Добивај вести на Viber
Рускиот премиер, Дмитриј Медведев, денес истакна дека одлуката на Москва за откажување од проектот Јужен тек била правна.
„Одлуката што ја донесе Русија нема политичка, а особено не емотивна позадина. Станува збор за правна одлука“, истакнал Медведев на состанокот со министерот за енергетика, Александар Новак и шефот на „Газпром“, Алексеј Милер.
Медведев објаснил дека сите обиди на Русија да започне со работа на овој проект биле залудни.
„Бевме приморани да се повлечеме од проектот“, констатирал Медведев, пренесува агенцијата „Тасс“.
„Тажно е но животот продолжува понатаму и постојат низа други идеи. Подготвени сме за соработка, но под услови за кои може да се договориме“, нагласил шефот на руската влада.
Тој додал дека проектот Јужен тек бил одличен.
„Ние на овој проект работевме сериозно и посветено“, укажал Медведев.
Рускиот претседател Владимир Путин на први декември за време на посетата на Анкара објави дека „во сегашните услови Москва нема да го реализира проектот Јужен тек“ бидејќи не добила дозвола од Бугарија и ЕУ.
Според него Москва е подготвена да изграни друг систем кој ќе поминува низ територијата на Турција и да направи гасна централа на границата меѓу Турција и Бугарија.
Министерот за енергетика, Александар Новак, на состанокот ги советувал европските партнери што побрзо да почнат со изградбата на инфраструктурата до гасната централа на границата меѓу Турција и Бугарија.
„Тргнуваме од тоа дека договорот за транзит на гасот во ЕУ преку Украина истекува во 2019 година. Испораката на гас за европските потрошувачи ќе биде обезбедена на границата на Турција и Грција“, нагласил Новак.
„Европската комисија би требало заедно со земјите корисници во што пократок временски рок да донесе одлука за развој на сопствена инфраструктура преку која би се доставувале потребните количини гас. Сметаме дека треба да се направи тоа што побрзо бидејќи вака голем проект не се реализира за само една година“, предупредил министерот за енергетика.
Директорот на „Газпром“, Алексеј Милер, претходно истакнал дека гасоводот Турски ток, за чија изградба Москва и Турција се договориле во декември 2014 година, е единствената маршрута за идна испорака на 63 милијарди кубни метри руски гас, кои сега доаѓаат преку гасоводот во Украина.
Според него, тоа ќе овозможи да се избегнат ризиците, кои сега постојат за време на транзитирањето преку Украина.