МОСТ даде позитивни забелешки на Државната изборна комисија
Објавено во: Мои пари 22 Септември, 2018
Уште седум дена останаа до одржување на референдумот.Во меѓувреме продолжува меѓународната дипломатската офанзива во земјава, а интензивно работи и Државната изборна комисија. Со периодичен извештај од набљудувањето на референдумската кампања излезе и граѓанската асоцијација МОСТ која даде позитивни забелешки на ДИК.
Во набљудуваниот период ДИК работеше во колегијална атмосфера и сите одлуки ги донесе едногласно, што е за поздравување. Исто така, позитивно се оценува и транспарентноста на работата на ДИК, имајќи предвид дека првпат сите седници се јавни и за првпат се почитува обврската од Изборниот законик за редовно објавување на записниците од седниците на Интернет.
Сепак субјектите кои пропагираат граѓаните да не гласаат на референдумот имаат значително помал процент на активности.
МОСТ ги повикува граѓаните да се информираат за референдумот.
-МОСТ ги охрабрува сите граѓани да се информираат за секој аспект од референдумот, активно да се вклучат во носењето одлуки и својот глас да го дадат согласно нивното лично уверување и волја. Секаков притисок, уцена или заплашување на граѓаните се спротивни на демократските вредности и принципи.