МОЖЕБИ ЗАБОРАВИВТЕ ДЕКА ИМАТЕ КРЕДИТ ЗА ОТПЛАЌАЊЕ - банкарите ги потсетија граѓаните - раздолжувањето продолжува
Објавено во: Економија 05 Октомври, 2020
Ако некои од граѓаните можеби заборавиле дека од месецов треба да продолжат редовно да си ги отплаќаат своите кредитни рати кон банките, тие веднаш ги потсетија дека раздолжувањето мора да продолжи.
На нивните мејлови веќе кон крајот на минатата недела стигнаа банкарските предупредувања, а граѓаните добија и телефонски јавувања од банкарските службеници, во кои тие им укажуваат дека веќе од денеска треба да си ја платат ратата од кредитот, нешто што отсега натаму редовно ќе го прават секој месец, се додека целосно не се раздолжат кон банката.
„Почитувани, Ве информираме дека периодот на одлозена отплата на Вашите кредитни обврски завршува заклучно со 30 септември 2020 година. Почнувајќи од 1 октомври вашите кредитни обврски ќе бидат вратени во редовна отплата. Доколу имате влошување на вашата финансиска состојба, може да поднесете барање за користење на нов период на одложено плаќање преку веб страницата на банката“, се вели во известувањата кои ги добиле дел од клиентите на банките.
Како што е познато, почнувајќи од април годинава па се до крајот на септември, односно за период од шест месеци, граѓаните имаа можност да користат пролонгирање на кредитните рати, поради влошената економска ситуација поради корона кризата. Почнувајќи од октомври, пак, можност за ново шестмесечно одложување на плаќањето на кредитните обврски добија само оние граѓани кои имаат влошена економска состојба, или се болни, нешто што требаше да го докажат и пред самите банки.
А дека граѓаните што немаа вакви отежнати услови веќе од почетокот на месецов ќе мораат повторно редовно да си плаќаат кон банките, кон крајот на септември потсети и Македонската банкарска асоцијација.
„Заклучно со 30 септември 2020 година завршува периодот на одложена отплата на кредитните производи за население согласно понудата која деловните банки ја објавија за сите свои корисници на почетокот на април годинава, во согласност со регулативата на Народна банка. Во меѓувреме, дел од клиентите одлучија да се вратат во редовна отплата на кредитите, додека сите други, согласно Договорите за кредитните производи почнувајќи од октомври/ноември ќе продолжат со редовна отплата на обврските“, соопштија банкарите преку својот еснаф.
Во ова соопштение тие додадоа и дека имајќи ги предвид продолжените несакани ефекти од пандемијата на ковид-19 врз економијата и животот на граѓаните, тие ќе овозможат втор период на одложена отплата на кредитни производи, само за клиенти кои имаат реална, неопходна потреба, како на пример: останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и сл.
„Вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата“, нагласија од МБА.
За граѓаните кои ќе бараат ново одложување беше кажано дека ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата: намалени приходи, изгубено работно место и/или настанати потреби за лекување во изминатиот период, по што овие барања ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука.
„Граѓаните ќе бидат во можност да користат до шест месеци продолжување на рокот на отплата на своите кредитни обврски, за сите или за дел од кредитните производи кои ги користат, во зависност од пристапот и понудата на секоја банка. Секако, граѓаните при променети, подобрени услови ќе можат да побараат од својата банка да се вратат во статус на редовна отплата и пред истекот на периодот од предложените шест месеци“, соопштија од банкарското здружение.
На неодамнешната средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, банкарите го информираа дека банкарскиот систем е стабилен, со високо ниво на капитализираност и ликвидност, како и дека мораториумот во изминатите шест месеци имал значаен ефект врз состојбите со нефункционалните кредити.
А како што е познато, откако пред шест месеци банкарите го објавија првиот јавен повик за пролонгирање на ратите, тоа го побараа дури 70 отсто од граѓаните.
За време на првиот шестмесечен период на одложување, банките не ги опростија каматите, туку ги пресметуваа и граѓаните ќе треба да ги отплаќаат заедно со другите рати во наредниот период на отплата.
За сегашното второ одложување банкарите се уште немаат прецизн податоци колку проценти од корисниците тоа го побарале и го добиле, но според некои неофицијални информации, станува збор за околу 30 отсто од клиентите.
Н.Н.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.