Мицкоски по состанокот со банките: За рочноста се договоривме, за каматите уште не
Објавено во: Економија 17 Ноември, 2024
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со Македонската банкарска асоцијација пред медиумите рече дека е договорено со домашните деловни банки да го администрираат делот од унгарскиот кредит од 250 милиони евра наменет за кредитирање на стопанството со рочност до 15 години и три години грејс период.
Сепак, премиерот рече дека нема договор, кога станува збор за тоа колкав би бил каматниот процент кој како свој трошок би го додале банките за фирмите што ќе аплицираат.
„Несомнено е дека сакаат да учествуваат во проектот, во делот на рочноста. Во зависност од барањето , ќе користат три години грејс пеиод и до 15 години рок на отплата.
Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и ќе видиме. Очекувам до крајот на следната недела да имаме некој став и да го заокружиме сето ова и да се пренесе решението на стопанството
Во моментов се доближуваат ставовите, не би зборувал за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја да се доближат ставовите“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека целта е каматата на банките да биде што е можно пониска и да се доближи до оние 3,25 отсто камата како услов под кој се подигнати 250-те милиони евра од Унгарија.
„Тие имаат реални трошоци, но да видиме што може реално од тие трошоци да се намали“, искоментира Мицкоски.