МАКЕДОНСКИТЕ ПОШТАРИ РАЗНЕСУВААТ СЕ ПОМАЛКУ ПИСМА – за пет години драстичен пад на пренесените пратки
Објавено во: Македонија 05 Јуни, 2024
Голем пад на бројот на пренесени пратки регистрира Државниот завод за статистика. Последните бројки кажуваат дека од скоро 33 милиони писмоносни пратки пренесени во 2018 година, за само пет години нивниот број се намалил за скоро 10 милиони пратки. Па така во текот на минатата 2023 година биле пренесени 23.336.000 писма.
Но, уште позагрижувачки е фактот што пратките за кореспонденција (писмата) опаѓаат постојано и од 44,3 милиони во 2014 спаднале на 33 милиони во 2018.
Монополската позиција која ја ужива државната компанија иако требаше да обезбеди подобри услови за работа на компанијата, се покажа како уште поштетна. Имено поштенскиот пазар во Македонија се уште не е либерализиран. Државната компанија АД Пошта на Македонија до крајот на годината е единствената која има ценовен монопол над поштенските услуги за пратки за кореспонденција и пратките со директна пошта со тежина до 50 грама. Оваа одлука беше донесена пред повеќе години, и секоја година се продолжува и покрај укажувањата дека треба да се прекине, за да поттикне конкуренција на пазарот.
Токму ова се најчесто користените форми на пошта кои се практикуваат меѓу граѓаните, кои пак постојано се жалат дека писмата доцнат. И покрај многубројните поплаки состојбите во државната комапнија не се подобрени, напротив, се влошуваат, поради што вработените пред краток период излегоа на протест барајќи средување на состојбите во компанијата пред да биде предоцна.
- Македонска пошта е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем знак прашалник и бараме итна средба со новата влада. Она што го бараме со години е да се отпочне веднаш и неодложно со новите реформи и целокупна реорганизација. Владата треба да се заземе за интересот на Македонска пошта бидејќи 2.000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот државна пошта да не функционира, односно да не постои - истакна Боро Велигденов, претседател на Синдикалните организации на Македонска пошта пред неполн месец.
Побара идната влада да преземе мерки и за регулаторното тело, да работи според Законот за поштенски услуги, и посочија дека во земајва се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај.
Агенцијата за пошти пак констатира намалување на обемот на поштенскиот пазар во Македонија.
- Кај АД Пошта се забележува намалување на обемот во изминативе неколку години, и тоа за 7,5 отсто во 2022 во споредба со 2021 година. Но, со намалување на обемот кај давателот на универзалната услуга забележуваме еден постојан раст кај давателите на поштенски услуги на слободен пазар. Во 2022 година има зголемување на обемот за 7,3 проценти во однос на 2021 година – истакнуваат од Агенцијата за пошти.
Воедно од Агенцијата посочуваат дека има опаѓање на бројот на пратките за кореспонденција заради промена на потребите на овој вид на пратки, но и поради поголемата употреба на електронската технологија.
Бројките исто така покажуваат дека за разлика од писмата, се бележи раст на пакетите кои се пренесуваат низ поштите пристуни во нашата земја. Па така од 71 илјада пратки пренесени во 2018 година, нивниот број скоро се дуплирал и достигнал 153 илјади во 2023 година.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.