Добивај вести на Viber
Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од владината мерка за ограничување на профитната маржа кај трговците со училишен прибор. Според она што го добил како инфо, цените се намалени во книжарниците.
„Најновите мерки на Владата ги даваат своите резултати, набавката на училишниот прибор сега е поекономична за македонските семејства.
Цените на училишниот прибор се значително намалени, што го олеснува товарот на родителите и овозможува секое дете да тргне подготвено на училиште. Семејствата, пак, ги чувствуваат позитивните ефекти бидејќи со намалените цени се овозможува повеќе средства да останат за други важни животни потреби“, објави Мицкоски на Фејсбук.
Задоволство по првиот ден од контролите изрази и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, кој сепак забележал дека се затекнати и многу трговци кои прават попис.
„Пазарна е на терен! Вршиме надзори на територија на цела Македонија по Одлуката на Влада за училишен прибор!
Забележано е значително намалување на цените на училишниот прибор, но затекнати се и трговци кои прават попис на училишниот прибор. Надзорите ќе продолжат! До трговците повторно апелирам веднаш да ги усогласат цените!“, истакна Трајковски.