Мециновиќ: Буџетот за 2025 е рај за олигархијата, а пекол за обичните граѓани
Објавено во: Македонија 16 Ноември, 2024
На денешната комисиска седница, продолжи расправата во однос на Предлог-буџетот за 2025 година, а збор зема пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ. Тој, меѓудругото, се осврна на најавите за намалување на корпоративниот данок, а во врска со предвидените зголемени даночни приходи во Буџетот за 2025.
„Пред сѐ, треба да се искоментира дека во континуитет, еве веќе трета деценија, очигледно станува дека партиите кои се во џебот на олигархијата и кои функционираат само за интересите на олигархијата - немаат визија која може да даде резултати во било кој поглед. Не можат да оговорат на потребите на граѓаните, не можат да одговорат на потребата за развивање на економијата“ – истакна пратеникот од редовите на Левица, Мециновиќ.
„Се спомена даночниот раст и тука треба да се искоментира зошто имаме зголемување на расходи и приходи преку даночен раст, кого ќе оданочува владата на ДПМНЕ? Владата на ДПМНЕ ќе ги одночува обичните луѓе, а не крупниот капитал! И тука е моето клучно прашање затоа што во програмата на ДПМНЕ најавено е намалување на корпоративниот данок од 10% на 5%.“ – продолжи тој реплицирајќи на пратениците од владејачкото мнозинство.
Пратеникот од Левица на комисиската седница кажа дека побарал мислење од Европската комисија во однос на најавите на владејачката гарнитура за намалување на корпоративниот данок: „Јас, како пратеник, преку нашите пријатели во Европскиот парламент, испратив барање за одговор од Европската Комисија: Дали таа би ѝ препорачала на Владата на ДПМНЕ да го намали данокот на 5%? Затоа што заклучно со 1 јануари 2024 година, а по основа на Директива која е претходно донесена од ЕУ - се одредува минимален корпоративен данок од 15% и тоа сега важи за целата ЕУ.“
„Мицкоски, ќе го намалува данокот на 5%, а сака да привлече странски инвестиции. Па, го зголемил Буџетот за две дополнителни милијарди за привлекување на странски инвестиции. И сега, ние ќе ги привлечеме странските инвестиции, тие мораат да платат 15% данок од таму каде што доаѓаат, најчесто тоа се во европските земји, и Мицковски ги ослободува од тие 5% за да ги платат во своите држави?!“ – акцентираше Мециновиќ
„Моето прашање до мнозинството е: Зошто своеволно се откажуваат од буџетски средства на Република Македонија? Постои еден одговор: Ако една Влада, доброволно се откажува од своите средства, од својот јавен интерес, тоа значи дека приватниот интерес на тие политички чинители, на тие премиери и министри на држави и влади е всушност пред јавниот интерес!“ – заклучи пратеникот и постави прашање упатено до премиерот Мицкоски, дали тој заради негови лични побуди, заради негови лукративни причини, го намалува корпоративниот данок на 5%, спротивно на здравиот разум?