Добивај вести на Viber
Македонија веќе подолг период се соочува со недостиг на сирово млеко. Состојбата особено е влошена оваа година поради сушата, што предизвика недостиг и поскапување на добиточната храна. Иако јавно никој не признава, упатените во бизнисот со млечната индустрија, признаваат дека недостиг од сурово млеко секогаш имало, а тоа е особено изразено годинава.
- Откупот паѓа и тоа драстично, на терен нема доволно млеко, и е намален за околу 20 отсто. Млекарниците се обидуваат некако да ги покријат потребите, увозот на сирово млеко е забранет, но на ниво на Македонија, дел од млекарниците потребите за млеко, ги покриваат преку увоз на најразлични форми на млеко како прав или друго, кои се користат за производство на пастеризирано млеко, вели Предраг Цветковиќ, претседател на Здружението на производители и преработувачи на млечни и месни производи.
Дека на терен постои криза за сирово млеко покажуваат и податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство, според кои увозот на млеко во прав во 2010 години во земјава се увезле 1.500 тони млеко во прав, а во 2011 година дури 2.300 тони, за што се одлеале околу 4 милиони евра. Законски не е дозволен увоз на сирово млеко, но дозволен е увозот на млеко во прав.
Цената мора да порасне
Дел од поголемите млекарници, велат дека немаат потреба од увоз на млеко во прав, бидејќи на секаков начин се трудат да ги стимулираат фармерите за производство на повеќе млеко.
- Неповолните климатски услови и поскапувањето на добиточната храна, се главните причини за недостиг на млеко. Но тоа не е само сега, тоа било одсекогаш, само што годинава е поизразено. Ние нашите потреби ги покриваме исклучиво од нашите кооперанти. Наш најголем кооперант е ЗИК Пелагонија од каде откупуваме 23 тони млеко дневно. На нашите кооперанти им доделивме стелни јуници, имаме раст на суровина од 30 отсто и дневно откупуваме и преработуваме околу 100.000 литри млеко, вели Јован Дабевски, директор на млекарницата “Здравје Радово”
Агробизнисмените предупредуваат дека состојбата со добиточната храна која на светско ниво направи дисбаланс во цените на речиси сите финални сточарски производи, како и недостигот од сурово млеко, најверојатно ќе придонесе и за поскапување на цената на млекото за крајните потрошувачите.
- Млекото мора да поскапи, и мислам дека тоа ќе се случи. Секако тоа нема да биде некое драстично поскапување, најверојатно од еден до два денари, објаснува Цветковиќ
И од Здравје Радово, потврдуваат дека поскапувањето не треба да биде големо, бидејќи ќе има контраефект.
- Корекции на цените постојано се прават, и ако одлучиме некаква промена на сегашната цена на млекото, тоа ќе биде минимално, бидејќи во спротивно ќе се намали продажбата. Така ако секој ден сте купувале млеко, доколку ние многу ги зголемиме цените ќе купувате само еднаш неделно, што нас не ни оди во прилог, објаснува Дабевски
Кризата почна со „Сведмилк“
Млекопроизводството доживеа колапс уште со пропаѓањето на Шведската млекарница. Во периодот кога се отвори, откупната цена на млекото достигнуваше и до 30 денари за литар, на сточарите им се ветуваше се и сешто, за на крај да останат и без пари и без добиток. Прво се создаде вишок на млеко, после неможејќи финански да издржат ги продаваа молзните крави, што доведе до намалување на добиточниот фонд. Па сега, наместо вишок имаме недостиг од сурово млеко. Според податоците од Здружението на производители и преработувачи на месни и млечни производи, во 2007 година домашното производство на годишно ниво било 220 милиони литри млеко, годинава велат дека е околу 150 милиони литри, па недостигот ќе се покрие со увоз, објаснуваат од здружението. Ниту милионските суми што последните години се одвојуваат од буџетот за субвенционирање на сточарството, сеуште не дадоа вистински ефекти, особено не во зголемување на домашното производство на млеко. И со Петгодишната стратегија за развој на земјоделството, не се гарантира дека ќе има некои драстични позитивни промени во домашното производство. Основната цела на оваа стратегија е да се стумилира производството на квалитетно млеко кое ќе биде конкурентно на пазарот. Македонија и понатаму останува увозно зависна од млеко и млечни производи, за што само во 2010 година од буџетот се одлеале близу 30 милиони евра.
Ј.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.