МВР НЕ ПОПУШТА - лиценци за инструктори мора да има, одговорноста да не паѓа на автошколите
Објавено во: Економија 07 Октомври, 2020
Министерството за внатрешни работи не отстапува од намерата дека сите инструктори во автошколите, но и другиот стручен кадар, ќе мора да полагаат испит за да ја обезбедат потребната лиценца за работа, обрска што сега за прв пат им се воведува. Оттаму даваат објаснување зошто била неопходна лиценцата за инструктори, која нив ќе ги чини над 120 евра.
Дел од инструкторите реагираа дека државата им наметнува нов трошок, што се случува во време на корона криза, кога и онака имаат финансиски проблеми, поради тримесечно неработење за време на вонредната состојба. Нагласија дека тие имаат свои дозволи за работа, за чие обезбедување своевремено положиле девет испити, па се прашуваат зошто сега да се соочат со нов трошок и нови обврски.
Од МВР за Фактор објаснуваат дека ова барање за лиценцирање се случува по искуствата од минатото, кои покажале дека доколку поединци од автошколите направеле некои незаконски постапки, одговорнота најчесто паѓала кај самата автошкола. Тоа важело и за обуките на кандидатите, но и за нивното испитување.
„Искуствата од претходните законски решенија (без индивидуални лиценци) се покажаа како незадоволителни, како за квалитетот на спроведената обука или испит, така и за правните лица кои вршат обука и испитување на кандидати за возачи, од причина што при евентуално утврдени незаконити постапувања од страна на поединци од стручниот кадар во автошколите или испитните центри, одговороноста се лоцираше најчесто кај правното лице, а поединецот сторител на незаконитото дејствие имаше можност да премине на работа во друг правен субјект, Со цел зголемување на квалитетот на обуката и испитувањето на кандидатите за возачи, како и утврдување на индивидуална одговорност при евентуално незаконите постапување, воведено е законско решение за лиценцирање на стручниот кадар во автошколите и испитните центри“, потенцираат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР
нагласуваат дека во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, заедно со измените и дополнувањата, во членовите 232 и 246 се предвидени условите за работа кои треба да
ги исполни стручниот кадар во автошколите и испитните центри. Односно, тоа се однесува на кадрите како што се возач-инструктор, предавач,
стручен раководител, членови на испитна комисија, контролор, како и раководител
на испитен центар. Со овие членови, меѓу другото, е
предвидено дека треба сите тие да поседуваат лиценца за
соодветното работно место.
„За добивање на лиценца предвидено е претходно полагање на стручен испит со цел одржување на нивото на знаење кое треба да го поседува стручниот кадар“, објаснуваат од МВР.
Додаваат дека во членовите 254 и 255 од тој закон е пропишано дека стручниот испит се врши согласно утврдена програма, врз основа на која базите на прашања ги изготвуваат двајца универзитетски професори од областа на патниот сообраќај, кои се избираат на јавен оглас, како и претставници на МВР.
„Испитот се спроведува во правно лице регистрирано за таа намена. Со цел обезбедување на наведените предуслови за полагање на стручен испит, ова законско решение имаше одложена примена до 30.11.2019 година, а со последните предложени измени до март 2021 година“, нагласуваат од Министерството.
Оттаму објаснуваат и дека кон крајот на 2018 и почетокот на 2019 година, базата на прашања била изготвена и верификувана, по што биле утврдени и термини за спроведување на стручниот испит во испитниот центар, кои поради актуелната ситуација со пандемијата биле одложени.
„Горенаведените законски решенија и постапките за нив се донесени и започнати во 2015 година, подоцна изменети или дополнети, поради шти Министерството за внатрешни работи продолжува да ги спроведува се додека имаат законска сила“, децидни се од МВР.
Од министерството нема подетално објаснување зошто оваа категорија вработени се изложува на нов трошок, и дали тоа не можеше да се избегне, особено затоа што станува збор за време на корона криза.
Инаку, завчера беше последниот ден во кој сите инструктори требаше да поднесат документи до МВР за полагање на испитот за да добијат лиценца за инструктор.
Јонче Апостоловски,
претседател на Здружението на автошколи, возачи и инструктри, ни изјави дека Здружението на оваа тема одржало средба и со
министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на која предочиле дека е
подобро прво да се оди со измени во законот околу составот на испитната
комисија, па подоцна да се оди на лиценцирање.
Апостоловски вели дека од Здружението од поодамна го барале лиценцирањето, но сметале дека тоа треба да го прави нивна комора, која тие би ја формирале, а не постапката да оди преку МВР.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.