05 Декември, 2025
0.0374

Моника Ризовска Таневска: Да се формира национално тело за ВИ за Македонија да биде дел од глобалната трка

Објавено во: Анализа 17 Ноември, 2025 10:59

Добивај вести на Viber

Вештачката интелигенција (ВИ) е најзначајната актуелна технологија која предизвика глобална трка меѓу државите и корпорациите, но прашањето е дали воопшто Македонија е дел од оваа трка и како може да се позиционира за корист да има пред се македонското општество, но и да не бидеме изоставени со оглед на брзиот развој на ВИ и придружните технологии.

Токму за предизвиците, потенцијалот и неопходните реформи во оваа област, разговараме со Моника Ризовска Таневска, предводничка на огранокот на AI Collective во Скопје.Непрофитната заедница AI Collective функционира во над 100 градови низ светот со главна цел развој на ВИ базиран на доверба, отвореност и транспарентност, соработка и одржливост. Од тој потенцијал сега ќе може да учат и црпат ресурси македонските ВИ професионалци но, и општествени фактори заинтересирани за новите технолошки достигнувања.


Се повеќе за вештачката интелигенција се говори како трка, која се води меѓу државите, компаниите и корисниците. Од тој аспект каде е Македонија, дали сме вклучени во оваа трка и на која „позиција“ сме?

Ризовска Таневска: Македонија е сè уште е на стартната линија, иако постојат поединци и тимови кои веќе се активни и успеваат и на глобално ниво. Имаме талент, имаме креативни инженери, млади луѓе што се љубопитни и се самообразуваат, и дијаспора која е спремна и може многу да помогне. Она што ни недостига е обединетост со јасна насока, визија и системска поддршка и соработка. Додека големите земји трчаат маратони на патека со тренер и стратегија, ние уште сами си ја цртаме линијата за старт. Ако сакаме да бидеме дел од оваа трка, мора да ја поставиме патеката - тоа значи да имаме инфраструктура, стратегија и превземање на реална акција, не само зборови.

Во Македонија беше донесена нацрт стратегија за развој на вештачката интелигенција и нејзина примена во општеството, државниот и приватниот сектор, но тој документ не беше преточен потоа во сеопфатна национална стратегија со прецизен план на реализација. Треба ли да се изработи таков документ и на кој начин?

Ризовска Таневска: Да, но, стратегија без план за реализација е само документ што фаќа прашина во фиока. Ни треба оперативна стратегија за три години, со јасни чекори, одговорни институции и буџет. Прво, владата треба да воспостави национално тело за вештачка интелигенција, кое ќе координира меѓу институциите и приватниот сектор. Второ, треба да се стимулираат пилот-проекти, мали, брзи тестови во здравство, образование, јавна администрација - за да видиме што функционира и како може да си олесниме со работата. Трето, мора да се отвори пристап до податоци и пресметувачка моќ, без тоа, не можеме ни да почнеме. И на крај, образование и талент, од училиштата до универзитетите па се и до администрацијата, сите треба да ја разберат и да умеат правилно да ја користат технологијата и вештачката интелигенција.

Кои се главните пречки за развој на вештачка интелигенција од македонски стартапи, и како истите може да се надминат. Треба ли да се забрза македонската дигитализација и на кој начин може да се поттикне технолошкиот развој?

Ризовска Таневска: Од моја перспектива, најголемата пречка е што немаме пристап до ресурси - нема инфраструктура, нема институционална поддршка, а ни капитал. Стартапите често се борат сами со скапи сервери и малку поддршка. Второ, државата ретко купува иновација. Наместо да им даде шанса на македонските тимови да направат пилот, јавниот сектор најчесто купува готови странски решенија. За да се смени тоа, треба државата да стане „прв клиент“ на локални иноватори, со јасни повици за пивотирање и брзи резултати. Плус, ни требаат одржливи фондови кои ќе го поддржат развојот на стартапите – не со сложени процеси, туку со доверба и соработка. Дополнително отсуството на акцелератори каде може да се работи од идеја до опиплив продукт влијае на тоа да повеќето наши стартапи се базирани само на софтверски решенија. Одлично е што сме креативни и успеваме и со овие услови да видиме успешни приказни, но како би било кога навистина ќе имаме системска поддршка и во секој процес ќе се промовира иновацијата. 

Вештачката интелигенција како нова технологија која е се повеќе достапна, барем генеративните алатки, ја наметнува темата и за едукација на населението, особено што се шират најразлични толкувања и погрешни верување за нејзината примена и еволутивните и револуционерни промени кои ќе ги наметне. Може ли образованието да фати чекор со промените на ВИ, но и кои се ресурсите за едукација кои секој поединец може и треба да ги употреби за повеќе да се едуцира?

Ризовска Таневска: Може, ако престанеме да мислиме дека мора сè да биде совршено од првиот ден. Вештачката интелигенција може да влезе во образованието постепено, преку едукација со работилници, практични примери и дигитална писменост. Наставниците треба да се обучат први, за да знаат како да ја интегрираат технологијата. Учениците треба да учат како да користат ВИ со цел да создаваат и креираат решенија, не само пасивно да користат. И секој возрасен може да почне со бесплатни ресурси, курсеви достапни и бесплатно или со почнување на користење на промптирање на било кој LLM модел, од chatGPT, Perplexity, Claude, Grok, Gemini, Copilot.

Важно е да научиме да ја користиме технологијата критички, не слепо. Да прашуваме, да проверуваме извори и да гледаме на ВИ како на алатка што ни помага.

Вештачката интелигенција не е само тренд, тоа е нова инфраструктура на општеството. Ако Македонија успее да создаде систем што ги поврзува образованието, стартапите, државата и индустријата, можеме да направиме огромен чекор напред. Наместо да чекаме да се адаптираме, време е сами да ја изградиме својата иднина, со визија, партнерства и малку храброст.

Кои се ресурсите за едукација кои секој поединец може и треба да ги употреби за повеќе да се едуцира?

Ризовска Таневска: Денес нема изговор да не се едуцираме за вештачка интелигенција. Сè е достапно онлајн и бесплатно, само треба желба и 15-30 минути дневно.

Почнете со обуки кои не бараат техничко знаење, а сепак даваат солидна основа и се достапни преку платформи како Open AI, Google Skills, Microsoft Copilot, Perplexity.

Најдобриот начин да се научи нешто е да се користи. Користете чат ботовите и  секојдневно - направете си сопствен “AI coach” кој ќе ве учи додека работите.

И секако, приклучете се на локални иницијативи како Women in Tech Macedonia, AI Collective Skopje, или другите – каде може да учиме едни од други, да споделуваме ресурси и да градиме заедничка култура на знаење.

Во суштина сите ресурси се веќе достапни. Потребно е само љубопитност и континуитет. Вештачката Интелигенција е новата писменост на 21-от век и секој што ќе ја совлада, ќе биде подготвен за иднината што веќе доаѓа.

Во европски контекст се говори пред се за етички стандарди за развој на вештачката интелигенција и посеопфатна регулатива споредено со САД и Кина. Дали тоа претставува пречка во конкурентноста на европската вештачка интелигенција?

Ризовска Таневска: Европа е навистина побавна, но тоа не значи дека е комплетно лошо тоа. Разликата е што Европа оди со повеќе претпазливост и етичност,, што на долг рок создава доверба и одржливост. САД и Кина се побрзи во адаптација, што носи поголем ризик и помалку контрола. За Македонија, можеби ова е шанса бидејќи ако ја следиме европската насока со етички стандарди, може да бидеме регионален пример за „безбедна и транспарентна“ примена на ВИ. Брзината е важна, но довербата и кредибилитетот се она што долгорочно гради економија. Х.С. 


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?