Мицкоски: Одлука на владина седница да се засилат контролите на цените кај одредени производи
Објавено во: Економија 25 Декември, 2024
Премиерот Христијан Мицкоски синоќа со Фејсбук статус објави дека на владина седница е донесена одлука преку координација со Министерството за економија да се засилат инспекциските контроли на одредени основни прехранбени производи кои во меѓувреме добија значително повисоки цени во маркетите.
„Владата на денешната седница го задолжи Министерството за економија и труд да испрати насока до Државниот пазарен инспекторат, да излезе веднаш на терен и да утврди фактичка состојба, да се утврдат неправилности и злоупотреби со поскапувањата на одредени производи за широка потрошувачка и да се направи анализа за минатите 30 дена.
Нема да дозволам на грбот на граѓаните неодговорни трговци да направат екстра профит злоупотребувајќи ја нашата и граѓанската доверба. Нема место за таков вид на профитери“,порача премиерот.
Мицкоски вчера апелираше до малопродажните синџири да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи со порака дека „Срамота е ова што го прават трговците“.