МИСТЕРИОЗНА ИСТРАГА ЗА „Ф-ГРУПАЦИЈА“: Молк од обвинителството, до каде е истрагата и што открија за пожарот во Трубарево и „Ф-Групација“
Објавено во: Македонија 03 Октомври, 2025 11:41
Јавното обвинителство ја одржува мистеријата околу истрагата за „Ф-Групација“ - фирмата чии простории полни со електронски отпад гореа во Трубарево и предизвикаа еколошка катастрофа.
Освен соопштението во кое се вели дека се најдени низа неправилности, како сопственикот - „управител во сенка“ преку неговата ќерка, непрописно складиран електронски отпад и предизвикување значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери, обвинителството не дава повеќе информации.
Фактор испрати повеќе прашања до Обвинителството, меѓу кои: Дали се знае колку тони електронски отпад изгоре на 13 септември, колкава количина на литиумски батерии изгоре во пожарот и дали има индиции дека можеби се работи за намерно предизвикан пожар. Одговор до објавување на текстот не добивме.
Според неофицијалните информации до кои дојде Фактор, сите овие работи се разгледуваат или се веќе разгледани од страна на обвинителството. Од домашен притвор пак, според информациите до кои дојде Фактор, се решава и статусот на вработените - останаа без работа сите кои добија ветување дека ќе си го задржат работното место.
Марјанчо Дамевски, како првоосомничен, доби мерка притвор. Неговата ќерка Лора Дамевска, како формален управител на „Ф-Групација“ и второосомничена, заедно со трето и четврто осомничениот, В.М и З.С., добија мерка куќен притвор.
Дамевски и неговата ќерка се осомничени дека се соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина, односно вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.
Третоосомничениот пак, бил раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвроосомничениот, немал формален акт за засновање на работен однос во правниот субјект, но преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
Дамевски инаку е управител на „Нула Отпад“. Истовремено, преку неговата компанија „Ле-Ман“ е мнозински сопственик фирмата која реагираше дека опожарените простории не се нејзини, туку фирмата-соработник, односно на „Ф-Групација“.
Последното што го кажа обвинителството на оваа тема беше: „Продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи“.
Денот кога изби пожарот, скопјани, особено жителите на Трубарево дишеа отровен воздух. Сепак, количината на батерии што струеше низ воздухот, се уште е информација која не е споделена со јавноста.
Александар ТодескиМожеби ќе ве интересира
УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата
МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење
СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема
УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето
Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје
Обвинение за упадот во „Инфомкас“, напаѓачот бил пресметлив
Левица: Ќе доставиме докази против Томовски во Антикорупциска
Игор Ивановски и Андреј Петров отвораат фронт за преземање на СДСМ?
ВМРО-ДПМНЕ: Државниот ревизор потврди дека Груби прикрил 2 милиони евра од Лотарија




