Министерот за јавна администрација „од дома“ заработувал околу 120.000 евра годишно
Објавено во: Економија 14 Август, 2024
Двајцата министри што во Владата доаѓаат од редовите на ЗНАМ - Горан Минчев и Игор Филков, непосредно пред да бидат назначени на своите функции, биле управители, односно сопственици на скопски фирми.
Горан Минчев до преземањето на Министерството за јавна администрација ја поседувал фирмата „ГМ Анлимитед“ која и ја препуштил на Јулија Минчева. Ова претпријатие е регистрирано на истата адреса на која живее генералниот секретар на ЗНАМ.
„ГМ Анлимитед“ во 2023 со еден вработен остварил добивка од 117,2 илјади евра. Растот на заработката е поголем за 14 отсто, што значи дека и претходната година резултатот бил сличен.
Претпријатието е основано во 2016 во секторот „Објекти за сместување и сервисни дејности со храна“,а дејноста е „Ресторани и останати објекти за подготовка и послужување на храна“. Остварените минатогодишни приходи се нешто повеќе од 400.000 евра, а трошоците за 2023 изнесуваат повеќе од 270.000 евра. Раст од околу 20 отсто има и на едната и на другата страна.
На истата адреса на „Друштво за трговија, угостителство и услуги ГМ АНЛИМИТЕД ДООЕЛ Скопје“ е регистрирано и „Кафе бар СТАГЕ КАФЕ ТП“, но ова друштво остварува незначителни приходи.
Новиот министер за правда Игор Филков доаѓа во Владата како управител и еден од сопствениците на „Спектрум Медикал“. На веб страницата на Министерството за правда веќе е запишано дека Филков го предводел ова претпријатие од 2017 до 2024.
Претежната дејност што е регистрирана е „трговија на големо со фармацевтски производи“, но фирмата Филков ја напуштил со блокирана сметка. Блокадата трае повеќе од една година и најверојатно затоа лани приходите биле само 85.000 денари, за разлика од претходните години кога резултатите биле далеку подобри. Не е познато зошто е блокирана сметката на „Спектрум Медикал“.
А.К.