите држави, се анализира каква е позицијата т.е во која држава во кој час каква е состојбата со побарувачка на електрична енергија и до 14:30 часот, всушност гледаме секој час да е избалансиран – колку енергија сме купиле, толку треба и да сме продале. Затоа потребите се покриваат од различни берзи во регионот како што се берзите во Романија, Унгарија, Словенија, Австрија, Германија и Чешка итн. Во исто време се закупуваат прекуграничните капацитети за да се овозможи транспорт на оваа енергија. Со билатерални трансакции, берзанските трансакции или преку брокерски куќи се врши балансирање на нашите позиции во секоја земја поединечно.
Систем операторите пак, во случајов МЕПСО во Македонија, е задолжен за одржување на стабилноста на енергетскиот систем, оператор кој е поврзан со Европската мрежа на систем оператори (ENTSO). Следна активност е размена на “возните редови“ на струјата, специфични податоци кои се испраќаат до МЕПСО, а воедно и сите учесници ан пазарот ги испраќаат своите возни редови до МЕПСО. Оваа компанија прво интерно ги усогласува возните редови, потпоа ги уѕсогласува со своите соседи, а попладне сите возни редови на струјата се усогласуваат на европско ниво. По взаемното усогласување се праќаат потврди за испорачаната количина на струја, се потпишуваат договорите и на крајот се врши плаќањето.
Фактор Во Македонија веќе неколку години се најаува Берза за струја, како и целосна либерализација на пазарот кој треба да се случи до 2015 година. Подготвени ли се компаниите – потрошувачи, ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН како и трговците со струја за овој купен процес?
Божиновска Само за компарација, Србија која има производство од 41.000 гигават/часови струја и енергетски осум граници - нема берза, истото важи и за Бугарија каде што постои нуклеарна централа и повеќе од 100 регистрирани трговци. За постоење на Берза потребно е да се обезбедат многу правни регулативи. Но, првенствено неопходно е да има “market maker”, понатаму правно да се покријат сите односи меѓу партнерите, да се воспостават кредитни лимити и секако берзата да е ликвидна. На пример, берзата во Словенија стана ликвидна кога се спои со Италијанската, а истото важи и за Берзата во Унгарија (HUPX), која се спои со берзите во Чешка и Словачка. Во Македонија треба да се случат одредени промени што подразбира и ангажирање од соодветните институции МЕПСО, ЕЛЕМ, Евн и Регулаторната комисија за енерегетика. Мислам дека на Македонија приоритет треба да и биде реализацијата на енергетските проекти и промена на одредени законски и подзаконски акти кои се однесуваат на енергетиката, а за Берза е се уште рано.
Што се однесува пак, до либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија, таа фаза неколку пати до сега се одложува, иако тоа е предвидено во пакетот за хармонизација со ЕУ.
Фирмите кои што ќе можат сами да купуваат електрична енергија во 2014 година се наоѓаат на интернет-страницата на МЕПСО. Тие првенствено би требало да се занимаваат со некоја оптимизација на својата потрошувачка и да ги следат своите дијаграми на трошење енергија. Потребно е да се организираат работилници каде што ќе има претставници и од фирмите потенцијални купувачи и од Евн и од МЕПСО за сите инволвирани да се запознаат со процесот. Секој почеток е тежок, но може да видиме како тоа го направиле земјите од соседството, каде штро либерализацијата веќе функционира. Трговците со струја присутни во Македонија, а кои не се многу на број, исто така се присутни на соседните пазари каде што либерализацијата е веќе одамна започната и би можеле многу да помогнат на новите фирми како би ги оптимизирале своите сметки за струја. Се надевам дека во скоро време ќе се направат конкретни чекори од сите институции за реализација на овој проект.
Фактор Кои држави од регионот се најголеми потрошувачи, а кои се најголеми произведувачи на струја? Божиновска Во регионот најголеми потрошувачи се Романија, која лани потроши 54.427 гигават/часови струја, додека во 2011 година – 54.916 гигават/часови, потоа Грција (2012 година 52.064 гигават/часови струја), Унгарија 2012 година 39.904 гигават/часови струја) и Србија ( 2012 година 39.667 гигават/часови струја). За споредба, Македонија лани потроши 8.488 гигават/часови (Gw/h) струја. Што се однесува до производството во регионот пак, лидер е Романија која лани произведе 54.320 гигават/часови струја, Грција 50.548 гигават/часови струја, Бугарија лани произведе 41.910 гигават/часови струја, а Србија 39.900 гигават/часови струја. Фактор Како е снабдена Македонија со струја, од каде купуваме најмногу? Што мислите за цената на струјата? Дали е реална и како ќе се движи во иднина? Божиновска Македонија во 2012 година има произведено 5.813 гигават/часови струја, а потрошувачката е на ниво од 8.488 гигават/часови. Трговците кои струјата ја транспортираат до Македонија, преку Србија и Бугарија, не значи и дека ја купиле од овие земји. Патот на струјата која стигнува до Македонија, а преку Србија или Бугарија можеби е од Германија, Австрија, Чешка или каде било во Европа, се зависи од одлуката на трговците и оптимизацијата на трошоците.Кога зборуваме за цените мора да сме свесни дека транспортот на струјата до Македонија е комплициран и постојат многу граници додека струјата да стигне до Македонија. Исто така, на пример Евн во Македонија користи “дневна енергија“, а далноводите се закупуваат само во “band” (секој час во текот на 24 часа), што значи дека и профилот на енергија која се бара најмногу влијае на цената. На цената, се разбира влијае и флексибилноста што ја дава потрошувачот.
Последните години повеќето држави во Европа се во рецесија, за што доказ се и цените реализирани во изминатите години во Германија на најголемата берза (EEX), каде што во 2009 година мегават/час струја чинеше 38,85 евра, во 2010 година мегават/час чинеше 44,49 евра, во 2011 година цената беше 51,12 евра за мегават/час и лани оваа количина на струја чинеше 42,60 евра. Но, постојат многу фактори кои можат значително да влијаат на цената на струјата, како на пример случувањето во Фукушима за еден ден ја поскапе струјата на берзите за 25%, исклучувањето на нуклеарните централи во Германија од страна на германската влада исто така енормно ја зголеми цената на струјата. Ова се непредвидливи фактори. Било какви претскажувања за цените на струјата, моментално би биле само шпекулации кои може да се сменат на дневно ниво.
Фактор Кои се следните предизвици за Руднап во Македонија и во соседните земји? Исплатлив ли е овој бизнис?
Божиновска Руднап во 2012 година изврши оптимизација на своето портфолио и се труди да работи со една фирма лиценцирана во ЕУ, преку која може да се работи во сите земји на ЕУ. Моменталниот тренд е премин од долгорочно тргување на среднорочно и краткорочно тргување и продажба. Како и во секој процес, на почетокот кога има помалку фирми, маргините се поголеми.
Меѓутоа, со добро менаџирање на ризикот и оптимизација на трошоците може да се има поголема исплатливост во трговијата со струја. Исто така, да споменам дека за трговијата со електрична енергија се потребни и големи депозити и банкарски гаранции, вработени технички лица кои поседуваат лиценци за работа на меѓународните берзи, стручно следење на конференциите и константно усовршување во оваа област. Секако, долгогодишното искуство на сите вработенуи во Руднап, одличното познавање на хидролошките услови, енергетските капацитети во регионот и земјите каде што работиме како и навременото носење на одлуки за покривање на дел од портфолиото и одличното управување со ризикот се предуслови за успешно работење на Руднап.
Најголем предизвик за Руднап моментално е либерализацијата на пазарот со електрична енергија и влезот во продажбата каде конкуренцијата ќе биде далеку поголема. Бидејќи имаме искуство со крајни потрошувачи во земјите од регионот убедена сум дека ке имаме многу потенцијални партнери на долг рок.
К.П.