Мисајловски: Само годинава 22 милиони евра одвоени за регионални патишта
Објавено во: Македонија 18 Октомври, 2016
Актуелниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски посочи дека само годинава од буџетот биле одвоени 22 милиони евра за одржување и реконструкција на регионални патишта. Министерот ова го потенцираше при надзор на обновата на регионалниот пат Градско – Росоман – Дреново во должина од 12 километри, инвестиција во износ од 1,3 милион евра која е во завршна фаза. По целата должина на патот е поставен нов асфалт, а треба да се довршат уште стотина метри и да се постави нова патна сигнализација.
- Првпат годинава издвоивме рекордни 22 милиона евра преку ЈП за државни патишта за реконструкција на регионални патишта преку програмата на ЈП „Македонијапат“. Само оваа година издвоивме дополнителни 5,5 милиони евра за да ја подобриме патната мрежа низ државата. Градиме нови патишта, а воедно и ја подобруваме и постојната патна инфраструктура, нешто што го немало досега во Република Македонија - изјави Мисајловски.
Тој денеска направи увид и во изградбата на експресниот пат од Градско до Прилеп во делот на Дреновската Клисура, каде што се врши интензивно пробивање на трасата.
- Трасата се пробива според планираната динамика и континуирано се зголемува бројот на градежни работници и на механизација потребни за изградба на овој експресен пат. Исто така, во тек е тендер за изградба на втората фаза од експресниот пат од Градско до Дреново, очекувам градежните работи да почнат на почетокот на следната година и во рок од 24 месеци да имаме нов експресен пат од Градско до Прилеп - изјави Мисајловски.
Според Александар Стојанов, директорот на јавното претпријатие за државни патишта, интензивно се работи на изградба и реконструкција на регионалната патна мрежа во Република Македонија.
- Со завршување на регионалниот пат од Градско до Дреново веднаш ќе започнеме и со реконструкција на регионалниот пат од Росоман до Кавадарци во должина од околу пет километри и инвестиција од околу 35 милиони денари. Се планира целосна реконструкција и поставување нова патна сигнализација - изјави Стојанов.