Мини станови од 14 квадрати – ги има и во Македонија, но кој ги купува?
Објавено во: Економија 16 Јануари, 2023
Меѓу огласите на интернет има многу гарсониери со површина од 20, 26, 29, 30 квадрати, но има и помали со површина од 14 квадрати, лоцирани во внатрешноста на Македонија.
Луѓето кои сега продаваат или веќе ги продале овие имоти, велат дека граѓаните ги бараат малите станови. Тие најмногу одговараат за самци или за два лица, додека за семејство со деца е потребен поголем простор.
„Јас продадов станче од 14 квадрати, со кујна, дневна, бања, но без тераса. Овој стан иако е продаден пред неколку години, дури и сега ми се јавуваат заинтересирани и прашуваат. Просторот го реновирав, мал е станот, но доколку добро се искомбинира, убаво е. За вакви станови прашуваат самци или евентуално да живеат две лица“, вели Катерина од Скопје.
Друга скопјанка која исто така продала гарсониера, го дели ставот дека има интерес за купување на станови со мала квадратура.
„Продадов стан од 22 квадрати и нема некоја поделба по возрасни групи дали млади или стари луѓе ги бараат, туку купува оној кој собрал пари, а бираат гарсониера затоа што е со помала квадратура и чини поевтино“, смета скопјанка.
Во Битола и Кавадарци постојат мали станови со површина од 14 метри квадратни.
„Ние купивме такво станче од 14 квадрати за деловен простор, но мислам дека сега градежниците не градат толку мали станови, односно градат поголеми во Скопје. Овој имот што го купивме е од времето на Југославија. Тоа е една просторија со тоалет и нам ќе ни користи за дуќан“, вели жена од Кавадарци.
Во Охрид има мали станови од по 20 квадрати кои се издаваат за туристи. Во Штип станови со површина од 20 или 22 квадрати се продаваат или издаваат за студенти.
„Јас издавам гарсониера од 23 квадрати во Штип, а бидејќи Штип е студентски град, сметам дека е подобро овој вид на станови да се издаваат отколку да се продаваат. Колку се поблиску до центарот, толку е полесно и да се издадат. Кај мене се сместуваат странски студенти од Турција. Сега се градат згради во Штип, но јас не сум сретнала станови со помала површина од 40 квадрати“, вели Милена Смилеска Наковска од Штип.
Српските медиуми скоро пишуваа на оваа тема, дека иако гарсониерата треба да има 26 квадрати, сепак на пазарот на недвижности се нудат и мини гарсониери од 10 или 11 квадрати кои се скапи со оглед на фактот дека се наоѓаат во српската престолнина Белград. Дури беше наведено дека кај нив се популаризираат и мини монтажни куќи кои имаат само 16 метри квадратни површина. Се става акцент на мала површина, која е ефективно искористена.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/vanitjan
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.