„Макпромет“ објасни каде настанала грешката со трошоците за вработените - бруто плата во компанијата е 584 евра
Објавено во: Економија 24 Август, 2022
Уште еднаш се огласи компанијата „Макпромет“ од Штип, околу нејзиниот финансиски извештај за првото полугодие од годинава, во кој прво имаше навадено еден износ на трошоците за вработените, па потоа друг, многу повисок. Фактор ја проблематизираше корекцијата, бидејќи во ланскиот извештај за првото полугодие, беше наведено дека трошоциоте за вработените биле 1,65 милиони денари, токму како што беше дадено како споредбена основа во годинашниов извештај, сума која потоа компанијата ја корегираше.
Во ценовно чувствителната информација која компанијата ја објави преку берзата, тие се објаснуваат за направените промени, односно, како што велат, даваат објаснување на направената корекција во неревидираните финансиски извештаи за периодот од 01.01-30.06.2022 година.
Од нивното објаснување станува јасно дека компанијата грешката ја направила всушност во ланскиот извештај, односно трошоците за вработените биле објавени во ставката останати расходи од работењето.
„Во врска со објавената корекција на неревидираните консолидирани финансиски извештаи сакаме да појасниме дека корекцијата е направена откако е увидена грешката во објавените податоци за периодот 01.01.-30.06.2021, т.е. одредени трошоци поврзани со вработените, во обрасците за објава на СЕИ- Нет се објавени во категоријата Останати расходи од работењето, наместо во категорија трошоци за вработени. Податоците се корегирани согласно ревидираните финансиски извештаи за 2021 година. Грешката нема влијание на конечниот финансиски резултат“, се вели во објавата на Берзата од компанијата „Макпромет“.
Натаму, од компанијата доадаваат дека имаат 163 вработени на денот на известувањето. Ова е поголема бројка во поднос на онаа од 48 вработени која ја објави Фактор, а која беше видлива во извештај на компанијата од 2020 година кој беше достапен на интернет.
Исто така, од компанијата тврдат дека „во ревидираните консолидирани финансиски извештаи за периодот 01.01.-31.12.2021 година податоците се потврдени од независен ревизор“.
Ако бројките се потврдени од независен ревизор, тогаш излегува дека во првото полугодие од годинава за плати во „Макпромет“ се поделени 572 илјади евра, наспроти 517 илјади во истиот период лани. Или, ако се направат пресметки, во просек бруто платите на вработените во таа фирма се по 584 евра, или што би дошло во нето износ некаде околу 390 евра.
Инаку, ова појаснување кое сега има целосна смисла и фрла нова светлина на настаните, компанијата го даде откако и од Берзата, на барање на Фактор, објаснија дека Берзата континуирано го следи исполнувањето на постојаните обврски за известување од страна на котираните издавачи.
„Во врска со оваа проблематика Берзатa, доколку е потребно, презема соодветни мерки кои и стојат на располагање согласно Правилата за котација. За вистинитоста и точноста на објавите на котираните друштва преку СЕИ-НЕТ, одговара друштвото кое ги објавува податоците. Берзата ги има нотирано корекциите во билансите на споменатото котирано друштво. Доколку се оцени дека има потреба од понатамошно постапување Берзата ќе превземе соодветни активности“, ни одговорија од Барзата.
Инаку, оваа грешка покажува и дека колку компаниите се потранспарентни и даваат повеќе податоци за своето работење, помалку би можело да дојде до забуни кај јавноста и кај инвеститорите, што впрочем е и една од главните цели на котирањето на компаниите на Берза.
Н.Н.Ф.